Ана Секуловска e дипломирана архитект и творец на NOMAD studio, во кое рачно изработува дизајнерски производи за домот од сопствено развиен еколошки композитен материјал во техники што и овозможуваат работа со нула отпад.
Техниката што најчесто ја користи е терацото чија основна верзија датира уште од 16 век кога славните terrazzo мајстори од Италија, од него создавале чуда на кои и денес се восхитуваме.
Тие ги користеле остатоците од мермер и керамика и со тој материјал ги поплочувале кралските дворови. Трендот се буди повторно на стартот на 20 век. Го обожуваа архитектите ширум светот во 20-тите години, а денес терацото повторно ги шармира дизајнерите.
Ана е девојка која зад себе има практично искуство како архитект, но авантурата со NOMAD ја носи во еден свет на старт-ап компании кои сакаат да започнат производство на овој материјал за далеку пообемни проекти од нејзините брошеви, подметачи, садови и други дизајнерски производи. Во процесот на креирање таа ја заживува старата терацо техника и со нејзино стилизирање создава современа естетика кај своите производи кои се продаваат од Битола до Дубаи… така некако е лоцирана нејзината клиентела.
Новинарка – Љубица Ангелкова
Ана, раскажете ни како започна Номад?
Спонтано и магично. Номад започна како предизвикувачка авантура на сред пандемија. Во пандемискиот хаос се повлеков од корпоративниот свет и решив да ја насочам целата енергија кон нешто што ќе ми донесе личен раст и развој а истовремено ќе ме релаксира и исполнува. Љубопитна сум по природа и постојано истражувам па во фиока имав безброј идеи што чекаа да бидат реализирани. Започнав со отворен ум и без многу планирања. Сакав да го ослободам креативниот порив онаму каде што сум и со тоа што го имам на располагање па моделирањето и рачната изработка се наметнаа спонтано.
Станува збор за рачна изработка на дизајнерски производи за домот од сопствено развиен еколошки композитенматеријал. Објасни
ни го процесот…
Долго време истражував материјали со кои можам да работам и да го добијам финишот на производите што сакам да го постигнам исклучиво со рачна работа. Кај нас не можев да најдам нешто соодветно и спремно за употреба па така решив да експериментирам и да пробам материјалот за моделирање сама да го составам. Помошта од стручни лица технолози тука беше неопходна па за среќа ги пронајдов вистинските луѓе кои ми помогнаа и ме поддржаа да го развијам овој композитен материјал кој се уште се доусовршува.
Станува збор за иновативен „камелеон“ материјал што може да заземе било каква форма, да се обработи во било каква боја и што е многу важно, еколошки е и овозможува работа по принципот на нула отпад. Го нареков Креанит.
Ова е техника што овозможува работа со нула отпад. Колку кај нас еко намерите во дизајнот на производи се присутни?
Се радувам што во последниот период се оформија многу нови мали бизниси со креативна дејност кои работат еко свесно. Тоа се млади прогресивни креативци, некои од нив моделираат свеќи од природен восок, редизајнираат стар мебел, прават природна козметика, изработуваат модни додатоци без пластика, садат полиња со лаванда од која прават мирисни производи, садат дрво за секој купен производ, пакуваат во еко амбалажи итн, сите тие сакаат преку своето делување да направат промена и служат за инспирација. Големите компании имаат од кого да научат.
Техниката што најчесто ја користиш е терацото чијаосновна верзија датира уште од 16 век кога славнитеterrazzo мајстори од Италија, од него
создавале чуда на кои денес се восхитуваме. Како се случи враќањето на овој тренд од минатото?
Како архитект, меѓу другото работам и дизајн на ентериери и следам што се случува со дизајнот во светот па враќањето на трендовите не е ретка појава. Искрено, не сум човек што слепо ги следи и се држи до трендовите, ниту лично па ни во работата. Секако, ми служат за инспирација но секогаш сакам да внесам автентичност и оргининалност во дизајнерските решенија.
Терацо техниката ме освои од прва па се обидов да ја заживеам, стилизирам и да ја вметнам во современиот дизајн на финалниот производ. Реакциите на луѓето што ја следат работата на Номад беа изненадувачко добри па одлучив оваа стара техника да ја имплементирам во поголемиот дел од производите.
Колкава е листата на дизајнирани производи и дали имашпостојани
колекции за продажба или работиш само по нарачка?
Бидејќи досега производите ги работев ислучиво рачно и без никаков алат, правењето на залихи и постојани колекции беше невозможно. Работата се одвиваше исклучиво по нарачка и според желбата на купувачот. Ваквиот начин на работа е спор и бара исклучително големо трпение и внимание.
Во моментот ја финализираме набавката на соодветен алат и опрема за работа па за скоро време ќе објавиме нови веднаш достапни колекции и ќе го оптимизираме процесот на изработка.
Во моментот Номад е бизнис кој е базиран на е-трговија. Што покажува досегашното искуство? Кој канал е најдобар за продажба?
За нас беше Инстаграм. За скоро ќе ја лансираме и нашата веб страна со е-shop.
Каде можат да се видат производите. Дали некаде излагаш?
Досега имаме склучено неколку соработки а во преговори сме и за нови.
Моментално во живо производите можат да се видат во Скопје во кафе/концепт продавница „Долап“, дизајн продавницата на „Тиноски’’, а може да се нарачаат и преку виртуелните продавници на „Urma’’ и “PaperBox’’. Во Битола наскоро ќе биде отворена и првата концепт продавница за дизајнерски мебел па тоа ќе биде и нашата следна соработка каде сме во план да ги нудиме и нашите производи.
Авантурата со NOMAD те носи во еден свет на стартап-компании кои сакаат да започнат производство на овој материјал за далеку пообемни проекти. Кој те поддржа во овој развој?
Најголемата поддршка за мене е онаа моралната а таа секогаш доаѓа од најблиските. Но овој пат авантурата со Номад ме однесе и до Преда Плус – Битола каде учествував во нивната програма за поддршка на стартапи. Бев дел од двомесечен процес во кој неколку ментори безрезервно споделуваа искуствата и знаења за развој на еден стартап. Во склоп на програмата се организираше и демо ден на кој сите стартапџии јавно ги презентиравме идеите, а стручната комисија одлучи дека и Номад треба да е еден од грантистите. Добивме финансиска поддршка што ни помогна да продолжиме со развојот на овој мал бизнис за што јас и мојот тим сме многу благодарни.
Кои се клиентите на Номад?
Луѓе со стил и осет за естетика, архитекти, дизајнери, луѓе со отворен ум, еко свесни и прогресивни, луѓе што ја ценат и препознаваат вредноста на креативната работа и рачната изработка.
Освен клиенти кои ги купуваат готовите производи, соработуваме и со архитекти кои сакаат да ја имплементираат оваа техника во нивните проекти преку прилагоден дизајн за потребите на клиентите.
Каде географски продаваш?
Досега продажбата се одвива во рамките на државата а неколку производи веќе го пропатуваа светот. Со помош на електронската продавница што е во подготовка, продажбата ќе се прошири и на глобално ниво.
По професија си архитектка, иако имаше желба да станеш актерка.
Краток ми е мене еден век за да ги направам сите работи што ги сакам. Љубопитна сум и сакам да истражувам, да доживувам, да создавам, да иновирам да се пронаоѓам одново и одново. Пораснав гледајќи како родителите постојано нешто креативно творат и создаваат од ништо – нешто. Оттаму го имам тој порив за креативно изразување. А љубовта кон театарот и општо кон уметноста и артистичкиот перформанс сеуште е тука.
Работиш како архитектка на проектирање и уредување на ентериери. Дали планираш паралелно да бидеш посветена и на струката и на Номад?
Архитектурата е применета уметност без граници. Оттука архитектот може да делува на различни полиња и теми се додека тоа е поврзано со некакво креативно изразување. Тоа што го работам со Номад не го гледам одделно од струката туку како нејзино дополнување.
Можностите на материјалот што го развивам се бесконечни. Во иднина, од домашен декор производството на Номад треба да развие во изработка на дизајнерски парчиња мебел кои ќе ги разубавуваат ентериерите.