Преодната влада во Бугарија го изготви Националниот план за опоравување и отпорност, којшто предвидува затворање на рудниците за јаглен во земјата до средината на 2025 година, објавува Капитал.бг во својата опсежна анализа од областа на енергетиката. Овој документ всушност ја предодредува одлуката за прекинување на користењето на јагленот како енергенс во производството на енергија.
За сметка на термоелектраните, планирано е во Бугарија да се изгради гасна електрана на локацијата на постојната термоелектрана „Марица-исток 2“ и раскинување на договорите со американските термоелектрани. Бугарскиот медиум пишува дека владата го изготвила Планот и го доставила до Европската комисија во Брисел, но не ја известила јавноста за ова.
Згаснувањето на работењето на рудниците на јаглен, а со ова и затворањето на термоелектраните, е планот на преодната бугарска влада за енергетска транзиција на земјата од јаглен на гас. Ова ќе значи и затворање на постојниот рудник „Мини Марица-исток“.
Планот на преодната бугарска влада предвидува инвестиции во форма на грантови во износ од 1,9 милијарди бугарски лева, како и дополнителни 2,2 милијарди бугарски лева средства наменети за кофинансирање на енергетската транзиција.
Во текот на изминативе години Бугарија одбиваше да го забрза процесот на напуштање на јагленот, и инсистираше на крајниот рок зададен од ЕУ за декарбонизација – 2050 година. Покрај за производството на електрична енергија, причината за досегашната одлука на бугарското раководство беше поради фактот што јагленот се користи и за производство на топлинска енергија во градовите.
Инаку, со Парискиот договор за климатски промени од 2015 година, земјите од светот се обврзаа да ги испочитуваат климатските цели за спречување на порастот на глобалната температура на воздухот на повеќе од 2 степени. ЕУ потоа ја зададе 2050 година како краен рок за спроведување на декарбонизацијата, планирајќи до оваа година да ги намали емисиите на стакленички гасови за 80 отсто во споредба со 1990 година, додека 50 отсто од енергијата да ја добива од обновливите извори.
(Meta.mk)
(фото: Pixabay)