Преку хакатонот Тech4Muni сакаме да најдеме иновативни решенија за повеќе проблеми на локално ниво

- Advertisement -

Тech4Muni MK е престижен иновациски маратон на кој талентирани македонски компании и претприемачи развиваат решенија за предизвиците со кои што се соочуваат градовите.

Пријавувањето за овој настан, кој ќе се одржи на 11 и 12 септември во Скопје, веќе е во тек. Клучните предизвици со кои се соочуваат градовите се: кучиња-скитници, развој на локален туризам, недостапност на општинските услуги, споделување на простор и поддршка за стари лица. Најдобрите решенија ќе добијат средства за имплементација.

За овој иновативен настан разговаравме со Нарине Сахакјан, постојанa претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Република Северна Македонија.

Разговараше – Верица Јорданова

Г-ѓа Сахакјан, може ли да ни кажете нешто повеќе за иницијативата Тech4Muni MK?

- Advertisement -

Целата идеја и иницијатива дојде после мојата минатогодишна мисија во Израел. За мене беше позитивен шок целиот концепт на стартап нација и како една земја со 8 милиони жители без природни ресурси, земја во конфликт за само 50 години да стане нација која има повеќе стартапи по глава на жител отколку која било друга развиена земја во светот. Одржавме средби со повеќе државни органи, лаборатории, иновациски хабови, организации, истражувачки групи и со приватниот сектор во обид да дознаеме што е тајната на овој феномен.

Во текот на тие средби ги запознав ‘Креатори’ – лабораторија за иновации од Тел Авив, ја видов нивната работа, видов како се справуваат со проблемите на општинско и на локално ниво. Една од методологиите како да се поттикне развој на стартап секторот е давањето можност приватниот сектор да ги решава проблемите и предизвиците на локалните заедници. УНДП во Република Северна Македонија работи многу со властите на локално ниво и се обидува да ги реши потребите на луѓето на локално ниво. Не секогаш тоа е успешно. Размислував дали  можеби е паметно израелската методологија да се примени и тука . Така воспоставивме контакти со ‘Креаторите од Израел.

- Advertisement -

Пред неколку месеци ги поканивме да ја посетат државата и да се сретнат со локалните заедници, со стартап заедницата и со претставници на власта, да ја презентираат својата методологија и да ги разберат потребите и ограничувањата на локалните заедници, локалните власти и приватниот сектор. Заеднички одлучивме дека можеби нивната методологија ќе функционира и овде и вреди да се проба.

- Advertisement -

Бевме пресреќни затоа што три општини сакаа да учествуваат заедно со нас во пилот-програмата. Наидовме на градоначалници со навистина широки сфаќања од Велес, Гостивар и Струмица. Најдовме и стартапи и претприемачи кои отворено ја прифатија идејата и ни се придружија. Одржавме неколку средби со општинските власти за да ги разбереме нивните потреби. Втората рунда од консултациите беше со граѓаните за навистина да разбереме дали потребите кои ги потенцираа општинските власти се совпаѓаат со нивните. Во некои случаи мислењата се совпаднаа, а во други имаа различни приоритети.

Така дојдовме до овие пет предизвици. Потоа имавме посебни состаноци со стартап заедницата за да ги информираме и да ги заинтересираме за да ги видат шансите кои им се нудат. Настанот што ќе се случи на 11 и 12 септември го нарекуваме хакатон, но станува збор за нов тип на хакатон. Се надеваме дека во текот на тие два дена приватниот сектор ќе дојде со веќе зрели идеи, тестирани и проверени со бизнис менторите од Израел. Тие два дена ќе се искористат за поврзување со локалните власти, со експертите кои ќе продолжат да им помагаат. Крајната цел е да добиеме неколку бизнис идеи кои се речиси готови да се имплементираат за краток рок и ние ќе поддржиме неколку од нив.

Дали тоа значи дека веќе има компании кои ги развираат тие идеи во моментот под менторство на израелски експерти?

Досега имаат аплицирано 13-14 компании. Повикот ќе биде отворен до 22 август. Со секоја од пријавените компании веќе работи лабораторијата за иновации од Израел, ги проверува идеите, нивната применливост и им дава совети како да го искористат овој период за да ја созреат идејата. Пред хакатонот ќе ја направиме првичната селекција, а на хакатонот ќе ги слушнеме најинтересните и најреалните идеи. Затоа велам дека не е обичен хакатон.

Тимот на УНДП

Кажете ни повеќе околу избраните предизвици за кои се бараат иновативни и применливи решенија?

После консултациите одлучивме да се фокусираме на пет предизвици. Едниот се бездомните кучиња. Другиот предизвик е обезбедувањето на подобри услуги за постарата популација. На пример, тие често живеат сами или на подалечни локации, каде што е тешко да се обезбедат сите услуги. Третиот предизвик беше интересно да се слушне директно од локалните власти. Тие имаат простории кои ги користат само во текот на денот, а попладне и за викенд се празни. Сакаат тие простории да бидат подобро искористени, на пример како места каде што може да се собираат младите во попладневните часови. Четвртиот предизвик е руралниот туризам. Многу градови во земјата се преубави, но им недостига инфраструктура за туристичка понуда. Ќе бараме решение што можат да направат општините за да ги задржат туристите. Петтиот предизвик се услугите кои ги нудат општините. Знаеме дека некогаш луѓето немаат пристап до некои услуги затоа што треба да патуваат од некоја подалечна локација до центарот, иако може услугите да се добијат електронски, ако за тоа има услови.

Кој се може да аплицира за учество во оваа програма?

Програмата е отворена за целиот приватен сектор, односно малите и микро компаниите и за стартапи со технолошки елементи. Потребни ни се позрели идеи за брзо да развиеме применливо решение. Ова е пилот-програма и сакаме да покажеме успех за да ја прошириме на целата земја.

Што би им порачале на потенцијалните учесници и на тие кои можеби не биле информирани за настанот? Што би им рекле за да ги поттикнете да се приклучат и да се обидат да размислуваат иновативно?

За ова размислував уште кога ја пуштивме првата најава Тech4Muni MK. Тогаш се сетив на зборовите на Еленор Рузвелт дека „иднината им припаѓа на луѓето кои веруваат во убавината на идеите“. Ако имате некаква идеја, верувајте во неа. Дури и ако се луди идеи, можеби може да се имплементираат. Впрочем, без луди идеи ништо не би се сменило во светот. Некои секојдневни работи кои ги имаме денес како, тркалото и телефонот во некој одреден момент изгледале како луди идеи. Луѓето кои верувале во својот сон успеале да го сменат светот. Тоа би била мојата порака. Верувајте во своите соништа и имајте храброст да се обидете. Ако не успеете, ништо страшно. Како што велиме ние, само обидете се да не успеете движејќи се напред, не назад. Ова е одлична можност да ни го покажете вашиот сон. Ние ќе ви ја дадеме потребната поддршка. Ова е несекојдневна прилика за луѓето кои имаат некаква идеја и храброст да се обидат.

Какви се вашите очекувања од програмата со оглед на тоа дека знаете како финкционира таа методологија во Израел и каква е ситуацијата во нашата земја? Што мислите, како тие идеи кои ќе бидат имплементирани ќе ги сменат локалните проблеми?

И јас верувам во мојот сон. Ова, всушност, е наш заеднички сон. Како УНДП, тоа го гледаме како дел од нашиот мандат. Во ваква земја со солидно обравозание на луѓето, со претприемнички дух, во срцето на Европа, со богата историја и култура, веруваме дека вакви иницијативи можат да ги мотивираат луѓето, да им дадат поголема доверба во нивната способност и нивната иднина и се надевам дека на крајот на оваа мала интервенција ќе имаме неколку успешни приказни. Тоа, пак, ќе ни овозможи да најдеме други партнери кои ќе ни се приклучат и ќе ја прошириме програмата низ целата земја.

Сподели!
- Advertisement -