Македонија на европското дно според процентот на прочистување на отпадните води

- Advertisement -

Македонија, заедно со Србија и Косово, се наоѓаат на европското дно според процентот на население кое има пристап барем до секундарен третман на урбаните отпадни води, покажуваат податоците на Евростат и на Државниот завод за статистика. Во 2018 година, само 21,7 отсто од урбаните отпадни води во нашата земја биле подложни на пречистување пред да се испуштат во реките, езерата и подземните води.

Податоците покажуваат дека помал процент од населението што има пристап до пречистување на отпадните води имаат единствено Србија (12,9 отсто) и Косово (0,6 отсто). Од земјите во регионот, во Албанија 33,6 отсто од граѓаните на оваа соседна земја имаат пречистителни станици за отпадни води во нивните населени места, додека 36,9 отсто од жителите на Хрватска во 2018 година имале пристап барем до секундарен третман на фекалиите што ги продуцираат во нивните домови.

- Advertisement -

Меѓу соседните балкански земји, Бугарија од 2000 до 2018 година за речиси двојно го зголемила процентот на население кое има пристап до инфраструктурни објекти во кои се пречистуваат отпадните води, од 36,1 на 63,7 отсто. Забележителен успех има постигнато и Латвија, која во 2000 година имала 56,2 отсто, за да во 2018 година се најде на второто место меѓу земјите-членки на ЕУ со 98,7 отсто од населението коешто има пристап до секундарен третман на отпадните води.

Заедно со оваа балтичка земја, Данска, Германија, Грција, Луксембург, Холандија, Австрија и Шведска се членките на ЕУ во кои речиси целокупното количество на отпадни води што се создава од домаќинствата и компаниите се пречистува пред да се испушти во надземните и подземните води, односно во околната животна средина.

- Advertisement -

Исклучително брзото темпо на изградба на инфраструктура за пречистување на фекалните води во земјите-членки на ЕУ не треба да зачудува, бидејќи Европската Комисија уште во 1991 година ја има донесено Директивата за урбани отпадни води (91/271 EEC), при што во членот 5 од истата е поставена времена рамка за неопходноста од изградба на станици за пречистување на отпадните води за поголемите населени места во состав на државите-членки на ЕУ. Со оваа директива, на земјите-членки на ЕУ им се наложи до 2000 година да изградат станици за пречистување на отпадните води за населени места поголеми од 15.000 жители.

И Македонија како кандидат за членство во ЕУ, во претстојниот период ќе треба да ја забрза изведбата на пречистителните станици за отпадни води, кои во најголемите градови како Скопје, Тетово и Битола сè уште недостигаат. „Мета.мк“ повеќе од една година наназад пишува за потребата од изградба на ваквите капитални објекти, со кои ќе се реши проблемот со загадувањето на водите од населените места. Од Владата ветија дека до крајот на 2021 година ќе започне изведбата на пречистителните станици за отпадни води во Тетово и Битола, додека во македонскиот главен град најдоцна до првото полугодие на 2022 година треба да стартува реализацијата на овој капитален проект.

- Advertisement -

(Meta.mk)

Сподели!
- Advertisement -