Крвната плазма од лицата кои прележале Ковид-19 не треба да се користи во лекување на пациентите бидејќи нема доволно докази за подобрување на нивните шанси за закрепнување, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).
Неколку студии не покажаа никаква видлива корист во лекувањето на сериозно болните. Студија во САД е прекината во март, откако беше утврдено дека плазмата веројатно нема да им помогне на пациентите со благи до умерени симптоми на болеста.
Методот е и скап и одзема многу време, се вели во соопштението на СЗО.
Панел од меѓународни експерти недвосмислено препорача дека плазмата не треба да се користи во лекувањето на пациенти со лесен облик на болеста, а според нив не треба да се користи ниту во третман на пациенти со тежок и критичен облик на болеста, нагласи СЗО.
Препораката е објавена во Британскиот медицински журнал (БMЏ) и се заснова на докази од 16 испитувања во кои беа вклучени 16.236 пациенти со благи, тешки и критични облици на Ковид-19.