Меѓународната вселенска станица поради својата старост има се повеќе проблеми, па дури се размислува и за порано „пензионирање“ на станицата. Токму поради тоа НАСА работи на проект за изградба на нова станица. Денес осамнаа податоци дека американската вселенска агенција одлучила договорот за изградба на новата станица да го довери ни повеќе, ни помалку туку на компанијата која ги тужеше пред извесен период затоа што ја исфрлија од трката за Месечината.
Станува збор за компанијата Blue Origin на шефот на Amazon, Џеф Безос. Таа е една од трите аеронаутички компании кои се избрани за осмислувње на новата комерцијална дестинација во вселенста. Вкупната вредност на проектот достигнува неверојатни 425,6 милиони долари, а покрај Blue Origin, договори добија и компаниите Nanoracks и Northrop Grumman Systems.
„Комерцијалните компании овозможуваат транспорт во ниската Земјина орбита, а ние договоривме партнерство со американски компании кои ќе развијат вселенски дестинации кои луѓето ќе можат да ги посетуваат, да живеат и да работат таму. Тоа че овозможи НАСА да му го трасира патот на човештвото до вселената, а истовремено ќе поттикне и комерцијална активност“ изјави шефот на НАСА, Бил Нелсон.
Моментално во Земјината орбита постојат актуелната Меѓународна вселенска станица, која е заеднички проект на Русија, САД и уште неколку вселенски агенции ширум светот. Русија уште порано ја најави својата желба да гради сопствена вселеска станица, Кина веќе испрати неколку свои модули во вселената и докажа дека нејзината вселенска станица е спремна за живот и работа на астронаути, а не е тајна дека за своја комерцијална вселенска станица размислуваат и неколку приватни компании, меѓу кои е и токму Blue Origin.
НАСА се надева дека новата станица може да почне со работа во 2028 година, иако со оглед на досегашните искуства со мисијата Artemis, пореално е да се очекува дека тој рок ќе биде 2030 година.
(Zimo)
(фото: Flickr)