Автор – архитект Зоран Николовски
“Битолчанец не е географска одредница, битолчанец е состојба на духот.”
Имајќи ја предвид безвременската особина на Битола постојано да биде во фокусот на вниманието и постојано да е предводник на прогресивни и инвентивни идеи, несомнено го заслужува епитетот “авангарден”. Да се планира, а особено, да се проектира за Битола, е особено чувство на пиетет, уште повеќе, ако се знае дека пред неколку години Битола ја прослави милениумската годишница од првото појавување на името Битола.
Најновиот тренд во архитектурата на светско ниво, е изградба и дизајнирање на самоодржливи објекти, т.е. архитектура која ќе користи исклучиво “зелена” енергија од обновливи извори: Сонце, вода и ветар. Географската лоцираност на Битола, со своето “гнездо” помеѓу Пелагонија и Баба планина, како и реката Драгор е идеална за максимално користење на овие природни ресурси. Битола за ваков тип на објекти ги има сите предуслови, и историски и социолошки и културолошки (а без сомнение) и непресушната потреба од модернизирање и иновации . Ова е мојот скромен придонес кон овие модерни текови во светската архитектура, употребени во мојот град, онака, …по битолски.
Коритото, како и кејот на р. Драгор можат да добијат нов и современ лик. Со бетонирање на коритото и инсталирање на нови канделабри за осветлување, како и поставување на ограда долж целата рекасо многу цвеќиња, во централниот дел на Битола, р. Драгор дополнително ќе ја нагласи убавината на нашиот град. За осветлувањето нема да се користи електрична енергија, ами “зелена енергија”, со помош на сто водни турбини, поставени на дното на реката.
Старите канделабри за улично осветлување, кои функционираат на електрична енергија, да се заменат со нови канделабри, кој светлината ќе ја добиваат со помош на турбини на ветар и фотоволтаични панели. Секој канделабра ќе има безбедносна камера, со 24 часовен надзор.