Владата го претстави петгодишниот економски план

- Advertisement -

Економски раст над 5 % годишно, инвестиции во јавниот и приватниот сектор од 12 милијарди евра, нови 156.000 работни места, а истовремено фискална консолидација, односно одржување стабилен јавен долг, се дел од очекуваните ефекти на Планот за забрзан економски раст за периодот 2022-2026 година што денеска го усвои Владата, а на прес-конференција го претставија премиерот, Зоран Заев и министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Планот за забрзан економски раст го подготви Министерството за финансии во соработка со владините ресори, со амбициозна, но остварлива цел да се поддржи економското закрепнување и забрзаниот раст.

- Advertisement -

Планот се темели на нов пристап и нуди координирана поддршка за поттикнување на инвестициите на јавниот и приватниот сектор во повеќе приоритетни области, преку детално наведување на расположливите извори на финансирање и инструментите и механизмите за финансирање, со проценка на очекуваните ефекти.

„Клучна цел е креирање нови работни места и поттикнување на растот на економијата во нашата земја, со нови инвестиции, со 5 % раст на Бруто домашниот производ и со одржување на стабилен јавен долг“, рече премиерот Заев.

- Advertisement -

Осврнувајќи се на трите основни цели на Планот, премиерот Заев истакна дека истиот нуди иновативен пристап до капитал за финансирање за забрзување на економскиот раст и кој покрај планираните јавни инвестиции од 4 милијарди евра ќе мобилизира дополнителни инвестиции од страна на приватниот сектор, кои се проценуваат на 8 милијарди евра.

Тој ја потенцира важноста на капиталните инвестиции за економскиот развој, напоменувајќи дека и во услови на пандемија тие не запреа.

- Advertisement -

„За таа цел“, рече тој, „во функција е КАПЕФ механизмот, со кој се наградуваат буџетските корисници кои имаат висок степен на извршување на капиталните расходи и дека проценките се дека тој може да генерира дополнителни 1,5 милијарди евра капитални расходи во периодот 2022-2026 година“.

Според Премиерот, втората цел од Планот за забрзан економски раст веќе почнува да се реализира. БДП во првата половина од годината е 5,6 %, а во вториот квартал беше 13,1 % што е потврда дека економијата се враќа на патеките на раст.

„Неодамна и Светската банка ја зголеми прогнозата за растот на БДП на Северна Македонија во 2021 година, од 3,6 на 4,6 %, што ги надминува дури и нашите проценки за раст од 4,1 %. Активноста на приватниот сектор ќе се зголеми, преку воведувањето нови начини за пристап до капитал, инструменти, фондови и извори на финансирање со кои се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции токму од приватниот сектор. Со тоа, се делува на зголемување на вкупните инвестиции, на забрзан растот на бруто-домашниот производ и ќе се забрза отворањето нови работни места.

Невработеноста сега е на ниво од 15,9 % што е најниско ниво во поновата македонска историја. Согласно Планот, со растот на инвестициите, стапката на вработување се предвидува да се зголеми на 54,3% во 2026 година, а стапката на невработеност за првпат да влезе во едноцифрена зона до 2026 година од 8,6 %“, рече премиерот Заев и додаде дека важно е да се напомене дека поволните макроекономски случувања ќе ги подобрат јавните финансии, што ќе доведе до фискална одржливост, со намалување на јавниот и јавно гарантираниот долг под 60% од БДП во 2026 година.

„Карактеристика на оваа Влада е домаќинско, отчетно, одговорно и транспарентно работење, а тоа се гледа и во стабилниот Буџет како на централно така и на локално ниво. И во услови на пандемија, немаше застој во исплата на плати, пензии, приватниот сектор и најпогодените гранки беа финансиски поддржани, а паралелно ги креиравме и овие крупни долгорочни Планови од кои бенефит ќе имаат сегашните и идните генерации“, потенцира Премиерот.

Министерот за финансии Бесими истакна дека Планот е продолжение на сите мерки што беа преземени за справување со кризата предизвикана од пандемијата од КОВИД-19.

„Пандемијата која се појави минатата година предизвика длабока здравствена и социо-економска криза. Создаде потреба да реагираме брзо и навремено зa што дизајниравмe мерки за заштита на здравјето и шест пакети економски мерки во износ од над 1 милијарда евра. Сега пак со Планот за забрзан економски раст продолжуваме понатаму и ќе одговориме на потребите за поддршка на заздравувањето и на повторниот раст на економијата, истовремено обврзувајќи се да спроведеме фискална консолидација на среден рок, односно да го намалиме и буџетскиот дефицит и јавниот долг“, рече министерот Бесими.

Планот за забрзан економски раст е реализација на она што го најавивме во Буџетот за 2021 година, односно Стратегијата за заздравување на економијата и забрзан раст или SmartER Growth, Политиките за буџетска консолидација од 2021 до 2025 година и Планот на јавни инвестиции 2021-2025 година.

„Планот е комбинација на традиционални и иновативни инструменти за финансирање. Предложени инструменти преку кои ќе се обезбедува финансирањето на проектите во планот се: механизмот за поголема ефикасност на капиталните расходи, развојната обврзница, проектните обврзници, зелените обврзници, обврзница индексирана на инфлација, јавно-приватните партнерства, управувањето со јавни средства, гарантната шема, Фондот за енергетска ефикасност, Фондот за локален и регионален развој, Фондот за истражување и развој, Фондот за поддршка на мали и средни претпријатија за нивен раст и развој, Стратешкиот зелен инвестициски фонд, Фондот за зголемување финансиски средства, Фондовите за ризичен капитал, и групното финансирање (краундфандинг)“, истакна министерот Бесими.

Планот за забрзан економски раст ќе поддржи инвестициски проекти во јавниот и приватниот сектор, кои ќе значат подобрување на конкурентноста на економијата и подобрување на квалитетот на живот, а ќе се концентрирани во повеќе приоритетни области: зелена економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, развој на физичката инфраструктура и човечкиот капитал, како и социјална кохезија.

Министерот истакна дека воспоставена е прецизно дефинирана институционална структура за управување со целиот процес заради негова успешна реализација.

Планот е донесен во интензивна комуникација со меѓународните финансиски институции и други развојни партнери, кои изразија подготвеност да обезбедат финансиска и техничка поддршка. Преку воспоставената СЕФФ платформа (Skopje Economic and Finance Forum, SEFF), после одржаната Прва годишна Конференција на Министерството за финансии, Планот веќе беше претставен и пред бизнис заедницата, банкарскиот сектор и другите засегнати страни.

Сподели!
- Advertisement -