„Мини сити- Макси развој“ е новото и иновативно катче за забава и за едукација на дечиња до 12 години кое е отворено во Штип. Двете реализиторки на проектот, Викторија Клајиќ и Наташа Ицева, за најмладите подготвиле дваесетина куќички со различна тематика поврзана со различни професии. Во нив, главна улога имаат најмладите кои тука можат да научат нешто ново и да се подготват за иднината.
Велат, љубовта за професијата се создава од мали нозе, а „Мини сити- Макси развој“ го нуди токму тоа. Наташа Ицева, во интервју за „Иновативност“ вели дека е тематскиот центар е отворен за сите посетители, има едукативен дел, дел за целодневен престој, како и кафетерија за одмор на родителите и весели детски родендени.
Г-ѓа Ицева, како изгледа тематскиот центар за деца „Мини сити- Макси развој“?
„Мини сити- Макси развој “е тематски центар за забава наменет за деца под 12-годишна возраст. Програмата на „Мини сити- Макси развој“ се спроведува во тематски центар во форма на мал град, реплика на постоечките градови во кои живееме. Програмите се создадени врз основа на практично искуство, на начин што им нуди на децата искуства што немаат можност да ги искусат на кое било друго место.
Центарот е нова и иновативна услуга, но во исто време е и маркетинг иновација. Минијатурниот град е составен од најразлични катчиња од професии со кои се среќаваме секојдневно, меѓутоа финалниот изглед на „Мини Сити -Макси развој“ не би бил комплетен и уникатен доколку не беа со нас нашите партнери приватни компании со различни дејности кои не се сомневаа во ниту еден момент да ја подржат целата иницијатива со цел за развој на децата. Дел од инвестицијата, со 15 отсто, е поддржана и од Фондот за иновациии развој преку повикот за Ко-финансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт-ап и спин-оф.
Велите дека малиот град е составен од повеќе куќички. Што има во нив и како се изведува едукацијата?
Нашата цел е децата да бидат анимирани, да се забавуваат, но од друга страна и да се едуцираат и да ја развиваат имагинацијата и љубопитноста. Целосниот проект опфаќа дидактички игри формирани во различни работилници, каде децата со реални алатки влегуваат во улога на професионалци и го доживуваат реалниот свет. Имаме повеќе различни куќички со различни професии, се работи по едукативни програми направени според возраста на децата, а со нив работат едукатори и педагози. Во зависност од нивниот интерес, четири до пет деца прават група со еден едукатор и во избраната куќичка учат за професиите. Во склоп на Мини сити има и кафетерија, па имаме можност да се слават и родендени.
Кажете ни нешто повеќе за програмата по која работите во Центарот?
Програмата на „Мини сити- Макси развој“ вклучува промовирање на психо-социјалниот развој на децата во неформално и забавно опкружување, кое им овозможува на децата подобро да разберат различни работни процеси и професии, стимулира имагинација и љубопитност, самопочит и самодоверба преку вклучување во креативни игри, преку дружење со врсници кои не ги знаат, децата развиваат социјални вештини и учат да ги почитуваат меѓусебните разлики.
Кој може да го посетува „Мини сити- Макси развој“?
Тематскиот парк е од отворен карактер за секојдневна посета од страна на дечиња организирани груп и слично. Во рамките на тематскиот парк функционира едукативен центар за целодневен престој на дечиња опремен на иновативен функционален и адаптивен начин. Капацитетот е за 150 деца.