На Универзитетот Луис Гвидо Карли во Рим е отворена италијанска опсерваторија за дигитални медиуми, која ќе биде национален центар за следење и борба против дезинформациите. Опсерваторијата е дел од европската мрежа од осум национални опсерватории, пренесува „Н1“.
Мрежата е европска опсерваторија за дигитални медиуми финансирана од Европската Унија, која треба да поттикне научни истражувања во областа на онлајн дезинформациите, развој на групи за прверка на факти и програми за медиумска писменост.
Италијанската опсерваторија на едно место ќе ги собере проверувачите на факти, медиумските работници и научниците, кои заедно ќе делуваат против онлајн дезинформациите, наведуваат медиумите.
„Бранот дезинформации што го видовме последните години се заканува да го намали правото на пристап до доверливи информации и да ја поткопа демократијата и изборната пракса“, рече италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи Ди Мајо на отворањето на центарот.
„Важно е борбата против дезинформациите и лажните вести да не ја загрози плуралистичката и демократска дебата“, додаде Ди Мајо.
Националниот центар ќе има задача, со помош на вештачка интелигенција да ги следи и пријавува кампањите за дезинформации и да им пружа поддршка на медиумските здруженија и државните органи во разоткривањето на дезинформациите.
Секоја национална опсерваторија, исто така, ќе биде одговорна за организирање активности во областа на медиумската писменост на национално и наднационално ниво.
Извор- Радио МОФ