Осмото издание на онлајн фестивалот на европски филм, „Фестивал на тркала“ оваа година на фестивалската карта бележи шест умешно избрани европски филмови.
Првиот филм е анимираниот француски филм „Патешествието на принцот“ или оригинално „Le voyage du prince“, кој говори за еден изгубен и ранет принц кој ќе биде пронајден од младото момче Том кое потекнува од различна средина и меѓу нив почнува да се создава нераскинлива врска на почитување додека заедно доживуваат различни патешествија.
Вториот на програмата е јапонскиот филм „Мираи“, оргинално насловен „Mirai no Mirai“, што ја раскажува приказната за момче кое влегува во магична градина која подоцна му овозможува да патува низ времето запознавајќи се со своите поранешни и идни членови на семејството.
Трет избран филм е германската комедија „Подобри си го животот“, каде Евелин Мелер се обидува да се справи со вистинскиот пекол што и го создава нејзиниот газда на работа. По некое време открива дека убиството не е најдоброто решение за спас.
„Кожурец“ или германски „Kokon“ е семејна драма која на умешен начин преку протагонистот Нора дава целосна слика на „лето на промена“. Се работи за општество каде има безмилосни телефонски камери и снимки, каде девојките сакаат да се слаби и згодни, а момчињата дофрлаат безвредни и навредливи коментари за да привлечат внимание. Нора знае дека во воздухот мора да има нешто повеќе од тоа и тоа се потврдува кога на лето го запознава Роми, а потоа сѐ се менува.
„Rocca verändert die Welt“ или „Рока го менува светот“ е уште еден германски филм на програмата, комедија со семејна тема што го опишува животот на Рока која живее со својот татко – астронаут кој наместо нормално школување и дава часови за вселената и зборува со неа на сериозен начин.
„Брат ми брка диносауруси“ или на италијански „Mio fratello rincorre i dinosauri“ е последниот филм што ќе може да се проследи на овогодинешното фестивалско издание. Се работи за драма каде главен лик е Џек кој многу сака да добие помал брат да си игра со него. Кога Џио се раѓа, родителите му соопштуваат на Џек дека тој е посебно дете. Џек тоа го замислува како суперхерој од неговите стрипови, но Џио всушност има Даунов Синдром. Додека расте, Џек го крие постоењето на неговиот брат од новите приајтели и девојка, но набрзо и тоа се открива и Џек сфаќа дека енергијата и виталноста на Џио се заразни.
Сите филмови ќе бидат достапни до 31 декември и ќе може да се проследат на посебната платформа cinsquare.net.
„Фестивалот на тркала“ од 2014 година го организира продукциската и дистрибутерска компанија „Катавеј“ од Скопје. Целта е да се промовираат квалитетни европски филмови од различни држави што генерално ќе ги доближи истите до поголема публика, а ќе придонесе и да порасне интересот за европското кино воопшто.
(Meta.mk)
(фото: Festival on Wheels)