Вчера се одржа настан за консултации во врска со тн. Финален патоказ за мерки и реформи за намалување на бирократскиот товар, организиран од страна на Македонија 2025.
Финалниот патоказ за намалување на бирократскиот товар е подготвен врз основа на истражувањето кое го спроведе Македонија2025 за мерење на товарот кој бирократијата го наметнува на претпријатијата. Патоказот дава приказ на сегашната состојба со бирократскиот товар и нуди нацрт решенија и препораки за намалување на истиот.
На настанот присуствуваа претставници од деловните организации, државните институции и граѓанските организации и Владата, кои дадоа личен осврт на темата и корисни препораки за креаторите на политиките. Дополнително, на настанот се презентираа наодите и препораките, како и мислењето и искуството со цел финализирање на препораките насочени кон владата. Кабинетот на Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции е директен корисник на наодите и препораките во име на Владата.
Пред присутните, Никица Мојсоска Блажевски, лавен извршен директор на Македонија2025 го презентираше концептот и важноста на проектот „Кон намалување на бирократскиот товар“, истакнувајќи: Македонија2025 продолжува интензивно да работи на забрзување на растот и конкурентноста на македонските бизниси, и токму затоа сметаме дека преку овој проект ќе можеме да препорачаме на носителите на политика да создадат бизнис опкружување кое ќе стимулира раст и развој на малите бизниси.
Сашо Клековски, стручен соработник и аналитичар кој ја подготви анализата, ги презентираше главните наоди и препораки до владините институции нагласувајќи дека Македонија е лидер меѓу земјите вклучени во истражувањето во смисла на најнизок бирократски товар, што е резултат на значајни позитивни реформи во минатото. Но, пристапувањето кон ЕУ може да доведе до зголемување на бирократијата.
Настанот е дел од проектот „Кон намалување на бирократскиот товар”, чија главна цел e да се измери бирократскиот товар врз компаниите, и да се предложат мерки и реформи за намалување на истиот. По извршените консултации ќе биде изработен детален Акциски план за мерки и реформи кои ќе го намалат непотребниот административен товар за македонските претпријатија.
Македонија2025, за овој проект, е корисник на финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас.