Црвен аларм за човештвото: најновиот извештај на ОН предупредува на последиците од климатските промени

- Advertisement -

Човековата активност ја менува климата на невиден, а понекогаш и неповратен начин, се вели во големиот научен извештај на Обединетите Нации, пишува „Би-би-си“.

Историската студија предупредува за зголемените и сѐ поизразени топлотни бранови, пожари, суши и поплави, како и прекршеното ограничување на температурата за нешто повеќе од една деценија. Забележано е дека океаните ќе продолжат да се затоплуваат и ќе станат покисели, а топењето на поларните глечери ќе продолжи со децении или векови.

- Advertisement -

Оваа проценка за планетата Земја ја даде Меѓувладиниот панел на Обединетите Нации за климатски промени (ИПЦЦ), кој е составен од група научници чии наоди се одобрени од светските влади. Извештајот е првиот голем преглед на науката за климатските промени од 2013 година, а неговото објавување доаѓа три месеци пред клучниот климатски самит познат како „COP26“, кој во ноември треба да се одржи во Глазгов, Шкотска.

Клучните моменти кои се нотирани во извештајот се дека изминативе пет години биле најтоплите досега забележани уште од 1850 година, неодамнешната стапка на пораст на нивото на морето е речиси тројно зголемена во споредба со периодот од 1901-1971 година, како и дека човековото влијание „многу веројатно е главниот двигател на глобалното повлекување на глечерите и намалувањето на мразот на Арктикот“.

- Advertisement -

Извештајот вели дека практично е сигурно оти топлотните екстреми, вклучително и топлотните бранови, станале многу почести и поинтензивни од 50-тите години на минатиот век, додека студените настани станале поретки и послаби.

Човековото влијание ги загреа атмосферата, океаните и земјата

- Advertisement -

Шефот на Обединетите Нации го опиша извештајот како „црвен аларм за човештвото“. Научниците, пак, тврдат дека катастофата може да се избегне ако светот дејствува брзо.

„Ако ги сплотиме силите сега, можеме да ја избегнеме климатската катастрофа. Но, како што е јасно во извештајот, нема време за одложување и нема простор за изговори. Сметам на лидерите на владите и на сите засегнати страни да се осигураат дека „COP26“ ќе биде успешен“, изјави Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Во извештајот на ИПЦЦ јасно е нотирано дека е „недвосмислено оти човековото влијание ја загреа атмосферата, океаните и земјата“.

Авторите на извештајот велат дека од 1970 година, глобалните температури се зголемиле побрзо од било кој друг 50-годишен период во изминативе два милениума.

Затоплувањето веќе влијае на многу временски и климатски екстреми во секој регион низ целиот свет, а како примери се дадени топлотните бранови кои неодамна се случија во Грција и во западна Северна Америка, како и поплавите во Германија и Кина.

„Последиците ќе продолжат да се влошуваат при секое затоплување. И за многу од овие последици, нема враќање назад“, вели професорот Ед Хокинс, кој е еден од авторите на извештајот.

Кога станува збор за порастот на нивото на морето, според извештајот, не може да се исклучи пораст од околу 2 метри до крајот на овој век или пак 5 метри до 2150 година. Ваквите резултати, иако се малку веројатни, ќе бидат закана за милиони луѓе во крајбрежните области.

Во однос на зголемувањето на температурата, споменат е Парискиот климатски договор од 2015 година, кој е потпишан од речиси секоја нација на Земјата и кој има за цел да го задржи порастот на глобалните температури далеку под 2 Целзиусови степени овој век и да продолжи со напорите да се одржува под 1,5 степени.

Новиот извештај, сепак, вели дека според сите сценарија што ги разгледале научниците, двете цели ќе бидат прекршени овој век, доколку не се случи огромно намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Авторите веруваат дека прагот од зголемување на температурата за 1,5 степени ќе биде достигнат во 2040 година, а доколку емисиите не се намалат во наредните неколку години, тоа ќе се случи многу побрзо.

Последиците од поминувањето на овој праг несомнено ќе доведат до поинтензивни и почести топлотни бранови, до зголемување на обилните врнежи на глобално ниво, како и до зголемување на сушите во некои региони во светот.

Надеж за запирање на глобалното затоплување ако се дејствува веднаш

Научниците сепак имаат надеж дека ако светот успее да ги намали глобалните емисии на стакленички гасови на половина до 2030 година и ако достигне нула емисии до средината на овој век, ќе можеме да го запреме и евентуално да го поништиме порастот на температурите.

Постигнувањето на нула емисии подразбира намалување на емисиите на стакленички гасови што е можно повеќе со користење на чиста технологија, потоа закопување на сите преостанати испуштени емисии преку складирање на јаглеродниот диоксид или преку апсорбирање со садење на дрвја.

За политичките лидери, извештајот е уште еден во долгата низа повици за будење, но бидејќи е толку близу до ноемврискиот глобален самит за клима „COP26“, носи дополнителна тежина, забележува „Би-би-си“.

Извор – Мета
Фото – Pixabay

Сподели!
- Advertisement -