Само 32 отсто од нашето население поседува дигитални вештини. Во однос на дигитализацијата заостануваме дури и во регионот, а животниот стандард ни е 38 проценти од просекот во ЕУ. Има долг пат пред нас што треба да го изодиме, но тоа никако не смее да не обесхрабри. Ако имаме јасна цел, лесно се стигнува до неа. Целта недвосмислено е подобар животен стандард, само треба да го најдеме вистинскиот пат. Не е важно дали одиме лево или десно, доколку се движиме напред. Да побрзаме напред, рече главната извршна директорка на Македонија2025, Никица Мојсовска Блажевски во поздравното обраќање на јубилејниот 10. Самит на Македонија2025.
Според Мојсовска Блажевски, визијата на Македонија2025 е земјава да стане водечка економија и најпросперитетна држава во регионот, како и да промовира одржлив економски развој што ќе ги подобри можностите за граѓаните, компаниите и странските инвеститори.
-Со нашата визија се надевам дека ќе спречиме и одлив на луѓе, посебни на млади, потенцира директорката.
Таа се осврна на сработеното во изминатите 10 години, ноги спомна и новите иницијативи.
Мојсовска Блажевски информираше дека на Самитот досега имало над 3 000 посетители, 520 говорници од 80 земји меѓу кои врвни менаџери и сопственици на бизниси, реформатори, претставници на тинк-тенк организации, академската заедница и дипломатски претставници. Реализирани се над 45 бизнис форуми, сто соработки, но и влез на 15-на странски инвститори. Лобирано е за одредени економски програми, за поедноставување на административните процедури, а поддржани се и млади претприемачи со обуки кои ќе им овозможат отворање сопствени бизнис.
Пред присутните се обрати и претседателот на Бордот на директори на Македонија2025, Мајкл Чкламовски кој нагласи дека Македонија2025 има многу амбициозни цели од кои голем дел, како што рече, ќе бидат постигнати.
-Имаме одлични резултати и кога ќе успееме тоа дава кредибилитет на сите други наши активности. Дипломци е можеби нашата најдобра програма. Финансираме многу стипендии на јасен и транспарентен начин, 125 само во 2021 година, рече Чкламовски.
Тоа, како што кажа, долгорочно ќе помогне земјава да се позиционира како лидер во бизнисот во регионот.
Самитот официјално ќе го овтори претседателот Стево Пендаровски, а на него учествуваат и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кој ќе зборува за неопходноста од дигитална трансформација, како и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини кој ќе се осврне на технологиите за борба со климатските промени.
Самитот е организиран преку пет панели и едно главно интервју, при што 28 говорници ќе зборуваат пред 100 гости и пред околу 300 гости вклучени онлајн.
Дел од говорниците ќе бидат и директорот на ФИТР, Коста Петров, главниот извршен директор на SoftBank Group International, Марсело Клауре кој ќе има интервју со Мајк Зафировски, како и амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј.
На Самитот ќе се презентираат најновите достигнувања, трендови, знаења и вештини во областа на дигитализацијата, циркуларната економија, успешните регионални бизниси од областа на технологијата и ИКТ секторот, а ќе се зборува и за жешките економски прашања – инфлацијата, растот на економиите, енергетска криза и други.