Ино Тех Клуб го формира првиот Фаб Лаб во Македонија, простор каде младите ќе иновираат и креираат!

- Advertisement -

Формирањето на првите Fab Labs, или лаборатории за производство какви што одамна функционираат во развиените земји, е повеќе од извесно. Фондот за иновации и технолошки развој ги додели првите три гранта во рамките на завршениот „Предизвик за воспоставување на лаборатории за производство FAB LABS – Младите создаваат”, кои ќе обезбедат пристап до современи технологии за средношколци и млади. Проектот доби поддршка и од Alumni Outreach Програмата на Американската Амбасада и од неколку домашни компании.

Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ Штип, ЦИРКО од Машински факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологиии ја добија шансата да ги воспостават првите три лаборатории за производство, со што сериозно се очекува да се зајакне соработката помеѓу академската заедница, индустријата, граѓанскиот и јавниот сектор.

- Advertisement -

Каква ќе биде лабораторијата за производство на Ино Тех Клуб лоцирана на Технолошко-металуршки факултет, кој се ќе има пристап до истата и кои се очекуваните резултати од креирањето на ова иновативно место разговаравме со д-р Игор Јорданов, професор на Технолошко-металуршки факултет и претседател на Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ Штип.

Разговараше- Сања Наумовска

- Advertisement -

Професор Јорданов, Вашето здружение ќе ја формира првата Фаб Лаб лабораторија во земјава. Каков е Вашиот концепт?

Лабораторијата за производство Ино Фаб Лаб, која ќе биде лоцирана на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, е замислена да биде место каде младите кои имаат иновативни идеи и техничко-технолошки аспирации ќе можат слободно да ја користат иновативната опрема во лабораторијата и да добијат менторска поддршка од стручни лица. Клучната цел на формирањето на вакви лаборатории е да се зајакне инфраструктурата во земјава за поттикнување иновативни идеи но и место каде истите ќе се истестираат и прототипираат. Ваквиот пристап и формирањето на првите лаборатории за производство би требало да го поттикнат истражувачкиот, иновативен дух на младите и да ги зајакнат техничките вештини, кои во моментов се сметаат за слаба точка.

Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ во партнерство со Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, преку овој проект во период од 12 месеци, ќе им овозможи на педесетина креативни средношколци и студенти да се вклучат во работа на конкретни проекти кои ќе резултираат со развој на најмалку шест прототипи.
Тимовите кои ќе добијат пристап до лабораторијата ќе се избираат врз основа на проектна идеја, а ќе аплицираат на нашите јавни повици. Се очекува тимовите  да бидат составени од 6-8 млади лица чии идеи имаат најголем потенцијал за развој на иновативен производ. Откако ќе бидат избрани, тимовите заедно со нивните ментори ќе имаат период од четири месеци за работа во лабораторијата за производство.Сакам да нагласам дека најмалку 40% од тимовите ќе бидат девојчиња, затоа т+што навистина сметаме дека е неопходно нивно поголемо вклучување во СТЕМ едукацијата (наука, технологија, инженерство и математика).

- Advertisement -

Нашата навистина силна страна во целава оваа иницијатива е големата менторска мрежа која ја развивме за време на имплементацијата на Ино Тех проектот за популаризација на науката, техниката и иновациите. Во нашата менторска мрежа, односно експерти кои ќе работат директно во лабораторијата со избраните тимови, се наоѓаат искусни и стручни лица од редот на факултетски професори од повеќе универзитети, професори од средни училишта, искусни инженери и менаџери од домашни и странски компании во земјава, експерти со богато практично искуство во повеќе индустриии.

Веруваме дека преку оваа уникатна едукативно-практична програма за развој на производ или подобрување на некој процес, учесниците ќе навлезат подлабоко во светот на техниката и технологијата и ќе се стекнат со искуство и вештини кои ќе им помогнат во успешно трасирање на нивните идни кариери. Дополнително на оваа менторска програма, на учесниците ќе им биде овозможена и дополнителна обука за основни бизнис и претприемнички вештини. Зошто? Затоа што светот денес се повеќе се движи кон развој на стартап иницијативи кои најчесто вклучуваат технички напредни и иновативни производи  кои ќе им бидат од клучно значење за следната фаза од нивниот кариерен развој.

Како ќе биде опремена лабораторијата? Какви технички можности ќе понуди? 

Inno Fab Lab ќе биде опремена со следнава опрема: ласерска машина за сечење во 2D и 3D; 3D печатар; CNC машина со висока точност за обработка на струјни кола, калапи и др.; шредер за ситнење на пластичен, текстилен и земјоделски отпад; мини екструдор за екструдирање делови од рециклирана пластика и зајакнувачи од отпад; мини преса за добивање композити од обновливи хемикалии базирани на циркуларната економија; 3D скенер и компјутери. Целата оваа опрема ќе биде ставена во функција на тимовите кои ќе работат во истите, со крајна цел идеите да се истестираат и да се произведат прототип на нови или подобрени производи. Едно истражување на Стартап Македонија покажа дека најголем дел од домашните стартап компании немаат прототип на своите иновативни идеи, што претставува сериозен проблем во потенцијалот за нивна подоцнежна комерцијализација.

Сакам да потенцирм дека од голема важност е фактот што лабораторијата ќе биде сместена на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, кој со своите програми ги опфаќа речиси сите инудустрии во земјата. Овде се креираат кадри за прехранбената, текстилната, металуршката, хемиската и индустријата за производство на материјали.

А, од каде всушност дојдовте до идејата за формирање на Фаб Лаб и мотив да влезете во една ваква иницијатива?

Формирањето на Ино Фаб Лаб воопшто не е случајно. Нашата организација во 2020  година со поддршка на Alumni Engagement Innovation Fund на американската влада реализираше проект за мотивација на младите во земјава да изберат образование и кариера во областа на технологија, наука и иновации. Тоа вклучуваше посета на голем број на средни училишта и факултети ширум земјава, организација на повеќе Ино Кафе настани на кои зборуваа млади кои сериозно се навлезени во овие области, претприемачи и менеџери од познати технолошки и производни компании во земјава како и професори и истражувачи. Она што произлезе како очигледен заклучок од едногодишната работа на терен и силната комуникација со младите е дека на младите им треба практична работа, а не самo теоретско знаење. Им треба неформална атмосфера за искажување на нивните идеи и секако им треба стручна и инфраструктурна поддршка за нивна реализација. Од друга страна, на компаниите во земјава кои се занимаваат со производство, со имплеменатција на техноилогија континуирано им недостигна стручен кадар, но и пристап до млади креативни од кои може да се добијат иновативни идеи.

Секако овде е и инспирацијата од имплементираниот концепт на fab labs во други земји. Непосредно пред почетокот на пандемијата имавме прилика да ја посетиме fab lab лабораторијата на Електри-техничкиот факултет во Љубљана, каде студентите и сите заинтересирани може да ја користат нивната лабораторија. Таа функционира многу успешно и од нејзе веќе се излезени и одредени технички решенија кои се во процес на пантентирање.

Веруваме дека ваквите простори кои ќе се отворат и во нашата земја ќе дадат силен импулс за зголемување на техничкиот и иновациски потенцијал на младите во земјава.

Inno Cafe настан во Скопје

Значајно е тоа што за оваа иницијатива добивте поддршка и од други институции и  компании.

Да, иницијативата за воспоставување на првата фаб лаб лабораторијата е препознаена од повеќе места. Проектот освен од Финдот за иновации и технолошки развој е поддржан и од Alumni Outreach Програмата на Американската Амбасада во земјава, а за одбележување е тоа што неколку компании со финансиска и стручна поддршка исто така се вклучија во иницијативата. Во оваа прилика би сакал да им се заблагодарам на: Макстил, Усје, Завар Компани, Textile Solutions, Кабтел, Тиквеш и Битолска млекара кои во Ино Фаб Лаб гледаат како на место каде ќе може да тестираат некои иновативни идеи, или пак да добијат нови идеи од младите луѓе кои ќе работат и креираат во овој простор. Тоа е и долгорочната визија на оваа лабораторија, да прерасне во самоодржлив центар кој на македонските компании ќе им биде десна рака во нивните истражувачки и развојни иницијативи.

Тимот на Ино Тех Клуб: професор д-р Игор Јорданов, Љубица Ангелкова, Верица Јорданова, професор д-р Зоран Марков

Која всушност е мисијата на Ино Тех Клуб?

Мисијата на Здружението е да креира култура на споделување на знаења и искуства, да ги поврзува луѓето и институциите и да реализира проекти кои ќе резултираат со посилен претприемнички и иновациски дух во нашето општество. По реализирани голем број на настани за промоција на науката, технологијата и и иновациите како важен mind-set на секое растечко општество  ширум целата земја, Ино Тех Клуб денес може да се пофали со над 1.000 членови, од кои 70% се средношколци и студенти. Сржта на организацијата е исклучително солидната база на млади луѓе и експерти неопходни за воспоставување и реализација на Ino Fab Lab проектот. Сакам да нагласам дека Организацијата има потпишано меморандуми за соработка со пет технички факултети од Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, со организациите Стартап Македонија и ЦЕФЕ Македонија, со Сеавус Едукативен и развоен центар, X Фактор Акцелераторот,  Асоцијацијата на метална и електро индустрија- МАМЕИ а воспостави соработка со повеќе бизнис акцелератори и бројни домашни и странски компании во земјава. Воспоставениот Борд на експерти во рамки на Здружението, кој се состои од иноватори, претприемачи, менаџери, универзитетски професори и експерти, дава солидна експертска база за црпење соодветни ментори за Fab Lab проектите, но секако и за натамошно ширење на визијата дека само економија и општество базирано на знаење и технолошки напредок може да се надева на просперитетна иднина.

Oрганизацијата во изминатиот период интензивно работеше на зајакнување на мрежата на соработници и партнерски организации со кои во иднина може да реализира иницијативи во насока на активирање на младите од една страна, и имплементација на технологијата и иновацииите во повеќе сфери од општеството.

Но, најважни за успехот на секоја иницијатива се луѓето. Тимот кој стои зад успесите во изминатите години се состои од професор д-р Зоран Марков од Машинскиот факултет во Скопје, Љубица Ангелкова ПР експерт и Верица Јорданова, новинар и уредник на порталот Иновативност. Посветеноста на тимот на остварување на мисијата која си ја задодовме е пресудна за успехот кој го постигнуваме.

Како планирате да ја ширите мисијата што повеќе млади од земјава, наместо да се иселат, да останат овде и да се одлучат да градат кариера поврзана со технологија, производство, наука и иновации? 

Поаѓајќи од премисата дека секоја добро завршена работа треба и добро да се презентира планираме работата на тимовите од Ино Фаб Лаб и пред се добиените резултатите и прототип-производи да се презентираат пред потенцијални инвеститори и бизнис ангели на Ино Кафе настани. Овие настани или “пичинг сесии“ ќе се организираат во три наврати, по завршување на практичната работа на секој од тимовите кои ќе ги развиваат своите идеи во лабораторијата.

За успешна организација и реализација на овие преземтации Inno FABLab ќе ја искористи мрежата на Inno Tech Club, но и Стартап Македонија, X Фактор Акцелератор, МАМЕИ и Амчам за да привлече менаџери и сопственици на домашни и странски компании во земјава, како и потенцијални инвеститори кои би биле заинтересирани финансиски да ги поддржат нивните иновативни идеи. На настаните ќе бидат присутни и компаниите кои изразија поддршка за формирањето на лабораторија за производство, како и сите други заинтересирани компании.
Искуството од Ино Кафе настаните кои ги организиравме во изминатиот период е дека презенацијата на иновативни идеи и лични искуства во развој на иновации и нови производи привлекува огромно внимание. Преку овие настани се уверивме дека во земјава недостига платформа за споделување на искуства и размена на идеи. Исто така, овој тип на настани се доста атрактивни и за самите компании, кои веќе во континуитет укажуваат на надостигот од квалификувана работна сила и млад кадар кој ќе има можност да расте и да се развива  во нивните компании. Затоа сме уверени дека овие „пичинг“ настани ќе бидат од голема корист за самите младински тимови кои ќе презентираат ќе значат промоција на нивната работа и шанса да добијат поголема визибилност; за компаниите е можност да добијат свежи, иновативни идеи кои во иднина би можеле да се доразвиваат за нивни потреби. За инвеститорската јавност може да бидат важен извор за нови иновации со пазарен потенцијал.

Сподели!
- Advertisement -