Јасмина Василевски: Никогаш да не го носиме она што се носи, туку она што НЍ СЕ НОСИ!

- Advertisement -

Јасмина ја познавам отсекогаш. Првите спомени ни се од музичкото училиште, а потоа се среќававме низ Битола, на некои места каде што се создаваше и култура и субкултура.

Не спојуваа и заеднички пријатели. На неа секогаш се забележуваше насмевката, порцеланскиот тен и облеката која реално не личеше на никоја слична.

- Advertisement -

Таа отсекогаш си имаше свој стил. Моето сеќавање има тенденции филмски да премотува и факти и стварност. Така денес, од оваа дистанца можам да кажам дека уште тогаш, Јасмина знаеше да носи нешта кои ги немало… или и да ги имало, таа со личната желба за трансформација ги менувала.

Нејзината висина била и причина сите нешта да и се кратки, а тој миг на 3/4 гледано денес низ призмата на нејзиниот моден бренд, доаѓа како таа лично да го иновирала.

- Advertisement -

На јавноста, пред точно една година таа му приредува едно “изненадување”. Го напушта светот на бројките и буквите и влегува во светот на формите. Го отвора модното студио 3/4 tricetvrti by Jasmina.

Тоа за мене е уникатност на едноставноста, а стручно гледано тоа е старт-ап бизнис кој создава мода во лимитирана количина надвор од концептот на fast модната индустрија.

- Advertisement -

Никогаш во тренд, секогаш своја. Никогаш она што се носи, туку она што ѝ се носи.

Новинарка-Љубица Ангелкова

Како се роди 3/4?

Брендот 3/4 tricetvrti by Jasmina се роди од чиста љубов!

Љубовта кон цртање како хоби, свирење клавир, работење со глина, дизајнирање, но најповеќе желбата за естетско изразување преку облеката. Тоа во мене создаде една совршена симбиоза на сѐ погоре наведено.

Кога оние кои вистински те познаваат и те сакаат, а мислам најповеќе на мојот сопруг и двете ќерки, кога сложни заедно со тебе започнуваат да го живеат твојот сон, сѐ беше возможно и изводливо.

На свои 45 год. оставајќи сѐ она што предходно сум работела, одлучив своето хоби да го претворам во професија. Професија од љубов која ќе ми носи приход. И навистина сум среќна и исполнета како никогаш досега.

Успехот кој го постигнав во кариерата, над 25 години менаџирав и анализирав финансии, ми даде сериозна потврда дека сум во целост спремна сама претприемнички, организациски и менаџерски да настапам. А тоа, според мене е многу битен фактор за започнување и градење на бизнис од било каја сфера.

Неколку години правев детални анализи на пазарот, се усовршував себеси во сегментот на дизајнирањето и кроењето , за на крај да ги поставам трите најбитни критериуми врз кои започнав да го градам мојот бренд. Често го нарекувам свето тројство: изработка на моделите која според квалитетот ќе се издвојува од масовното производство, користење на што поприродни материјали и реална пазарна вредност.

И така се започна.

3/4 нема за цел масовно производство и стекнување на екстра профити како во fast fashion бизнисот. Оттука и идејата да создаваш мини-колекции со по неколку карактеристични модели. Какви се твоите клиенти? Кој е твојот таргет?

Буквално удавени во “пластиката” и copy-paste или must-have моделите, а пред се тргнувајќи од себе, бев сигурна дека со брендот 3/4 by Jasmina ќе дејствувам различно и препознатливо. Свесна и на сопствен ризик ги поставив работите исклучиво онака како што размислувам.

Моделите и нивната силуета, изработката, материјалите кои по својот состав и природа се повеќето заборавени од помладата генерација, се главните елементи во моите колекции. Истовремено нагласувајќи ја мојата идеа дека никогаш не треба да бидеме во тренд туки секогаш СВОИ.

Никогаш да не го носиме она што се носи, туку она што НЍ СЕ НОСИ. А со тоа СЕ САКАМЕ СЕБЕ СИ!

Оваа моја идеја, која беше претставена за прв пат во јавноста пред скоро една година , период кога го отворив и моето студио каде ги осмислувам, изложувам и продавам моите парчиња облека, година на КОВИД пандемија, резулираше со изненадувачки фидбек.

Сите оние жени и млади девојки кои се доволно храбри да врз себе носат облека која ќе ги издвои од масата без разлика на нивната возраст или професија , се моите клиенти. И она што не го очекував, но потајно се надевав, е возрасната граница на моите клинети која се движи од 16 до над 72 годишни жени. Нешто со кое сум многу, многу задоволна.

Заговорник си на идејата да се купува малку, но квалитетно, да се купуваат и поддржуваат македонски дизајни и и стилот да се гради врз истакната индивидуалност. Колку е тешко да се променат потрошувачките навики кај нас?

Искрено , не се трудам никого да променам и поради тоа немам размислувано дали тоа е тешко или не. Јас единствено го создавам она што призлегува од мене.

Така да, мојата одлука е да продолжам да се трудам на тоа поле, да покажувам и докажувам дека секоја жена, посебно на моја и поголема возраст, може и треба да изгледа достоинствено добро. Но тоа може да го постигне само доколку доволно се сака СЕБЕ СИ!

Токму и во тој контекст на индивидуалноста, јас , со моите несовршености по изглед, свесно се изложив пред целата јавност со тоа што лично на себе ги презентирам сите креирани модели. Многу лесно и без некаква порака беше за мене да платам 20 годишен женски модел. Совршен во сите свои пропорции. Модел кој кога ќе ја стави облеката од 3/4 врз себе, многумина од нас ( без разлика дали се осеќаме комотно или не во нашите тела) потсвесно во себе некогаш ќе помислиме: ,,Дали некогаш вака јас ќе изгледам во оваа облека?,, А тоа е нешто што создава несигурност.

Твојот старт-ап бизнис беше препознаен и од УСАИД и од ПРЕДА форндацијата. Колку тоа ти помогна да опстоиш во годината кога започна, а светот се соочи со пандемија?

Тоа беше една добра финансиска инекција, која во период кога буквално сѐ беше застанато, таа глобална финансиска криза кај мене помина полесно. Но, јас средствата не ги наменив за редовна работа, туку во развој. Се инвестираа во дигитализација на продажбата, онлајн да може да се купува и насочив средства во креирање на посебна колекција А Ла Франга, која е наменета за една поинаква таргет група, која сака да ја слави модата која има корени во традициите. Без поддршка на двете институции, овие инвестиции ќе беа многу потешки. Благодарна сум.

Дали може да ни кажеш процентуално продажбата на 3/4 дали доминира онаа во директен контакт со клиентите или онлајн продажбата зема замав?

Ова е доста интересно. Во оваа нецела година од постоењето на брендот 3/4, процентуалната продажба, секој месец се менуваше. Така да комулативно земено до овој момент 60% од вкупната продажба се реализира онлајн. Додека 40% директено.

Пролетва ја покажа и првата мини линија на етно колекција А ла франга. Kоја ти беше целта со тоа?

Модата од европско влијание што во 19ти век била типична за Париз, Лондон, Виена, ја прифаќале младите луѓе, трговците и оние кои имале можност да се школуваат во странство. Според гардеробата што ја носеле во 19ти и почетокот на 20ти век, поимотните битолчанки наликувале на вистински парижанки.

Моделите биле изработени од свила, атлас, кадифе, со чипка и тантела.

Елементите (а ла франга, а ла турка), кои се наоаѓаат на овие традиционални облеки се наше значајно наследство кое за жал ја губи конекцијата со сегашноста и е во опасност да биде заборавено. Токму со цел да се зачува и претстави овој мотив на идните генерации, на еден привлечен и атрактивен начин (посебно на помладата генерација која речиси и ништо да не знае за тоа), брендот 3/4 by Јasmina со имплементирање и везење на овие мотиви врз својата колекција се обиде ова историско богатство да го претстави на што е можно по примамлив и атрактивен начин.

Моите истражувања и анализи на пазарот покажаа дека овие елементи треба да бидат аплицирани на мошне суптилен, начин и стил кој нема да го оптовари моделот, туку баш напротив …. само ќе го збогати! Оваа линија ја работев со поддршката која ја добив од Битола старт-ап центарот и програмата •И од Битола се може(и)•

Кои се следните чекори?

Скалирање на понудата надвор од Битола и Македонија. Развој на дигиталните канали за продажба, проширувањето на палетата на производи/зголемувањето на обемот на производство и интересот за нашите производи на национално ниво.

Сподели!
- Advertisement -