Ќе се дигитализираат над 5 милиони уникатни записи од Институтот за македонски јазик

- Advertisement -

Министерството за култура и Фондот за иновации и технолошки развој со 14 милиони денари го започнуваат процесот за забрзано дигитализирање на  јазичните записи во Институтот за македонски јазик “Крсте Мисирков“ кои имаат историска и научна важност, со цел тие да им бидат достапни на истражувачите во земјата и во странство, во современа и безбедна форма. Oбјавен e јавен повик за компании за реализација на овој проект во рамките на кој треба да бидат дигитализирани над 5 милиони записи

Повеќе од 5 милиони уникатни рачно напишани записи, некои постари и од 500 години, кои се чуваат во картотеката на Институтот за македонски јазик “Крсте Мисирков“ ќе бидат дигитализирани. Ова го најави министерката Ирена Стефоска на вчерашната прес-конференција на која посочи дека во картотеките на Институтот има стотици илјади зборови од стари ракописи пишувани со векови во македонските цркви и манастири, неколку милиони ливчиња со зборови кои се користат во секојдневното зборување на македонскиот народ односно дијалекти карактеристични за над 400 населени места…

- Advertisement -

“Стотици илјади ливчиња со запишани имиња, презимиња и прекари на Македонците, како и имиња  на населени или ненаселени места – топоними. Милиони ливчиња со прекрасни македонски зборови од стандардниот и од народниот јазик, кои имаат едно или повеќе значења. Сите овие записи се испишани рачно, низ разговор со типични репрезенти-говорители на македонскиот јазик во текот на шест децении наназад, насекаде каде што се зборува македонски“, истакна министерката Стефоска.

Како што додава, станува збор за јазични записи собирани со децении на терен, од вработените во Институтот, но и од студенти, информатори и вљубеници во македонскиот мајчин јазик, кои со својата собирачка активност помогнале во зачувувањето на ова јазично духовно богатство. Ентузијазам кој вели, овозможил, како култура, да застанеме рамо до рамо со најголемите светски култури.

- Advertisement -

Инаку, министерката посочи и дека сите овие записи во моментов се чуваат во картонски кутии. Од повеќе, од 5-те милиони уникатни јазични записи, досега, за  9 години се дигитализирани само 140 илјади ливчиња! Ако продолжи со вакво темпо, истакнува Стефоска, веројатно ќе требаат безмалку уште 400 години за да се дигитализира само овoj скапоцен материјал.

“Сакаме и мораме да ги сочуваме овие јазични записи за следните поколенија кои растат во екот на дигиталната ера, за тие да бидат достапни, не само за очите и за духот на истражувачите на јазикот, не само за лингвистите и студентите по филологија, туку за сите оние кои ја негуваат љубовта за својот и за туѓите јазици, затоа што, како што се знае „колку јазици познаваш – толку луѓе вредиш“, затоа што јазиците се цели универзуми и од нив зависи нашето постоење“, додаде Стефоска.

- Advertisement -

Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, пак, истакна дека ваков проект ќе се реализира за првпат после 30 години независност и за првпат по основањето на Институтот за македонски јазик.

“Преку овој проект ќе оствариме активна заштита на записи кои се стари преку 500 години и кои се чуваат несоодветно заштитени од сите форми на ризици кои можат да го оштетат или уништат културното наследство. Проектот е од големо значење за сите граѓани бидејќи овозможува заштита на македонскиот јазик како наше најголемо духовно културно наследство, на дијалектите на македонскиот јазик, како и топонимијата“, рече Петров. Тој даде и детали за јавниот повик за компании за реализација на проектот чија цел е да се поттикне развој на иновативни решенија за заштита на македонскиот јазик, а кои ќе можат да се видат на страницата на Фондот за иновации и технолошки развој fitr.mk/digitalmk/. Апликациите ќе може да ги поднесат до 21 октомври 2021. Победничкиот предлог-проект ќе биде финансиран 100 проценти од вкупниот буџет, односно до 14 милиони денари. Спроведувањето на проектот може да трае до 12 месеци. (Д.Т.)

Сподели!
- Advertisement -