Приватната американска компанија Space Perspective веќе почна да продава летови со луксузни стратосферски капсули кои ќе им овозможат на луѓето да уживаат на висина од 30.500 метри над Земјата или како што велат тие, „на работ на вселената“.
Капсулите на таа висина ќе ги носат големи балони со хелиум, а целиот лет ќе трае околу 6 часа. За разлика од другите слични проекти кои веќе ги видовме, Space Perspective во април годинава веќе го реализираше првиот тест лет без екипаж, кога балонот голем колку фудбалско игралиште успешно ја доведе капсулата Neptune One до висина од 22 км.
Луксузната капсула која ќе превезува до 8 патници ќе има бројни содржини за удобно патување, вклучувајќи веце, безжичен интернет и многу прозорци за да уживаат во погледот од 360 степени.
Од Space Perspective велат дека веќе ги распродале сите летови за 2024 година, кога ќе почнат првите комерцијални летови, но може да се купуваат места за 2025 година.
Иако цената за еден човек е 125.000 долари, од компанијата велат дека има голем интерес кај корпоративните клиенти, организаторите на родендени и други прослави, а примиле дури и резервации од организатори на венчавки.
Ако планирате да се венчате во 2025 година на висина од 30 км над Земјата и да уживате во величествениот поглед на Земјата во текот на церемонијата, можете да се пријавите на овој линк.
(Vidi.hr)