Во Паркот на поезијата во Струга се обновени педесетина спомен-плочи од сите досегашни лауреати на „Струшките вечери на поезијата“.
Досегашните бронзени плочи кои беа честа мета на кражби и вандалство, сега се заменети со плочи на кои се отпечатени „кјуар“ кодови, кои при скенирање со мобилен телефон водат до биографиите и поезијата на лауреатите.
„Во годините кога Струшките вечери одбележуваат 60-годишен јубилеј, со овој чекор сакавме да го вратиме Паркот на поезијата во фокусот на јавноста, да ја потенцираме неговата вредност и уникатност, како и да ги искористиме современите технологии што секојдневно ги употребуваме за да ја промовираме поезијата и добитниците на „Златниот венец“. Ова е само почеток на еден посеопфатен план за внесување нови содржини во Паркот на поезијата што ќе го направат атрактивно место во кое поезијата ќе ја има главната улога – вели директорот на „Струшките вечери на поезијата“, Тодорче Тасевски.
Годинешната манифестација се одржува под мотото„Извишени сведоштва, возвишени стихови“ со кое се потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување дрво од страна на лауреатите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот.