Биткоинот нагло падна денеска, за речиси 8,0 отсто, по извештајот за нов вид на коронавирус кој е потенцијално отпорен на вакцината, што ги натера инвеститорите да ослободат ризични средства во корист на безбедни засолништа како државни обврзници, јенот и доларот.
Биткоинот потона за цели 7,8 отсто на 54.377 долари, што е најниско ниво од 12 октомври, пренесе Ројтерс.
Најголемата светска дигитална валута по пазарна капитализација е на пат да го забележи најголемиот еднодневен пад од 20 септември оваа година, губејќи повеќе од една петтина од својата вредност во споредба со рекордното ниво од 69.000 долари што го достигна претходно овој месец.
Научниците велат дека новиот вид на коронавирус, кој е откриен во Јужна Африка, Боцвана и Хонг Конг, е необична комбинација на мутации што би можеле да го направат отпорен на имунолошкиот одговор на телото или попренослив и позаразен од делта варијантата.
„Неговото проширување, особено во други земји, може дополнително да го намали апетитот на инвеститорите на крипто-пазарите. Опоравувањето на биткоинот веројатно ќе биде ограничено и пазарот треба да биде подготвен за дополнителни загуби“, вели Јуја Хасегава од берзата „Битбанк“ во Токио.
Паднаа и помалите криптовалути, кои имаат тенденција да се движат во тандем со биткоинот.
Етер, вториот по големина токен по пазарна капитализација, падна за дури 11,6 отсто на најниското неделно ниво.
Според последните расположливи податоци се тргува на ниво од 4.070 долари, што е за околу 18 отсто под неговата рекордна вредност забележана на 10 ноември.
Фото – Biznewspost