Само 14 отсто од Европејците сакаат да се вратат во канцеларија по пандемијата од 9 до 17 часот, а повеќе од половина од анкетираните велат дека се попродуктивни додека работат од дома, покажува новата анкета.
Но, „хибридната работа“ – мешавина од работа од дома и канцеларија – исто така има свои недостатоци, а повеќе од една четвртина од испитаниците веруваат дека работат постојано или работат до доцна во ноќта, според истражувањето нарачано од Samsung Electronics и The Future Laboratory.
Истражувањето опфати 14.000 луѓе ширум Европа и покажа дека 83 отсто од вработените бараат поголема поддршка од работодавачот за постигнување рамнотежа помеѓу работата и животот.
Според Евростат, во 2020 година, околу 12 отсто од вработените во Европската унија работеле од дома, во споредба со 5 отсто од нив пред пандемијата.
„Работодавците сега мора внимателно да размислат како ќе одговорат на предизвиците на модерниот хибриден живот“, рече потпретседателот на Samsung Бенџамин Браун.
Две третини од Европејците рекоа дека направиле – или планираат да направат – адаптации во домот за да го олеснат хибридниот живот и, на пример, уредиле домашни канцеларии, додека 41 процент одлучиле да се преселат.
Исто така, 51 процент од испитаниците се изјасниле дека технологијата, односно алармите и разните апликации им олеснуваат да поставуваат граници меѓу работата и приватниот живот.
„Технологијата веројатно ќе го следи нашето ментално здравје и среќа, како и физичкото здравје, а паметните уреди ќе станат наши асистенти“, рече Меик Викинг, извршен директор на данскиот институт за истражување на среќата, кој соработува со Самсунг на полето за иднината на работењето.