Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска објави дека постигната е целта 70 отсто од возрасното население во земјите-членки на ЕУ да се вакцинира барем со една доза на вакцина против ковид-19, јавува „Јуроњуз“.
Таа додаде дека заклучно со денешниот ден 57 отсто од сите жители на ЕУ над 18 години имаат примено две дози на вакцина против ковид-19.
Фон дер Лајен објасни дека ЕУ си ја исполнила целта што ја зацртала пред граѓаните, но и додаде дека мора да продолжи напорот да се имунизираат што е можно поголем број луѓе. Таа предупреди дека делта варијантата на корона вирусот е многу опасна. Претседателката на Европската комисија ги повика сите граѓани на ЕУ да се вакцинираат, како за заштита на сопственото здравје, така и за заштита на другите.
Покрај ЕУ, во напредна фаза на вакцинација против ковид-19 во моментов се и Велика Британија и САД. Во Велика Британија, 88,1 отсто од возрасните лица примиле барем една доза вакцина против ковид-19, додека 70,5 отсто од граѓаните над 18 години се целосно вакцинирани. Во САД досега се целосно вакцинирани со две дози 60 отсто од возрасното население.
(Meta.mk)
(фото: Freepik)