-5.2 C
Skopje
четврток, јануари 20, 2022

Александра Карагирова oтвора центри низ целата земја! Применува најнови методи за работа со деца со нетипичен развој

Kabtel desktop

Центарот за стимулација, раст и развој „Старс“ е место каде што децата без разлика на нивниот развој може да се запознаат и да се дружат, но и место каде што се користат најмодерните технологии и методи за работа со деца со атипичен развој и артикулативни отстапувања.

Александра Карагирова, специјален едукатор и рехабилитатор, вели дека родителите и децата имаат многу голем бенефит и резултати од тимскиот пристап и работата со нив. Во центрите кои во моментов функционираат во Велес, Скопје, а и тој што наскоро ќе биде отворен во Струмица, тимот едукатори и специјалисти користат логопедски третмани, третмани со специјален едукатор и рехабилитатор, неурофидбек третмани, play attention третмани, како и soundsory и forbrain технологии.

Разговараше – Сања Наумовска

Г-ца Карагирова, кажете ни нешто повеќе за центарот Старс, какви услуги нуди?

Центарот за стимулација, раст и развој постои од октомври 2019 година. На почетокот работевме само со третмани од логопед и специјален едукатор и рехабилитатор и дефектолог, за Велес и околината. Главната цел на „Старс“ е развивање на позитивно другарство помеѓу деца со типичен и атипичен развој. Тоа значи дека центарот од самиот почеток е отворен и за деца со типичен развој кои што доаѓаат само за стимулација и едукација. Примарната дејност ни е работа со деца со атипичен развој и артикулативни отстапувања. Во моментов имаме два Старс центри, во Велес и во Скопје. Овде работиме со логопедски третмани, третмани со специјален едукатор и рехабилитатор, неурофидбек третмани, play attention третмани, како и soundsory и forbrain технологии.

Александра Карагирова, специјален едукатор и рехабилитатор

Во работата со деца и млади со аутистичен спектар на нарушувања во развојот користите нови иновативни решенија. Кажете ни колку време ги развивате и како се применуваат?

Работејќи со ранлива група на лица, кои во денешно време се соочуваат со разни проблеми и предизвици во текот на растот и развојот, одреден временски период ги истражував модерните и софистицирани методи за стимулација и надминување на овие проблеми. Неурофидбек методата по Отмер, беше првата метода која што ми го привлече вниманието бидејќи е безбедна за деца од сите возрасти, неинвазивна е и дава одлични резултати кај секого. Play attention методологијата, генерално работи на сличен начин како и неурофидбекот, но тука се става акцент на работа со деца кои што имаат хиперкинетски синдром и децата кои што имаат проблеми со училишните потешкотии, како што се дислексија, дискалкулија. Soundsory и Forbrain технологиите се слушалки кои што прават коскена спроводливост и за прв пат децата можат да си го слушнат сопствениот глас, како и да добијат целовитост на сликата за себе, односно на телесната шема. Сите овие методи се широко прифатени во светот и претставуваат алатки кои ги надополнуваат класичните методи во дефектолошката и логопедската работа, а воедно и ја издигнуваат на едно повисоко технолошко ниво.

Колку време се применуваат овие иновативни решенија и кој е бенефитот за децата?

Со имплементација на сите иновативни методи започнавме пред 18 месеци и навистина забележуваме одлични резултати кај сите. Со нив се постигнуваат одлични резултати во говорно-јазичната сфера, когнитивниот развој и вниманието и концентрацијата кај децата со проблеми во развојот.

Кои се најчестите проблеми со кои во последните години се сретнувате во развојот на децата?

Живеејќи во ова модерно време и брзо темпо на живот, децата во поголем дел од денот се изложени на електронски уреди. Седејќи пред телевизор или држејќи телефон во рака, ја губат имагинацијата на детската игра и апстрактното мислење, исто така немаат навика за разгледување на сликовници, книги, боење, пишување и на овој начин имаат многу слаба графомоторната способност. Се поголем е бројот на деца кои што имаат говорно-јазични пореметувања, отсуство на внимание, фокус и концентрација, немаат просторна координација и сл. На малите деца им е потребна активно движење, истражувачка игра, односно природна детска игра за да постигнат адекватна сензорна стимулација на вестибуларниот, проприоцептивниот и тактилниот систем, се со цел да овозможат нормален развој.

Колку иновациите и технологијата се дел од модерните третмани на децата со атипичен развој?

Како што веќе напоменав, во „Старс“ постојано ги следиме и сме во тек со најновите светски технологии и методологии на работа. Се трудиме да ги набавиме сите апарати што се достапни на пазарот и внимателно ги имплементираме во методологијата на работа.

„Старс“ во својата развојна програма во овој момент го подготвува и третиот центар во Струмица кој што ќе ја задржи истата поставеност како и истите кабинети. Секако, овде нема да застанеме и преговараме и за други проекти со лица и институции и од останатите градови.

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!