Тројца македонски студенти добија половина милион долари за развој на Howitzer- алатка за директен маркетинг на Reddit

- Advertisement -

Тројца млади, студенти на македонски универизтети, добија половина милион долари инвестиција за развој на нивната алатка за директен !маркетинг на Reddit, Howitzer. Никола Велковски, Стефан Котевски и Томислав Јуруковски се студенти на ФИНКИ, односно на ФОН Универзитетот, кои за само неколку месеци успеаја да ја осмислат и изработат нивната маркетинг алатка, но и да дојдат до голема pre-seed инвестиција од DayOne Capital.

Во интервју за Иновативност, Никола Велковски, вели дека нивните планови за развој не застануваат тука. Сакаат да ги следат најновите трендови и да креираат продукти кои решаваат реални проблеми. Конкретно, алатката Howitzer ќе се развива со првичен фокус на Reddit, но во иднина истиот пристап ќе се аплицирање на слични платформи и социјални мрежи, како Twitter и Discord.

- Advertisement -

Разговараше – Сања Наумовска

Никола, неодамна добивте 500,000 долари pre-seed инвестиција од DayOne Capital за вашата маркетинг алатка Howitzer. Објаснете ни што е суштината на вашето решение.

- Advertisement -

Howitzer претставува првата алатка за директен персонализиран маркетинг на Reddit. Работи на принцип на наоѓање и таргетирање на потенцијални корисници на Reddit и праќање на персонализирани директни пораки до потенцијалните корисници. Уникатното во ова решение е тоа што всушност за прв пат успешно го користи Reddit за органски маркетинг. Howitzer резултира со 40-45 отсто просечна рата на одговор од страна на корисниците, што е супериорно во однос на останатите канали за директен маркетинг како и-мејл и LinkedIn, кои имаат три и десет отсто просечна рата на одговор.

За кого е наменета вашата алатка? Како потенцијалните клиенти можат да ја користат?

- Advertisement -

Алатката е наменета за стартапи во рана фаза, за маркетери за раст, агенции за дигитален и social media маркетинг, crypto/NFT проекти, претприемачи кои сакаат да си ги валидираат своите идеи и слично. Значи, генерално, алатката е наменета за стартапи и претприемачи кои оперираат во одреден niche маркет и целат кон брза и евтина конверзија на корисници.

Што е вашиот иновативен момент, со што успеавте за толку кратко време да дојдете до ваква сериозна инвестиција?

Би рекол дека иновативноста е во тоа што за прв пат го искористуваме Reddit како маркетинг канал, ги воспоставуваме темелите на директниот маркетинг на платформи (platform outreach) и успеваме да реализираме неверојатна рата на одговор од 40-45 отсто. Howitzer започна како маркетинг решение за нашата претходна идеја која ја развивавме, летото 2020 година. Пред Howitzer работевме на друг проект, за кој утврдивме дека идеалната таргет група се наоѓа на Reddit, во неколку subreddits, специфичните заедници на Reddit и никој до сега не успеал да и пристапи. Истиот момент кога пробавме да маркетираме на Reddit, не најдовме ефективно решение да го изведеме истото.

Reddit Ads не конвертираа воопшто, постирањето и коментирањето на subreddits резултираше со банирање во најголем дел од случаите поради полисите за забрането рекламирање на сопствени продукти или сервиси на Reddit. Моравме да размислуваме поинаку, бидејќи Reddit имаше неколку subreddits заедници кои беа одлична локација за наоѓање корисници за нашиот претходен продукт. Напишав скрипта која масовно ги собираше јавно достапните податоци на членовите тие subreddits, ги анализираше и утврдуваше кои од тие членови би биле потенцијални корисници на нашиот проект, а потоа им праќаше директни персонализирани пораки. За две недели успеавме да стигнеме до 2000 симнувања на PlayStore користејќи ја скриптата. Таа скрипта всушност е почетокот на Howitzer.

Howitzer во форма на SaaS продукт го лансиравме кон крајот на март и почетокот на април и за еден месец успеавме да стигнеме до 2000 долари месечен приход, користејќи го Howitzer за маркетирање на Howitzer. Тогаш ни пристапија новинари, неколку venture capital компании и ко-основачот на Reddit, при што успеавме да затвориме pre-seed инвестиција од половина милион долари.

Кој е правецот во кој ќе ја развивате Howitzer со оваа инвестиција?

Пред сè, целта е да го развиеме Howitzer во целосно функционална алатка за директен маркетинг на Reddit, при што ќе работиме на подобрување на таргетирањето на корисници и скалирање на пристапот на праќање директни пораки, како и додавање нови функционалности. Целта е првичен фокус на Reddit, а подоцна аплицирање на истиот пристап на останатите слични платформи и социјални мрежи, како Twitter и Discord. Целиме да бидеме пионери во директен маркетинг на платформи и да развиеме маркетинг алатка која целосно ќе ги опслужува барањата на маркетерите за раст.

Сите тројца кои стоите зад Howitzer сте млади, сè уште сте студенти. Какви се вашите погледи кон иднината, кои се вашите желби и идеи за идни иновации?

Генерално, сакаме да ги следиме најновите трендови и да креираме продукти кои решаваат реални проблеми, особено проблеми кои ни се нам релевантни. Моментално сме фокусирани на решенија за раст и целта е да пробаме да го доминираме пазарот за маркетинг и алатки за раст. Размислуваме и на Web 3.0 решенија и полека навлегуваме во таа сфера.

Мислите ли дека македонската стартап сцена дава добри можности за младите?

Мислам дека моменталната правна и финансиска структура и можностите во државава се екстремно непогодни за стартапи. Нема структура која поддржува рекурентно плаќање, Stripe, PayPal и голем дел од останатите payment processors не се достапни, банките не го разбираат концептот на странска инвестиција и поседување на странска компанија. Сметам дека доколку немаш странска компанија или подружница, не можеш да успееш да водиш SaaS компанија од Македонија.

Сподели!
- Advertisement -