ЕДУФРОНТ е едукативен центар за компјутерска технологија посветен на поттикнување на способностите за решавање на проблеми и иновативниот дух на децата. За овој едукативен центар и неговата понуда на стартот на новата учебна година разговаравме со менаџерката Гордана Мишевска.
Новинар – Верица Јорданова
Како се роди Едуфронт и која е неговата мисија?
Едуфронт постои од 2018 година. Самата идеја за негово создавање потекна од моето согледување како родител и како долгогодишен директен учесник во формалното образование. Беше јасно дека се зголемува потребата од дигитални вештини, а со тоа и усвојување на дигиталната писменост кај децата уште од најмала училишна возраст. Затоа решив своето искуство да го применам и унапредам во создавање и развивање на неформален едукативен центар за компјутерско образование за деца.
Едуфронт започна со две програми за креативно компјутерско образование за деца, ПрограмИграм, коишто ги развивме преку проектот „Компјутерско образование за деца базирано на иновативната наставна програма на Харвард“ со поддршка за стартапи од Фондот за иновации и технолошки развој.
Покрај нашата најпосетена и најпозната програма за „ПрограмИграм во Scratch“, развивме уште две нови обуки за програмирање за деца „ПрограмИграм во Python“ и „ПрограмИграм во HTML/CSS/JS“ коишто ги поминаа преку 100 деца на возраст од 8 до 14 години.
Сите овие деца изразија интерес и желба да продолжат да учат дигитално креативно изразување. Оттука се роди идејата за креирање на програмите DIGIPATH – Дигитални патеки за учење за деца: Дигитална патека за програмирање, Дигитална патека за веб дизајн и Дигитална патека за дизајн. Постоечките обуки ги надополнивме со нови обуки за да создадеме различни дигитални патеки каде секое дете започнува со Scratch како вовед во креативно компјутерско образование и понатаму зависно од својот интерес продолжува да изучува: програмирање во Python или веб дизајн со HTML/CSS или работи на совладување и работа со дизајн. И овојпат ФИТР го препозна нашиот потенцијал и ја подржа оваа наша идеја преку Инструментот за забрзан економски раст.
Со оглед на тоа дека вашиот фокус е кон децата, можете ли од досегашното искуство да ни кажете зошто децата треба поинтензивно да ги совладуваат дигиталните вештини? Кои се досегашните искуства од работа со деца?
Живееме во дигитално време, време на сеопфатна технолошка присутност и постојан развој и менување и унапредување на технологиите. Паралелно на тоа, дигиталната писменост сѐ повеќе се препознава и признава како централен дел од вештините коишто им се потребни на децата за да бидат успешни во учењето, работата и животот воопшто. Важно е децата да стекнат технолошката писменост со цел да ја разберат технологијата која секојдневно ја користат или е присутна во светот околу нив и со тоа да станат нејзини активни корисници. Да не бидат само пасивни консумери на дигиталните содржини и технологиите туку да научат како да креираат сопствени дигитални содржини кои им значат ним, и се корисни за нивната околина. Сето ова треба да се започне уште од рана училишна возраст, на начин и интензитет како што се прави и со останатите предмети во училишниот систем. Се започнува од основите, се запознаваат и воведуваат во разни области од технологијата, се оспособуваат за основни дигитални вештини, понатаму ги продлабочуваат знаењата и нивото на усвоеност на вештините. Кога ќе дојдат на возраст кога ќе одлучуваат за својата професија или професионално усовршување ќе бидат дигитално писмени за вклучување во работните процеси или за навлегување во високото образование технички и информациски области.
Се покажа дека децата во многу случаи и подобро се снаоѓаат од возрасните 🙂 – Тоа е заради нивниот постојан контакт со технологија. Но, од друга страна важно е да се посвети внимание и да се насочат децата кон продуктивно користење на технологијата и совладување на вештини кои ќе им бидат потребни и во понатамошното образовно и кариерно усовршување.
За кои обуки или дигитални патеки има најголем интерес? Зошто?
За сите патеки имаме подеднаков интерес. Тоа се должи на возраста на децата. Раното започнување со компјутерско образование им дозволува да се запознаат со што повеќе дигитални вештини. Притоа искуственото учење им помага подоцна да увидат што е она што најмногу ги привлекува или во која патека нашле најмногу интерес. За да им помогнеме во изборот организираме Отворени денови за запознавање со обуките, нивните цели и начинот на учење. Исто така организираме бесплатни работилници во вид на отворени часови за секоја од нашите програми на коишто децата можат да испробаат дел од активностите кои се учат на нашите обуки.
Секако имаме и случаи на ученици кои при самиот упис точно знаат на која дигитална патека сакаат да се запишат. Инаку секоја година најголем број ученици се запишуваат на обуките од Scratch зашто таа програма е почетна и воведна во компјутерско креативно образование.
Кажете ни нешто повеќе за тимот кој што ги реализира обуките и какво е досегашното ваше искуство во Едуфронт?
Тимот на едукатори во Едуфронт е составен од долгогодишни експерти со теоретско и практично искуство од програмискиот јазик или дигиталната вештина што ја предаваат и што е најважно, имаат желба да работат со деца и да им пренесуваат знаење на интересен и инспиративен начин. За нас уште пред да започнеме ни беше најважно како критериум – секоја обука да биде квалитетна – и свесни бевме дека за тоа најмногу има влијание самиот едукатор. Со цел да се погледне добро секоја програма секој едукатор пред да започне обука одржува отворен час, па ве покануваме да ја посетите наредната.
Дали корона кризата го зголеми интересот за користење на Вашите услуги?
Пандемијата и корона кризата ја прифативме како предизвик на којшто одлучивме да се адаптираме. Со нејзиниот почеток веднаш ги прилагодивме постоечките обуки за да можат нашите ученици да продолжат со настава преку онлајн платформа за одржување на часовите. За минатата учебна година развивме уште две нови онлајн обуки за програмирање за деца „ПрограмИграм во Python“ и „ПрограмИграм во HTML/CSS/JS“. Бројката на ученици кои се запишуваат на нашите обуки постојано расте и мислам дека има неколку причини за зголемениот интерес за нашите услуги. Во овој период онлајн учењето се покажа како најлогичен и најбезбеден начин на учење и дополнително ја нагласи потребата од поседување на дигитални вештини. Понатаму, зголемувањето на понудата со поголем спектар на обуки одговори на различните интереси на децата. И на крај, виртуелната училница и самото неврзување со физичка локација на училница дозволи да ни се приклучат деца од цела Македонија, а на учениците од Скопје им заштеди дел од времето кое би го поминувале во транспорт од еден до друг дел во градот.
Конкретно што нудите годинава за децата кои сакаат да навлезат во светот на технологијата и дигиталните вештини?
За оваа година ги креиравме програмите од DIGIPATH – Дигиталните патеки за учење на деца. Овие дигитални патеки претставуваат облик на Академии за учење на дигитални вештини за деца, составени од повеќе последователни обуки кои се надоврзуваат и надополнуваат една со друга. Целта на дигиталните патеки е децата од рана училишна возраст да се стекнат со основи на компјутерско образование, да се запознаат со можностите и различните насоки во кои можат да го продолжат своето дигитално надоградување и усовршување. Овие програми се наменети за деца од 8 до 14 години.
Digipath се состои од 3 различни дигитални патеки за учење: Дигитална патека за програмирање, Дигитална патека за веб дизајн и Дигитална патека за дизајн.
Нашите уписи веќе се во тек. Со настава започнуваме на 27 Септември.
За 15 Септември (среда) ви најавуваме и ве покануваме на онлајн дружба со предизвици за стипендии на DIGIPATH програмите. Се работи за најава на DIGIPATH онлајн програмите во кои децата ќе имаат можност да учат заедно со нивните омилени едукатори за Scratch, Програмирање, Веб Дизајн, Дизајн. Децата заедно со своите родители ќе имаат можност да одберат која дигитална патека најмногу им одговара.
Кои совети би им ги дале на родителите во поглед на користење на технологијата од страна на нивните деца?
Родителите како први едукатори на децата, насочувачи и поттикнувачи на едукацијата и напредокот на своите деца треба точно да знаат што значи децата да бидат дигитално писмени. Сите ученици треба да имаат основни вештини од дигиталната писменост која во денешно време е исто важна како и описменувањето на својот мајчин јазик. Една од најважните вештини на која може да ги научите вашите деца е дигиталната етика. Покажете им како одговорно да ја користат технологијата. Иако новата технологија може да биде страшна или збунувачка за вас како родител, треба да им дозволите на вашите деца да експериментираат со неа, да испробуваат различни онлајн алатки и платформи за учење, секако под ваш надзор. Ќе се изненадите колку децата се поинтуитивни во нивната примена, а нивната природна љубопитност ги прави поинвентивни и поиновативни од возрасните.