Пластиката како еден од најголемите загадувачи на животната средина за пет до десет години би можела да постане отпаден материјал којшто би се разградувал за една недела на сончева светлина или кислород, јавува Независен.мк. Во престижното научно списание „Journal of the Americal Chemical Society“ е објавен трудот од девет научници, предводени од Лианг Луо од Универзитетот за наука и технологија Хуажонг од Кина, во кој се тврди дека со правење на измени во производството на пластика. научниците се надеваат дека пластиката како материјал ќе може многу побезбедно и побрзо да се распадне во околината.
Научникот Луо работел на напреден вид на хемиски сензор – ПНАС, кој овозможил да се развие нов полимерен филм, кој ја менувал бојата како одговор на нивото на pH вредноста. Овој процес бил воден од уникатната молекуларна структура на материјалот, со синџири на мономери кои му дале силна црвена боја на филмот и му ја одзеле кога овие врски биле раскинати, по што материјалот се распаднал на сончева светлина, пишува Њу Атлас.
Сепак, оваа иновативна технологија не значи дека ваквата пластика би можела да се користи за пакување на газирани сокови или пластички ќеси, бидејќи како материјал ваквата пластика би била стабилна како материја единствено на темно место и без кислород. Од друга страна, иновативната пластика би можела во иднина да биде употреблива во електрониката или паметните телефони, каде што таа би била изолирана од воздух и светлина за време на нејзиниот употребен рок, по што потрошувачите и одговорните власти не би имале проблем со нејзиниот понатамошен третман како отпад.
Во научниот труд авторите тврдат дека разградливата пластика може да се меша со други видови пластика за да се произведат поиздржливи предмети, а покрај тоа да бидат и поразградливи.
Ова истражување за новиот вид пластика се очекува да продолжи во наредниот период, но самите автори признаваат дека комерцијализацијата на ваквата биоразградлива пластика е сè уште далечна.