Канта за рециклирање, која истовремено е и џубокс што пушта македонски и светски хитови, е уникатниот спој на екологијата и музиката која ја има само во основното училиште „Гоце Делчев“ во Неготино. Идејата е на наставничката по музичко образование Павлинка Вељаноска, која иновацијата на професорот Димитрија Ангелков од Кавадарци – паметната канта за рециклирање, ја искористила дечињата да ги образува како да рециклираат, но и што е добра музика.
„Идејата дојде од секојдневниот поглед на улиците и околината на училиштето. Имаше отпад насекаде и се чувствуваше потреба од едукација на децата. Тогаш решивме да конкурираме на јавниот повик на ФИТР за финансирање на иновативни проекти за основните и средните училишта ,,Предизвик за млади истражувачи 3″, со нашата идеја за џубокс машина за селектирање на отпад, која наиде на позитивен прием во Фондот. Нашата цел беше да се создадат подобри навики за складирање и селектирање отпад, но и во сето тоа да се вметне забава и добра музика“, вели Вељаноска.
Паметната канта, која неодамна беше поставена во холот на училиштето селектира пластика, стакло, лименка и хартија и има капацитет од четири кубни метри отпад. Поседува современа технологија, базирана на вештачка интелигенција, со која самата го двои отпадот во четири различни канти. Паметните канти на Ангелков се веќе поставени во голем број градинки и училишта, а во план е да се изработуваат уште, за сите кои ќе изразат интерес да спроведуваат едукација на ваков начин.
Деновиве наставничката Павлинка и учениците работат на надворешниот дизајн, поточно на идеи како да го украсат нивниот џубокс. Во моментов тој има избор од 250 песни и тастатура, па секој што во кантата ќе фрли пластично шише или друг отпад, може да си одбере една од песните.
„Изборот на песни го направив за еколошката едукација ја надоградиме и со градење добар вкус за музика. Многу внимавав во изборот, па така во џубоксот има нумери од Љубојна, Синтезис, македонски народни песни, како и светски рок хитови, но нема да најдете турбо-фолк, што се случуваше често да слушнеме како децата го пуштаат на одморите. Џубоксот има можност плеј листата да се збогатува до 4.000 песни, па така планирам да вметнам и класична музика. Што и да одберат нема да згрешат“, вели Вељаноска.
Таа објаснува дека кога почнале да разговараат за идејата, всушност, сфатиле дека децата не знаат и што е џубокс. Сега со големо задоволство го користат, се забавуваат бирајќи песни, а заедно со тоа и селектираат отпад. Ова, смета таа, за нив е големо искуство кое го прифаќаат на најпозитивен начин и се гледа дека се трудат да дадат свој придонес. Тие учествуваат во целиот процес од самиот почеток, па сега имаат идеја да формирааат и еко клуб во училиштето. Во него планираат да вклучат и ученици од пониските одделенија, и еколошката едукација да ја започнат од најмала возраст.
„Иако сите активности минатата година беа онлајн, на секоја средба посветена на екологијата и џубоксот имаше по стотина деца. Видовме дека нивниот интерес е огромен, сакаат да учат и да учествуваат. Заради тоа ќе воведуваме и нови едукативни содржини и ќе ги поддржуваме нивните иницијативи и идеи. Мораме многу повеќе да обрнуваме внимание и на часови и на вон наставни активности бидејќи очигледно образовниот систем досега не ги следел нивните интереси. Она што во целиот овој процес не загрижува е што засега немаме обезбедено кој да го подигне селектираниот отпад и соодветно да го однесе во фабрика за рециклирање. Ќе преговараме со јавното комунално претпријатие, но и со поединци, па се надеваме дека од септември ќе го решиме и тој проблем“, нагласува Вељаноска.