Браќата Ерхан и Ерол Су се познати охридски бизнисмени кои се сопственици на хотелот „Су“, лоциран во центарот на градот, покрај шеталиштето, но и големи љубители на квалитетно кафе. Нивната семејна традиција која почнува пред повеќе од девет децении, за печење на висококвалитетни зрна кафе, набавени од целиот свет, ги поттикнала да ги спојат туризмот и угостителството и на охриѓани, но и на сите туристи кои го посетуваат градот, да им понудат можност за уживање во уникатни вкусови на кафе.
Тие неодамна ја отворија куќата на кафето Roastery Artisan Coffee House што се наоѓа во истата куќа каде се пече кафето, па посетителите можат да уживаат во свежо кафе во текот на целиот ден. Ерхан вели дека печењето на кафето е сложен процес и буквално e еден вид на занаетчиство, што сега е дел од туристичката понуда Охрид.
Разговараше – Сања Наумовска
Ерхан, поврзаноста на вашето семејство со печење кафе датира многу одамна. Раскажете ни ја вашата историја и врската со овој напиток.
Приказната за Roastery започна пред неколку години, како семеен бизнис што влече корени уште од претците во 1930-тите години од минатиот век, кои прв пат почнале да се занимаваат со печење на кафе. Денес, тој прерасна во уникатен бренд на висококвалитетно 100 отсто Арабика кафе и внимателно одбрани зрна од целиот свет, од кои се создава совршен напиток. Кафето веќе четири години се пече на истата локација во срцето на Охрид, а ова лето ја отворивме и куќата на кафето Roastery Artisan Coffee House. Се наоѓа во истата куќа каде го печеме кафето, а посетителите можат да уживаат во свежо печено кафе во текот на целиот ден.
Какви видови кафе им нудите на своите клиенти и од каде го набавувате кафето?
Roastery ја претставува нашата љубов кон кафето, па внимаваме секогаш да одбираме висококвалитетни зрна од светските производители на кафе како што се Бразил, Колумбија, Етиопија, Перу, Гватемала… Потоа, започнува процесот на печење на кафето во традиционалната Охридска куќа во Стариот град, каде посетителите можат да уживаат во дегустација на кафето во нашиот Roastery Artisan Coffee House или да си набават убаво дизајнирана вреќа за кафе за да ја консумираат во својот дом или канцеларија. Секако, тука е и традиционалното свежо мелено турско кафе, кое исто така гостите можат да го дегустираат или набават од нашата Куќа на кафето. Сега за сега Roastery се пласира само на пазарот во Охрид, бидејќи станува збор за еден вид на занаетчиство кое не е наменето за широката потрошувачка, а среќни сме што можеме на еден уникатен начин да придонесеме кон збогатување на туристичката понуда во градот. Сепак, во текот на изминатите години поединечни познавачи на кафето од Скопје, Битола и другите градови низ Македонија се редовни нарачатели на нашето кафе. Исто така, често го испраќаме нашето кафе и на вљубеници во Roastery брендот во Шведска, Норвешка, Германија и Израел.
Кои се карактеристиките на добро кафе? Дали како и за виното се работи за вкусови, односно нешто што е добро за некој може да не е омилено за друг?
Секое кафе кое што доаѓа од различни страни на светот си има свои уникатни карактеристики, различен период на берба, различна надморска висина на којашто расте, арома и слично, па тоа ги прави видовите разновидни и свои на некој начин. Љубителите на кафе најчесто имаат преференци кога станува збор за нотата на кафето, но доброто кафе е секогаш одлично прифатено од познавачите, без разлика на личниот вкус. Уште од самиот почеток на брендот Roastery пред четири години многу внимаваме на едукативниот процес за кафето, па преку разни брошури, фотографии и видеа сакаме да го доближиме кафето не само до оние кои веќе се познавачи на доброто кафе, туку и до оние кои имаат интерес да научат нешто повеќе за овој напиток.
Што е разликата, на пример, во кафето одгледано во Бразил од она во Етиопија?
Ние го набавуваме кафето од повеќе светски производители на кафе како што се Бразил, Етиопија, Колумбија, Гватемала, Перу и Индија, па нудиме разновидни вкусови за љубителите на 100 отсто Арабика кафе. Секое кафе има посебни карактеристики, одредена нота и јачина, кое му дава уникатен вкус. Па така, кафето кое ни доаѓа од Бразил има нота на јаткасти плодови како лешник и бадем, со сладок вкус и средна јачина, додека кафето кое ни доаѓа од Етиопија, како мајка земја на сите кафиња од каде и потекнува кафето, го печеме по одредена различна рецептура за да ги доловиме нотите на темно чоколадо со цитрусни тонови. Покрај продажбата и дегустацијата во нашиот Roastery Artisan Coffee House, посетителите можат да научат и нешто повеќе за сите вкусови за кафе и да го одберат својот омилен вкус кој би го набавиле за дома.
Неодамна го отворивте и Roastery Artisan Coffee House. Што им нудите тука на вашите посетители?
После неколку години на ексклузивна застапеност на брендот во кафе барот Liquid Old Town, Liquid Boutique Bar & Kitchen и Su Hotel, Roastery го отвори првиот сопствен локал, каде покрај кафето презентирани се и уште неколку иновации во угостителството во Охрид, како што е специјалниот вид на сладолед кој за прв пат се носи во Македонија, а е светски познат по својата застапеност во реномираните локали низ светот како Mc.Donald’s и Ikea. Исто така, за прв пат во Охрид и во Македонија го носиме трендот на Санди (Sundae), а имаме и други освежителни понуди како смуди напитоци, свежа лимонада и дури сокови, како и здрави оброци како чиа пудинг.
Какви се реакциите на потрошувачите?
Нашето кафе веќе четири години е присутно во неколку локали во Охрид, кои исто така спаѓаат под Су Холдинг, па може да кажеме дека веќе е доста добро примено кај домашната и странската публика која имала можност да го проба. Има многу луѓе кои се вистински љубители на кафето, па често се заинтересирани да дознаат нешто повеќе околу самиот процес на печење на кафето, разликите во различните вкусови и процесот на самото правење на кафето, па доаѓаат специјално во нашите локали за да вкусат нешто поразлично од останатата понуда во градот, бидејќи станува збор за нешто сосема поинакво од стандардните производители на кафе за широка потрошувачка. Печењето на кафето е сложен процес и буквално еден вид на занаетчиство, а вистинските љубители на кафе веднаш го препознаваат и ценат овој момент.
Кога станува збор за Охрид, се се поврзува со туризмот. Како вашиот бизнис со кафе се вклопи во туристичката понуда во градот?
Овој бренд е роден во срцето на Стариот град во Охрид во стара куќа во охридски стил и дел од семејната традиција на едно битолско семејство. Нашиот дедо продавал кафе и наут на битолскиот пазар во 30-тите години на минатиот век, па е неизбежен дел од туристичката понуда на градот. Странските и домашни туристи можат да уживаат во нешто што е уникатно само за овој преубав град заштитен од УНЕСКО, а со постојаните новитети и унапредување на понудата се надеваме дека ќе допридонесеме на збогатување на целокупната туристичка понуда на Охрид и дека ќе привлечеме посетители во Охрид кои би дошле за да уживаат во ова уникатно искуство.
Кои се вашите планови, планирате ли да ја проширите туристичката кафе-понуда?
Како што веќе напоменавме, ние многу внимаваме и на едукативниот процес и доближување на кафето до сите оние кои навистина сакаат да научат нешто повеќе, па во иднина планираме да вклучиме и кафе-тури кои ќе го следат самиот процес на печење на кафето од зелено зрно донесено од сите страни на светот, до готов убаво спакуван производ кои можат да го дегустираат во Roastery Artisan Coffee House. Исто така, паралелно работиме и на првата линија на производи посветени на овој бренд кои ќе бидат посветени на градот Охрид и целата приказна околу печењето на кафето, како и традиционалното турско кафе, па домашните и странските турсти при посетата на Roastery Artisan Coffee House ќе можат да понесат дел од ова искуство со себе.