Како да се искористи популарноста на блогерите во туризмот?Исто како и колумнистите во престижните списанија, најпознатите блогери денес имаат огромна заедница на следбеници. И не ми е целта да ги споредувам со новинарите. Тие не се новинари на новиот век како што современите хроничари сакаат да ги нарекуваат, но дефинитивно се новата и моќна врста на медиуми. Сериозни дигитални медиуми. И тоа не смееме да го заобиколиме.
Факт е дека милион блогови функционираат во онлајн орбитата и секојдневно се сѐ побројни и побројни. Покриваат скоро секакви теми, од мода и убавина, преку спорт до патувања …. Субјективни се, емотивни се, привлечни, визуелно атрактивни, свежи, непосредни, интерактивни, а нивните автори, ако се вистински умешни, имаат ѕвезден статус. Минатото лето една блогерка од Полска благодарение на своите објави на својот блог https://www.subscribepage.com/domacedonii… и на нејзините социјални мрежи донесе неколку групи на полски туристи сред пандемија во Охрид, кога тука царуваа само домашни туристи. Деновиве е повторно тука.
Јустина Млецак [Justyna Mleczak] е нејзиното име. Дипломирала Балкански студии, патувала на различни локации по светот, но тука нешто посебно ја привлекло и така произлезе нејзиниот блог, кој на нејзиниот мајчин полски јазик зборува за Македонија. Јустина, преку својот блог зборува за теми од туризмот кои последните години се многу барани глобално, а тоа се автентични, автохтони услуги и содржини, зошто новите туристи сакаат приказна и исконско доживување. Тие веќе не се пасивни, сакаат да ги истражуваат локациите, локалните обичаи и храната…и сите тие теми се од Македонија.
Новинарка: Љубица Ангелкова
Кои беа твоите први врски со Македонија?
Наследство. Јас сум прапраправнука на Јустинијан Велики…
Сериозно. Кога дојдов за прв пат тука, не знаев ништо за Македонија. И тогаш почнав да барам информации за неа… информации кои ме фасцинираа. И кога откривав чекор, по чекор колку е прекраснa и комплекснa сета таа културна, религиозна, па дури и семантичка мозаика, не можев да се откажам.
Ја паметам мојата прва лекција по македонски јазик. Имав прекрасен учител, Звонко Димовски, кој би требало да се награди за промовирање на Македонија меѓу полските студенти . И само да знаете, не сум ниту прва ниту последна што дојдов тука во Македонија, токму поради него.
По завршувањето на првиот час по македонски, излегов од училницата, го зграпчив телефонот и се јавив кај мајка ми: „Мамо, овој јазик звучи толку неверојатно у-ба-во!”
Кога прв пат ја посети Македонија?
Само што завршив Балканските студии, моите родители ми дозволија да го испланирам нашиот семеен одмор. Јас и татко ми сме авантуристи, но мојот брат и мајка ми сакаа да поминат повеќе време на плажа. Ја избравме Албанија. Беше 2015 година, непосредно пред Албанија да стане една од најпопуларните дестинации за одмор во Полска. Но, тогаш не знаевме ништо. Отидовме со кола, планирајќи да преноќиме во Скопје, а потоа продолжиме кон Валона.
Дојдовме во Скопје рано, подготвени за разгледување, но … тотално се изгубивме. Адресата на нашиот стан на Booking беше погрешна, не можевме да ја најдеме улицата и никој не можеше да ни помогне, нашиот домаќин не одговараше на телефон. Кога конечно ги добивме клучевите, веќе беше доцна вечерта. Сепак, навистина сакавме да гризнеме малку од новата земја. Немавме мапа, водич, ништо. Бевме гладни. Решивме само да одиме додека не најдеме некој отворен ресторан. Нашиот апартман беше веднаш до денешната Неуромедика. Поминавме преку Старата железничка станица, некако ја промашивме улицата Македонија, дојдовме до Поштата, продолживме да шетаме … и сè беше затворено! Покрај тоа, моите родители не можеа да купат пиво или вино за да го однесат во станот. Се откажавме веднаш до Камениот мост, не знаејќи ништо за Старата чаршија, која била на само неколку чекори подалеку. Сега Скопје по неколку посети, го гледам со сосем поинакви очи.
Следниот ден, направивме пауза во Охрид. Моите родители и брат ми седнаа да пијат кафе и ми рекоа 30 минути има за прошетка. Јасно ја памтам мојата рута. Пристаниште, Робеви, св. Софија, црква св. Варвара. И тогаш знаев дека ќе се вратам повторно тука. На пат кон Албанија, со впечатоците од Охрид си реков, дека по моето враќање се запишувам на магистерски студии на балканистика. И точка.
Минатото лето, донесе неколку групи на полски туристи насред пандемија. Како ти успеа тоа?
Ова прашање има неколку теми, колку време имаме? Хаха….
Накратко – во 2016 започнав да работам како туристички водич низ Албанија со кратки патувања низ Македонија и Косово. Во истата година, исто така, започнав со моето истражување на Македонија за потенцијалот на туризмот, за решавањето на конфликтите, па се заинтересирав за социологијата на патувањето, но и за анти-расизмот. Во 2016 година, исто така, започнав блог за Македонија, кој денес е и основа на мојот бизнис.
Во 2020 година, по многу месеци размислување, решив да прекинам со масовниот туризам, како водич, бидејќи премногу работи беа против моите верувања и вредности зошто масовниот туризам е штетен за земјите. Мојот бизнис го започнав во јануари 2020. Во февруари, имав можност да одржам две предавања на студентите за тоа како наративот за туризам го обликува нашето размислување за другите и како туризмот може да наштети и како може да помогне во градењето на разбирање. Требаше да имам многу повеќе вакви предавања, но започна пандемијата.
Не ги запрев своите активности, туку “се преселив” на Интернет. Организирав неделни онлајн прегледи на македонски весници, за Велигден 2020 стапив во контакт со една пријателка од Охрид, ја вклучив “во живо” за да ни раскаже за Велигден во Македонија. Организирав виртуелна турнеја низ Охрид. Мојот блог и страницата на Фејсбук беа веќе познати, но заради овие активности почнав да станувам популарна. Не заработив ништо од тоа, но ми недостасуваше Македонија и сепак верував дека некако можам да се поврзам со неа во иднина и сакав да ја промовирам и неа – и луѓето во кои се заљубив.
Во јуни, една госпоѓа од Полска која ме следеше на социјалните медиуми, ми напиша дали имам слободни термини во јули. Нејзиниот сопруг, Македонец, беше координатор на прекуграничните проекти кои се финансирани од ЕУ и така добив покана да дојдам. Контактирав две организации преку мејл. СТЕП организацијата од Тетово веднаш ме контактираше и до денес имам одличен контакт со нивните членови, како и од албанска страна на проектот. Причекав на одговор од Катерина Василеска од Genuine Experiences, но кога пристигна официјалната потврда дека се заинтересирани да ги посетам, по три дена бев во авионот, поканета како „полски туристички инфлуенсер“ да промовирам нов проект на полскиот пазар, промовирајќи одржлив туризам.
Тоа беа многу интензивни денови, работев од 6 до 1-2 часот наутро, посетував многу луѓе, пишував текстови, објавував на Фејсбук, Инстаграм, на блогот. Благодарение на Genuine Experiences, имав можност да запознаам прекрасни луѓе со убави идеи и перспективи. Пред да се вратам во Полска, за време на ова патување им предложив на координаторите од проектот, Катерина Василеска и Јасмина Поповска, да се обидам да организирам патување во рамките на проектот. Објавив на моите медиуми и првата група за четири денови се формира. Секој учесник, де факто беше индивидуален турист, плаќаше лично за секое искуство, билет за лет и други, но она што беше прекрасно – тие ми веруваа целосно и ми ја дадоа организацијата на нивните патувања. Следното патување го организирав во октомври на слична основа. И, штотуку заврши уште едно патување, повторно преку социјалните медиуми направивме нова група на туристи од Полска кои сакаат да ја посетат Македонија за време на Велигден.
Како гледаш на Македонија како точка за туризам и кој е нашиот пазар?
Пред се, го разбирам туризмот како можност, но не како цел. Веќе изградив темели и ѕидови за овој мој мал бизнис, во кој сé уште го уредувам ентериерот. Но, верувам дека ќе стане поголем и подобар.
Верувам дека туризмот може да се искористи за градење мир, разбирање, едукација за расизам, различност, инклузивност и еднаквост. Учам како да престанам да зборувам, за луѓето да имат можност да зборуваат за себе, да ги раскажат своите приказни. Не сакам „одговорен туризам“ кој се однесува со ставање на луѓе во кафези со наслов „вистинска традиционална Македонија, како што беше пред 100 години“ за туристите да можат да доаѓаат и да гледаат луѓе, како животни во зоолошка градина. Или како на изложба, сакам туризмот да биде искуство.
Од друга страна, би сакала луѓето да разберат дека различноста е богатство.
Македонија е одлична во овој поглед и може да биде пример за другите земји, на само во Европа, туку и во светот. Може да се промовира со мозаик од приказни за јазици, етнички групи, религии, дијалекти, но и регионални производи, архитектура и природа.
Верувам дека еден точен наратив е невозможен, исто како што е и митот дека постои точна интерпретација на стихови во поезија..
Зошто толку тврдоглаво верувам дека има многу вистински, ама различни приказни за едно нешто? Како ентузијаст на историјата, не верувам во нејзина објективност. На пример, замислете автобус полн со туристи. После патувањето, секој од нив треба да го опише и оцени патувањето. Дали сите ќе го запомнат истото, ќе го оценат истото? Нека поминат сто години. Колку од овие приказни ќе преживеат – една, две, неколку….? А, останатите беа невистинити?
Што ни недостига?
Исто што и во повеќето земји. Теоретски, сите зборуваат за уникатност, а во исто време туристичките агенции ја изедначуваат понудата да биде иста. Хотелите треба да бидат слични, храна во принцип иста, а туристот заклучен во стерилен меур. Не смееш да зборуваш за политика, за покомплицирани теми, за обичен живот …
Постои еден тренд во туризмот што е различен. Интересно, овој тренд главно го водат жени. Туристичките агенции управувани од жени, чиј таргет често се други жени, прават тивка револуција. Тие не сакаат да бидат клиенти, тие сакаат да бидат гостинки кои со почит доаѓаат кај домаќинките и ќе прашат: Како си? Која е твојата приказна? Што можам да научам од тебе и што можеш да научиш ти од мене? Како можеме да помогнеме една на друга?
На сите нас – особено на жените и на другите исклучени групи – ни недостасува почит кон сопственото искуство, доверба во моќта на нашите приказни. Се колнам, јас бев сведок како размената на приказни за жени кои доаѓаат во Македонија со жени во Македонија влијае на сите. Тогаш се случува магија. И тоа е повеќе од само туризам.
Но, тешко е да се спроведе тоа, бидејќи таквиот туризам не е удобен. Потребно е напор од сите страни. А ние сме научени дека плаќаме само за удобност. Затоа, патувањето не секогаш едуцира, бидејќи учењето бара и други напори.
Што имаме на претек?
Луѓе. Ништо повеќе и ништо помалку.
Како подобро да се наметнеме кај странските туристи?
Ова веројатно не е прашање за мене. Она што „сега се плашам, но го правам“ е обид да им покажам на другите (и на мене исто), дека сега е време кога мора од нешто да се одучиме пред да научиме друго. Да одучиме да се однесуваме кон другите со супериорност, особено во услужниот сектор, кој вклучува туризам. Да се одучиме да се однесуваме кон другите како кон слуги. Наместо, да го видиме човекот, а не само еден давател на услуги. Да го видиме човекот, а не оној што плаќа. И тоа навистина не ја исклучува заработката, а и реалните пари за тоа. Напротив, кога некој ќе види личност, човекот во другата страна, тој го цени повеќе од производот. И тој повеќе го цени она што го добива.
Можеби сум наивна, но добро се чуствувам во оваа моја наивност.
Кои алатки за промоција сметаш дека се соодветни за посакуваниот таргет на квалитетни туристи?
Интересно прашање – вистина би сакала да го знам совршениот одговор!
Некои луѓе мислат дека квалитетен турист е оној кој плаќа, а некои сметаат дека идеален турист е оној кој не прави премногу штета…
Еден ден седнав над парче хартија и се обидов да го опишам мојот идеален клиент, идеална цел. И тогаш го помислив спротивното. Ги запишав карактеристиките на луѓето што не би сакала да ги поканувам во домовите на моите пријатели. Она што се обидувам да го сторам јас е отворено да кажувам промовирајќи моите понуди – оваа не е за вас ако…
Но, можеби најтешкото, барем за мене е почитување на моите работи, знаење, професионализам. And how to price my knowledge. Тешко е да се најде идеалот овде. Но, сигурно, ако се ценам премногу ниско и другите ќе ме ценат на тој начин. Кога сум сигурна во својата вредност и можам отворено да зборувам за тоа, но исто така знам како да одбијам кога нешто е под моите стандарди, тогаш има и такви кои се подготвени да го ценат тоа, да плаќат.
Имаш контакти со многу наши локалци кои се некако инволвирани во туризмот. Често доаѓаш, како им помагаш?
Се обидувам да доаѓам колку што можам. Имам повеќе планови за наредните месеци – и доаѓањата во Македонија ги третирам како инвестиција во себе. Дури и ако не ја развивам својата деловна активност доволно, учам нешто секој ден, главно од разговори и состаноци со луѓе. Ниту еден курс и ниту еден универзитет не можеше да ми го даде тоа. Дури и ова интервју и поставените прашања ме учат на нешто, ме тераат да застанам и да размислувам.
Како им помагам на луѓето овде? Навистина не знам дали помагам, бидејќи дефинитивно правам грешки. За помагање потребни се знаење и вештини. Се обидувам да бидам mindfull. Најважната област за мене во моментов е промовирање на женско претприемништво и образование за анти-расизам и различност. Затоа со голем интерес ги следам старт-апите и други активностите на жените, се обидувам да ги запознаам, да ги охрабрам да се развиваат и да ги промовирам нивните активности. Би сакала да видат дека барем јас верувам во ние. Бидејќи некогаш некој веруваше во мене, и тоа беше првиот чекор кон стотици други.
Какви ти се плановите за ова лето?
Ако условите дозволуваат, би сакала да организирам најмалку две патувања, но не по секоја цена. Поважно ми е да доаѓаат со мене гости кои ќе ги ценат луѓето што ги среќаваат.
Започнав нов проект кој е сè уште на самиот почеток, но тој има за цел да воспостави интересна соработка меѓу Македонија и Полска.
Но, исто така, сакам да си го зачувам балансот помеѓу приватниот живот и работата која ја сакам, да имам време за одмор, за моето семејство и за мојата девојка во Полска. Сè започнува од нивната поддршка и завршува со нив.
Омилено македонско јадење?
Пиперки. Печени, полнети со урда, маринирани со лук, чипс или макало од сува пиперка, и секако домашна лутеница или ајвар.
Омилена македонска песна?
“Учи ме мајко карај ме” од Леб и сол и “Јовано Јованке”. Со мајка ми сакаме да ја пееме “На Струга дуќан да имам”. Mајка ми толку многу ја сака оваа песна што ги научи своите ученици на училиште да ја пеат.
Омилено место во Македонија?
Кратово, Прилеп, Јанче и дворот на семејството Неданоски во Рамне.
Локација во Македонија која сакаш да ка посетиш?
Оморани, Ранчо и Ванчо на Ката, Берово и сакам да одам на Водици во Битуше.