19 август, Скопје – fx3x и УСАИД потпишаа Мeморандум за соработка со кој ја продолжуваат соработката за атрактивни економски можности за младите преку напредни обуки и инвестиции во човечки ресурси и технологии. Заедничките активности може да вклучуваат зајакнување на компетенциите на младите за 3Д анимација, визуелни ефекти, виртуелна реалност и продукција, како и на полето на унапредување на развојот на индустријата за дигитални медиуми во земјава. Само во изминативе неколку години, во рамките на Проектот за развој на деловниот екосистем, УСАИД и fx3x ко-инвестираа во обука за визуелни ефекти и дигитална анимација која на повеќето учесници им овозможи вработување во оваа брзорастечка индустрија.
„УСАИД Македонија се наши долгогодишни партнери. Веруваа во нас и нашите идеи уште на почетокот на нашата соработка. Со нивна помош успеавме да развиеме една целосно нова индустрија која во моментов се наоѓа на својот врв. Со овој меморандум за соработка, ги ставаме на располагање сите наши ресурси и занење, со заеднички сили да допринесеме за понатамошен економски развој на нашата држава” истакна Миливоје Ѓорѓевиќ, основач на fx3x.
“Овој меморандум им овозможува на УСАИД и fx3x да работат заеднички кон остварување на повеќе заеднички цели. Стратешките цели на УСАИД во следните пет години се да се зголеми економската конкурентност и продуктивноста на микро, малите и средните претпријатија, да се помогне во создавање економски можности за младите и намалување на корупцијата. Во рамките на новата стратегија, УСАИД соработува со партнери кои се лидери во својата област, знаат да спроведуваат и инвестираат ресурси за развој. fx3x е таков партнер и очекуваме одлична соработка”, рече Ерик Јановски, претставник на Канцеларијата на УСАИД.
fx3x и УСАИД имаат долгогодишна успешна соработка на многубројни заеднички проекти, како проектот 3D@e-school за едукација на млади во областа на 3Д анимација со преку 1200 учесници, заедничкиот проект Digital Media Park за овозможување врвна дигитална инфраструктура за филмската дејност, целокупнииот деловен развој во оваа дејност, поврзување со лидерите на филмската индустрија во светот преку директни контакти и презентирање на капацитетите на светски саеми, напредни обуки за дигитална анимација и визуелни ефекти и зголемување на локалните капацитети и ресурси во оваа дејност. Како резултат од овие активности, преку 700 млади луѓе беа обучени и најдоа вработување во оваа индустрија во земјата но и во светот.