ЕК: Македонската економија годинава со раст од 4% и инфлација од 3,3%, да се реализираат капиталните инвестиции

- Advertisement -

Северна Македонија годинава ќе забележи економски раст од 4 отсто, а во 2022 од 3,9 проценти, додека инфлацијата ќе изнесува 3,3, односно 2,1 отсто, предвидува Европската комисија во есенската макроекономска прогноза за земјите членки на ЕУ и државите кандидати. 

ЕК оценува дека економското закрепнување на Северна Македонија бележи добар напредок, а домашната и странската побарувачка се зголемуваат. Напредокот се очекува постепено да продолжи и во 2022 и 2023 година, врз основа на зголемувањето на домашната потрошувачка и побарувачката од странство.

- Advertisement -

Реалниот раст на БДП се предвидува просечно да биде 3,9 отсто во периодот од 2021 до 2023 година. Закрепнувањето на јавните финансии веројатно ќе биде подолготрајно од претходно очекуваното. Потребите за финансирање за амбициозните нови планови за јавни инвестиции на Владата и продолжената имплементација на антикризните мерки веројатно ќе повлечат одржливи високи нивоа на фискален дефицит, се вели во есенската економска проекцијата на ЕК за Северна Македонија.

Како ризици за позитивните изгледи за раст се наведени продолжувањето на пандемијата на Ковид-19 забавувањето на темпото на вакцинација и евентуалните дополнителни рестриктивни мерки. Продолженото нарушувањето на синџирите на снабдување може да влијае негативно на очекувањата за извозот. За да се зајакне фискалната одржливост, Владата ќе треба внимателно да ги прилагодува  постепеното повлекување на фискалната кризна поддршка и спроведувањето на својата амбициозна инвестициска агендата. Фискалното сценарио треба да предвиди брзо спроведување на мерки за подобрувања на фискалното управување и во управувањето со јавните инвестиции.

- Advertisement -

Економските предвидување на ЕК за земјава – есен 2021, на средба со новинарите претпладнево во Скопје ги презентираше Фрек Јанмаат, шеф на економскиот оддел во Делегацијата на Европската Унија во земјава, кој истакна дека се очекува закрепнувањето на домашната побарувачка да се зајакнува во наредните три години, годишниот раст во потрошувачката на домаќинствата ќе се забрза во текот на 2022 година и да биде робусен во 2023 година. Со владината поддршка за вработување, за платите и заедно со дознаките од странство се очекува, вели, во наредната година потрошувачката да остане силна и да зајакне во 23-та година. Личната потрошувачка, пак, која е најголем стимулатор на домашната потрошувачка, се очекува да го поттикне економскиот раст.

Во делот на цената на енергијата, од наредната година се очекува,( а тоа се однесува и на ЕУ во целина), таа постепено да се намалува.

- Advertisement -

Кај вработувањата, предвидувањата се дека во согласност со економското опоравување, повеќе вработувањата има во вториот во однос на првиот квартал, но се уште е под нивото од 2020 година, но бројот на млади  вработени лица опаѓа, што води до раст на стапката на невработеност кај младите. Кај  вработувањата се очекува раст од 1,1 отсто оваа година, 2,6 наредната и 2,5 во 2023. Стапката на невработеност за оваа година се очекува да биде 15,7 проценти, во 22-ра да се намали на 15,1 отсто и во 23-та да биде 14,6 проценти.

-Падот на стапката на невработеноста е позитивен развој, но тоа е делумно поврзано и со намалувањето на работната сила, односно заминувањето на луѓето од земјата и воедно има општиостареење на населението во Северна Македонија што ќе значи дека многу луѓе ќе се пензионираат.  Учеството на луѓе на пазарот на трудот е многу помало од останатите земји во ЕУ. Главен предизвик ќе биде како да се мотивираат луѓето повторно да излезат на пазарот, особено жените, каде стапката на учество е многу мала. Би помогнало да има активни мерки од страна на Владата во таа насока, а добро би било да се адресира и проблемот на јаз меѓу потребите на компаниите од една страна и понудата што ја даваат образовните институиции, вели Јанмаат.

Во однос на инфлацијата се очекува притисокот на цените да стане поумерен. Таа расте годинава, а се должи на зголемените цени на енергијата и прехранбените производи и нарушувањата во синџирите особено на автомобилската индустрика. Се очекува до 2023 година овој притисок да се намали, а тоа значи за оваа година инфлацијата да биде  3,3 проценти, наредната 2,1 и за 2023 да биде 1,8 проценти.

За јавните финансии тој подвлече дека се очекува фискалната консолидација да се пролонгира. Во приходната страна на Буџетот, вели, има опоравување со оглед дека компаниите ги подмириле своите даночни обврски. Фискалниот дефицит е зголемен на 6,5 отсто од БДП во споредба со првичните очекувања од 4,9 проценти, а капиталните расходи се зголемени за 42 проценти.

-Владата планира да го намали фискалниот дефицит до 2023 на 3,5 проценти, но сметаме дека начинот на кој што треба да се постигне тоа е многу нејасен особено со најавите за зголемено јавно инвестирање од буџетски средства. Целосната реализација на овој план сметаме дека не е многу веројатна со оглед на неисполнувањето на ваквите буџетски планирања, генерално. Во минатите години е утврдено дека Владата тешко успева да ги реализира капиталните инвестиции и проектите за таа намена, како што се инфраструктурните проекти. Затоа сме критички настоени во тој поглед, вели Јангмаат.

 ЕК смета дека спроведувањето на шестиот пакет антикризни мерки усвоени во текот на пандемијата, веројатно ќе го зголеми фискалниот дефицит, а одржувањето на високиот фискален дефицит значи дека и јавниот долг не ќе може да се стабилизира до 2023 година. Се очекува овој долг да расте до 2023 година но да остане под 60 проценти од БДП (во долгот не е вклучен долгот на јавните претпријатија кој е 8 проценти). Се смета дека одредени мерки поради ковид-пандемијата ќе мора да продолжат, но тоа ќе треба да се избалансира со среднорочната цел за фискална консолидација.   

-Северна Македонија и сите други земји мора да биде подготвена за надворешни шокови во иднина. Во случајот на земјава нивото на долг беше доста низок и затоа беше можно да се определат вакви фискални мерки за поддршка на поединци и компании во текот на пандемијата и треба да се биде подготвен за можни вакви удари. Планирањето и спроведувањето на капиталните расходи мора да се зајакне со подобрување на управувањето во фискалната сфера. Така што, позитивни се прогнозите за раст, но тие не ги вклучуваат енергетската криза и политичките состојби во Собранието кои очекуваме да се разјаснат во текот на денешниот ден, заклучува шефот на економскиот оддел во Делегацијата на Европската Унија во земјава.

На новинарско прашање, Јанмаат нагласи дека ЕК е посебно заинтересира за Предлог буџетот на 2022 година, кој е во Собранието, а се потпира на истите правила како и во ЕУ дека јавниот долг не би требало да биде поголем од 60 проценти од БДП, а дефицитот не смее да е повеќе од 3 проценти. Во случај на негативни удари како што е пандемијата, појаснува тој, се дозволува одреден период да се надмине овој праг од 60 проценти, но мора да има некаква програма за враќање под овој зацртан праг, а земјава тоа во моментов го нема.

-Вкупниот јавен долг заедно со долгот на јавните претпријатија е на ниво од 63-64 проценти за оваа година и се очекува да расте до 2025  така што ја советуваме Владата за постепено враќање кон фискалната консолидација, а тоа значи и намалување на нивото на долгот. Ако се усвои овој закон за буџет тоа ќе биде и правна обврска за земјата, рече економскиот експерт.

Појасни дека кај фискалната консолидација проценката на ЕК е дека таа ќе се пролонгира за една до две години од првичната проценка. Во прогнозите за економијата не се земени предвид најновите случувања со РЕК Битола, кој не може да функционира во полн капацитет, но, вели, се земени предвид општите трендови а тоа е дека растот на цените на енергијата се од времен карактер и се очекува тие да се намалат до средината на наредната година.

Предлог буџетот за 2022 година, може да се смета за развоен бидејќи нивото на капитални инвестиции е значително поголемо од претходно, што ЕК го поздравува, но, вели Јанмаат, важна е имплементацијата, односно дали овие планирани средства навистина ќе се реализраат во инфраструктурата, модернизација на енергетската инфраструктура, животната средина… Во овој дел  за поздравување е акцискиот план на Владата изработен заедно со ММФ за следење и зголемување на реализацијата на капиталните инвестиции.

Запрашан во делот на даночните реформи Јангмаат посочува дека постојат две препораки: прибирањето на даноците да стане поефективно од страна на УЈП преку дополнителни подобрувања на софтверот и проширување на даночната база и областите во кои се плаќаат даноци.

Главен фактор кој ќе придонесе во подобрувањето на животниот стандард на населението, покрај растот на БДП, е вработувањето, порача Јанмаат.

Сподели!
- Advertisement -