Бројот на авионските патници во светот дури во 2023 година ќе се врати на нивото од 2019 година, пред пандемијата на ковид-19, што доведе до пад на сообраќајот, процени Меѓународната асоцијација за воздушен превоз (ИАТА).
Се очекува оваа година бројот на превезените патници низ светот да претставува 52 проценти од бројот пред кризата, а тој да се зголеми на 88 проценти следната година, во 2022 година. Дури во 2023 година бројот на патници треба да го надмине нивото од 2019 година – да се зголеми на 105 проценти и да достигне 5,6 милијарди патници на крајот на оваа деценија, благодарение на очекуваниот годишен раст од 3,9 проценти од 2025 до 2030 година.
Сепак, според проекциите на ИАТА, кризата со ковид-19 во текот на оваа деценија ќе донесе загуба од две до три години раст. Според Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИКАО), бројот на патници во 2020 година се намалил на 1,8 милијарди, како што беше во 2003 година.
На долг рок (2019-39), се очекува бројот на патниците низ светот да порасне за 3,2 проценти годишно, но побарувачката, изразена во приходите по патнички километар, ќе биде помала.