Македонската компанија Si-mAind креира нова вештачка интелигенција која на машините ќе им даде емоции!

- Advertisement -

Македонската компанија Si-mAind создава нова технологија MILA AI, со која машините во иднина ќе можат да имаат свои емоции. На светскиот натпревар на технологии SME Innovation & Entrepreneurship Global Contest 2021, MILA AI беше избран како “high value and great matching to the contest” проект во конкуренција на околку 3.000 светски апликации со што влезе помеѓу десетте најдобри техологии од Централна и Источна Европа.

Патот на развојот на новата АИ е лично поврзана со првиот човек на Si-mAind Александар Савевски и неговите заложби да и помогне на својата ќерка Мила, која има аутизам. Неверојатните резултати кои ги постигнале во развојот на детето, го мотивирале Савевски да се посвети на развојот на новата технологија. Очекувањата се огромни. Тоа беше повод за ова интервју за Иновативност.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Александар, веќе некое време работите на нова технологија MILA AI. Дали може да ни појасните за што конкретно станува збор?

- Advertisement -

Би сакал прво да ја објасниме разликата помеѓу технологија и производ на читателите за да може да добијат подобра слика за нивото на иновација на кое работиме. Како пример ќе земам позната технологија како ласер, за која и научниците кои што ја откриле не знаеле што точно да прават со неа. Денес ласерите се секаде околу нас. Имаат примена во телекомуникациите, медицината, науката, мерни инструменти итн. Од друга страна нови производи се појавуваат на пазарот секој ден, но технологијата ласер е истата онаа од пред 60-тина години.

Мила АИ е технологија е нешто налик на она што претставува ласерот. Во нашиот случај тоа се група на нови алгоритми кои ги создадовме затоа што оние кои моментално се користат во вештачката интелигенција не можевме да ги искористиме за да ја добиеме посакуваната функционалност. Со други зборови започнавме сосема од почеток.

- Advertisement -

Накратко, Мила АИ претставува нова вештачка интелигенција со проширено ниво на функционалности и драстично поголема ефикасност. Тоа ни отвора врати за примената на вештачка интелигенција да стане уште попространа и евтина за имплементација.

Кога сме веќе кај функционалностите, редно е да кажеме дека Мила АИ е првата технологија со која компјутерите и сите идни сметачки машини ќе можат да имаат свои емоции.

Mila AI има способност да создаде емоции како карактеристика. Што значи тоа, кои бенефити може да очекуваме од ова иновација во иднина?

Интересно е да споменеме дека ние ја поставивме првата техничка дефиниција за емоции во светот, каде не се користи биолошкиот термин хормони, тоа само по себе е веќе историја. Исто така, спротивно на нашите очекувања, дека сме рационални суштества, нашата технологија го потврдува токму спротивното и тоа воопшто не е лошо, зашто ако не било така еволуциски ќе сме изумреле.

Со помош на функционалноста емоции, Мила АИ е способна да спознае кои работи се нови од сигналите кои ги добива, исто така токму заради емоциите може да ги менува своите приоритети , како ние што ги менуваме кога сме жедни на пример или кога ќе се повредиме па лесно се адаптираме на промената во функционалностите на нашето тело.

Заради начинот на кој што е изградена, овој тип на вештачка интелигенција е и поотпорен на можни манипулации со информациите, со кои некогаш многу лесно може да се излажат сегашните модели.

Како во случајот со ласерот, оставаме времето да покаже каде се’ и како претприемачите ќе успеат да ги комплетираат овие функционалности.

Во кој стадиум е развојот на технологијата?

Мила АИ е почетниот стадиум од малку покомплексен екосистем кој има за цел да обезбеди и солидно ниво на свесност и персонализација на моделите. Тоа значи дека ако успееме, до 2030 година вашиот автомобил ќе може да вози безбедно, но со ист темперамент како и вие, дури и ако промените автомобил па дури и бренд. Веќе нема да го имате чувството на крутост од машина. Нормално, примената од персонализација е добредојдена во сите индустрии и интеракции, така што оставам на вашата имагинација и можеби некоја иновативна претприемачка идеја за производ да почне да зрее.

Да се вратиме на прашањето, во овој момент со помош на лични средства и средства од Фондот за иновации и технилошки развој (ФИТР) успеавме да ја донесеме Мила АИ до ниво на минимално функционален производ (MVP), каде една од функциите кои ги развивме се и емоциите, но во многу базична форма. Тоа не значи дека сме завршиле, напротив, нашиот план за развој се движи најмалку до 2025 година, во по широка смисла на развој на технологијата на три пазарни нивоа секое околу 100 пати капитално поголемо од претходното.

Развојот на Mila AI има и лична врска со тебе и твоето семејство.

Како технологијата која ја развивате може да влијае на децата со аутизам? Имате ли големи очекувања?

Пред нешто повеќе од три години јас бев тотален аусајдер во полето на вештачка интелигенција. Тоа не значи дека потенцијалот не постоел, нотранзициското опкружување, конзервативноста и затвореноста на земјата си го направија своето. Најстарата ќерка, Мила, разви елементи на аутизам и на 4.5 години немаше никаков говор. Ситуацијата беше очајна затоа што имаше комплетно ментално заостанување од неколку години и јазот, покрај три години интензивни вежби продолжи да се зголемува. Откако нашите истражувања покажаа дека не постојат никакви конкретни методи за развој на говор на светско ниво, сами почнавме да бараме решенија. Чисто да напоменеме дека мозокот на секој човек на седум години претрпува драстични физиолошки промени наречени кастрење (pruning).

Секој јазик што ќе го научиме пред овој период го зборуваме како мајчин, после овој период со акцент. Музичар не може да стане маестро ако не почне да свири пред овој период. Тоа условно значеше дека имаме некој рок од грубо три години за да најдеме решение, зашто после тоа се’ ќе биде многу потешко.

Со добри анализи, многу читање, истражување до доцна во ноќта, после една година се појави концепт кој објаснува како мозокот би работел во случај теоријата да ни е точна (како референца истражувавме теми од вештачката интелигенција, мозок, неврални активности, модели на мозок и сл.).

Откривме пропусти во начините и методите со кои на аутистичните деца им се презентираат вежбите, кои, иако со добра намера, по нашата (тогаш) теорија допринесуваат за промовирање на аутистичните елементи , наместо да помагаат. Како што споменав погоре немавме друга опција, нашата беше единствената, немаше што да изгубиме ако пробаме. За само 6 месеци со новите модифицирани вежби Мила почна да чита, ден по Нoва година, а когнитивното ниво и’ се изедначи со нејзините врсници (невидени24 месеци напредок). По три месеци кажа тато, но се обраќаше така на обајцата, па се шегувавме со актуелната тема родител 1 и родител 2. Сега Мила посетува второ одделение, поседува солидни математички способности, а на јазикот се уште работиме, но сме сигурни дека наскоро ќе достигнеме комплетна типичност, иако имавме поскромни цели. Само да напоменам, за да нема забуни, методите за вежбање ги темелиме на технологијата позади Мила АИ (која тогаш не постоеше). Вежбите се одвиваа од стручно лице со кое соработувавме, за да го промени пристапот, согласно нашите наоди. Сепак, после вакви резултати, решив да му дадам шанса на концептот за техничка изведба во форма на вештачка интелигенција, односно се „заговараше“ создавањето на Мила АИ. Сите прогнози успеавме технички да ги потврдиме.

Неодамна на светскиот натпревар на технологии SME Innovation & Entrepreneurship Global Contest 2021, Мила АИ беше избран како “high value and great matching to the contest” проект во конкуренција на околку 3.000 светски апликации. Што значи тоа за вас?

Најпрво тоа значеше дека конечно знаеме како правилно да се’ претставиме што работиме. Иако тривијално, кога станува збор за технологија, грешката многу лесно се прави. Претходно бевме разбирани дека работиме на производ и беше многу тешко да најдеме заеднички јазик со потенцијални инвеститори. Како дообјаснување, после оваа фаза од натпреварот Мила АИ всушност влезе помеѓу десетте најдобри техологии од централна и источна Европа, што е голем успех. Практично самостојно ја ставивме Македонија на мапата на технолошко развиени земји со симболичен буџет. Она што го научивме од оние кои се покажаа поуспешни од нас, беа извесни процеси од Европа наменети за развој на технологија за кои не бевме целосно запознаени. Причината е непостоење на експерти  за технологија во регионот на Источна Европа. Секако тоа не е крај на приказната, Си-мАинд е дел од Inception програмата на nVIDIA, каде моментално аплицираме за 20 минутен прозор на следниот GTC  настан https://www.nvidia.com/gtc/call forsubmissions/) кој традиционално се одржува во San Jose кон крајот на март. Тоа е настанот на кој што ќе ги таргетираме сите, за нас релевантни, ИТ компании и стручњаци во светот. Ако не’ изберат, ќе бидеме првата компанија од Балкан со ваква промоција. Планираме и научни објави, но заради тоа што таргетираме високо рангирани конференции, стручните лица не’ советуваа дека истото како процес ќе трае подолго за да се задоволат извесни научни стандарди кои Мила АИ во MVP форма не може да ги понуди.

Какви се вашите планови за во иднина?

Сега сме во процес на барање на инвестиции. Како што напоменавме постојат механизми во Европа наменети томку за развој на технологија наречена EIC Accelerator (https://eic.ec.europa.eu/eic-fundingpportunities/eic-accelerator_en). Како земја аспирант, за нас, овие механизми се најрано достапни од следната година. Комуницираме со инвеститори од Америка, со кои веќе имаме иницијални состаноци, но исто така како дел од Seavus акцелераторот (сега дел од Арикома групацијата) исто така очекуваме извесна разврска. Она што лично ме изненади е што после подолго време има интерес и од домашни инвеститори, кои сами ми пристапија.

Целта ни е паралелно со развојот да се почне и соработката со нашите клиенти кои според нашите анализи се во САД и Кина. Би сакал да завршам со неколку важни пораки. Патот на Си-мАинд како стартап е доста тежок, лично поседувам над 15 години работно искуство. Формалниот и неформалниот тим позади овој проект е 15 лица кои што се поеднечно доста успешни во своите области, седум од нив имаат или имале извршна функција во компанија. Сето ова доведува нивото на отстапки од плановите што како компанија ги правиме да биде минимално.


Пораката до младите претприемачи е да знаат дека натпреварот, кој почнува на денот на натпреварување, е веќе изгубен ,односно многу наши стартап компании изгледаат „анемично“ пред сериозните инвеститори затоа што процесот на раст трае години, ние правиме се’ во наша моќ да не станеме ваков стереотип.

Сподели!
- Advertisement -