Аудио содржините се новата сензација во технолошкиот простор, а големите имиња веќе инвестираат во однапред снимените подкаст содржини, но и во аудио содржините кои се пренесуваат во живо.
Предводник на новиот тренд, се чини, е американската апликација „Клабхаус“ – социјална мрежа многу поразлична од Инстаграм, ТикТок и Твитер. Корисниците таму не можат да најдат слики или видеа од другите, туку апликацијата е наменета само за гласовни содржини.
„Клабхаус“ е социјална мрежа која фунцкионира само преку аудио, а позната е по неограничените разговори, поддршката од славните личности и пристапот до неа е само и единствено преку покана од некој кој веќе е присутен таму. Популарноста на „Клабхаус“, во главно, се должи на големата поддршка што ја доби од светски познатите Илон Маск, Опра Винфри и Бил Гејтс.
„Блумберг“ пишува дека фановите опишале како во „Клабхаус“ се чувствуваат поблиски со нивните идоли, за разлика од помалку интимните и интерактивни социјални мрежи. Аудио содржините овде не можат да се снимаат или зачувуваат, а тоа е дополнителен предизвик и шанса за корисниците да слушнат „муабети“ за кои најверојатно нема да имаат следна прилика. И на крај, во ера на бесконечни „Зум“ и „Тимс“ состаноци, многумина бараат прибежиште и освежување во апликацијата која функционира само преку звуци.
Корисниците на апликацијата можат да влезат во аудио-соби во кои се разговара за разни теми кои варираат од музика па сè до совети за бизнис и бизнис идеи. Исто така, можат и да се вклучат во дискусијата, а тоа кој ќе може да зборува го одлучуваат модераторите на собата. Во „Клабхаус“ можат да се најдат простории со десетици активни учесници.
„Клабхаус“ е ексклузивно место за дружење помешано со алатки за вмрежување и подкаст. Во апликацијата може да се започне разговор со пријатели или странци кои споделуваат исто хоби и исти интереси или пак да се слушаат разговори помеѓу светски познати личности и извршни директори на разни компании.
Првите луѓе од Силиконската долина се присутни на апликацијата од нејзините почетоци и веќе имаат огромно влијание врз средината на „Клабхаус“.
Растечката популарност на „Клабхаус“ многу потсетува на онаа на ТикТок од минатата година, кога платформата за кратки видеа почна забрзано да привлекува сè повеќе корисници. И покрај тоа што е достапна само за уредите со „iOS“ оперативниот систем, а до неа се пристапува само преку покана, „Клабхаус“ веќе брои над 10 милиони корисници, што за вакви околности, се многу.
Исто како што главните социјални мрежи – Инстаграм, Снепчет и Јутјуб почнаа во своите платформи да вклучуваат слични, речиси исти опции како и на ТикТок, така и „Клабхаус“ стана сензација, чиј пример почнуваат да го следат веќе докажани платформи.
Твитер беше првата социјална мрежа што ја претстави опцијата „Спејсис“ (Spaces), која треба да биде ривал на „Клабхаус“. Фејсбук исто така најави дека веќе работи на алатка слична на аудио апликацијата.