„Мајкрософт“ го надмина „Епл“ по пазарна капитализација и стана највредната компанија во светот чии акции се тргуваат на берзата, бидејќи извештајот за бизнисот на американскиот производител на iPhone не ги исполни очекувањата.
Во тргувањето на Волстрит до 10:30 часот по источно време, „Мајкрософт“ имаше пазарна капитализација од 2,45 билиони долари, додека „Епл“ имаше пазарна капитализација од околу 2,41 билиони долари, пренесува Си-Ен-Би-Си.
„Епл“ објави во четвртокот вечерта дека периодот јули-септември, четвртиот квартал од фискалната година на компанијата, генерирал приход од 83,4 милијарди долари поради проблеми со синџирот на снабдување. На Волстрит се предвидуваше дека ќе изнесува 84,3 милијарди.
Од друга страна, „Мајкрософт“ деновиве објави дека во првиот фискален квартал остварил за 22 отсто поголеми приходи во однос на истиот период лани, што беше најбрзиот раст од 2018 година.
Акциите на „Мајкрософт“ скокнаа за речиси 47 отсто во денешното утринско тргување, додека на „Епл“ поскапеа околу 11 отсто.
„Епл“ е првата компанија во светот што достигна пазарна капитализација од 1.000 милијарди долари во 2018 година, и првата што го надмина нивото од 2,0 билиони долари минатата година.
„Мајкрософт“ минатата година успеа накратко да го надмине „Епл“ по пазарна капитализација, бидејќи пандемијата предизвика хаос во синџирите на снабдување, а во јуни оваа година достигна пазарна вредност од 2.000 милијарди долари откако за прв пат го објави првото големо ажурирање на оперативниот систем Виндоус во пет години.