Чоколадото е без двојба, најпопуларниот десерт на светот, за кој се кажува дека е среќа која се јаде. Дава утеха без да ти изговори ниту еден збор. Без чоколадо за многумина животот е едноставно незамислив.
Во морето на безброј различни чоколадни вкусови и форми, пралините имаат посебно место во срцата на чокољупците. И кога на тие прекрасни мали ремек дела, ќе се додадат различни полнежи, кој јадел добро знае за каква експлозија на вкусови зборувам. И од тој имагинарен свет на пралини по кој е луд светот, Ве носам во Скопје. Dolci Di Dani е македонски бренд на пралини, кој како што е редот прво ќе го освои светот, меѓу кои и еден бивш државен канцелар, а некако ненаметливо и тивко ќе ги освои срцата на домашните гастрономски сладокусци. Сè започна како љубов кон чоколадото, како среќа и исполнетост од него да прави чуда, Даниела Ѓоргиевска Костадиновска, која во професионалните води плови во еден сосем друг свет, но се повеќе ова нејзино хоби се претвора во мал бизнис за кој има листа на чекање, кај оние кои еднаш пробале од нејзините пралини. Даниела рачно до детал ги работи овие ексклузивни, модерни и со совршени вкусови внатре, чоколадни ремек дела. Ова е артисански производ, а Данила го прави од врвното белгиско Callebaut чоколадо. Пралините на Даниела, имаат шанса да ги купат нашите луѓе, но истите патуваат со испорака до Ибица, Загреб, Барселона и Рим. Љубовта на Даниела кон чоколадото е буквална. Кога и да има прилика да фати работилница на некој шеф мајстор за чоколадо по светот, таа оди да научи нешто ново. И не е само чоколадото врвно кај пралините на Dolci di Dani, туку и нивното декорирање. Таа ги сака боите и тоа се гледа во овие прекрасни пралини кои ги објавуваме тука. Нејзиниот најголем предизвик е да работи со чоколадо и да ги прави луѓето среќни.
Новинарка | Љубица Ангелкова
Како започна љубовта кон правење на пралини?
Уште како мала сакав да си играм со слатки, нема да претерам ако кажам дека уште во основно училиште ја развивав таа пасија на експерементирање во кујна, но она вистинското се случи при посета на еден реномиран саем на чоколадо во Италија, а посебно како инспирација би го навела некулку пати изгледаниот филм ,,Chocolat’’ со Жулиет Бинож.
Како се усовршувавте?
Ако сакаш сѐ е полесно. Љубовта кон чоколадото и самото усовршување го правев со стотици да не претерам и илјадници прегледи на Youtube на врвни мајстори, посета на саеми и впивање на секој збор, online обуки од најразличен вид.
Користите врвни состојки. Може да ни откриете некои и нивно потекло?
Врвните состојки се и моите тајни состојки, би го навела само нивнито потекло еве нека бидат некои: Домениканска Република, Магдагаскар итн.
Во летото Вашите пралини ја освоија Ибица. Испорачувате пралини на различни адреси по светот. Раскажете ни повеќе…
Летото имав можност да престојувам на Ибица и да правам пралини за светските џет сетери при пт можам да кажам дека задоволството беше обострано. Голема привилегија е кога она што го правите го вреднува светот кој може лесно да споредува. Имам и редовни нарачки од еден љубител на пралини од Загреб. За него правам специјална едиција, а од него и високата оценка кој моите пралини кои тој ги вреднува повеќе од Godiva. Меѓу листата на клиенти имам и еден поранешен државник од европска држава. Меѓу необичните клиенти со посебни барања е и еден љубител на скапи коњаци. Мој редовен клиент кој нарачува пралини со вкусови кои парираат со посебни врсти на коњак.
Колку кај нас се има чувство дека пралините не се обични колачиња?
Полека но сигурно моите клиенти се едуцирани!
Кои се ваши клиенти тука?
Тоа се луѓе со проверен вкус, луѓе кои знаат да препознаат и да оценат вистински квалитет. Имаат истенчен вкус и знаат да разликуваат квалитет од врвен квалитет.
Што ве инспирира?
Тоа е таа љубов која постои во вас. Тоа е тоа што ве тера од внатре да го правите она што ви причинува задоволство, а воедно да ги усреќувате луѓето. Секако тука е и големата поддршка од моето семејство на сите мои патувања, обуки и работни обврски.
Вашата професија е во друга сфера, а ова е хоби кои носи добар приход?
По професија сум дипломран психолог -гешталт психотерапевт, а хобито прераснува во професија во која уживам.
Би се охрабриле да отворите своја чоколатерија?
Секако размислувам и на тоа , но малку забавив со истото заради новонастанатата ситуација со здравствената криза, но се редат коцките така да и тоа само по себе ќе си дојде еден ден.
Кој е вашиот идеален спој на состојки во пралината. Ваша комбинација која ја обожавате?
Иако не сум страствен љубител на кафе но ја сакам комбинацијата на кафе и чоколадо.
Работите на брендинг и мал маркетинг, на убави кутии и комплетна презентација. Дали имате креативен тим за тоа или ве води својата визија?
Да, работам темелно на тоа и имам свој креативен тим со кој споделувам размислувања, идеи…од тоа произлегуваат и добро решенија.
Каде во светот сте пробале најдобри пралини?
Секако тоа е Брисел -престолнината на чололадото.
Чие признание или комплимент најмногу Ви значел?
Не може да се опише чувството, кога ќе се најдете очи во очи со вашите идоли од светот на чоколадото, најдобрите меѓу најдобрите… Со нив да размените некој збор, искуство, да видите дека и тие се луѓе како вас, толку нормални и едноставни, а истите и Ве поддржуваат.
На мојата радост и немаше крај кога најдобриот на светот во оваа професија, Аntonio Bachour од Порторико ме репостира на социјалните медиуми.
Благодарност до небо имам, особено кога комплименти и коментари за вашата работа ќе добиете од Италија , Чиле, Белгија…
Така некако фунционира во овој фантастичен свет на чоколадото.
Каде се гледате за 10 години?
За десет години.. ова е моја голема желба на која ќе работам упорно да се најдам на некој светски натпревар на чоколадо и да ја претставам мојата Македонија.