Вработените во болница во Израел добиваат втора бустер вакцина, како тест за целокупното население, со што земјата прави следен крупен чекор во сузбивањето на пандемијата.
Израелска болница, според сопствени наводи, денеска почнува со давање четврта доза вакцина против коронавирус, во рамките на една студија. Околу 150 медицински работници во клиниката, кои до 20 август ја примиле третата, засилувачка доза, ќе добијат уште една – односно втора бустер доза од вакцината, соопшти болницата Шиба од Тел Авив. Сите кои ќе ја примат при серолошки тест имале ниско ниво на антитела – под 700.
Според информации од болницата, ова е прва студија од ваков вид во светот. Гили Регев-Јошаи, директорка на Одделението за инфективни болести, изјави: „Преку оваа студија ќе го провериме влијанието на четвртата доза вакцина врз бројот на создадени антитела, како и дејството за спречување на болеста, притоа ќе ја контролираме безбедноста.“
Поради ширењето на вирусната варијанта Омикрон, Израел уште минатата недела соопшти дека луѓето на возраст над 60 години би требало да добијат четврта доза вакцина. Владино советодавно тело препорача четврта доза вакцина и за вработените во здравствениот систем.
Израел веќе го има зад себе четвртиот бран на коронавирусот, но во последно време бројот на инфицирани повторно порасна. Само околу 60 проценти од 9,4 милини Израелци се сметаат за комплетно вакцинирани – тоа се оние кои примиле две дози и оние кои примиле и бустер вакцина. 31 процент од населението не се воопшто вакцинирани, а кај девет проценти важноста на имунизацијата веќе е истечена.
Извор – Дојче Веле