Потребна е сеопфатна стратегија но и конкретен план и ресурси за имплементација на дигитализација на услугите во општините кои треба да бидат направени по мерка и според потребите на граѓаните, гласи заклучокот од денешната трета дебата од серијата јавни настани „Дигитални предизвици за општествена трансформација – Како до е-општини од интерес на граѓаните?“, организирана од страна на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) и Фондацијата „Фридрих Науман“. Сите учесници во дебатата се согласни дека е потребна поголема конкретна примена на дигитални услуги на локално ниво и системски пристап и централизирана координација на процесите со цел сите граѓани да добијат исти услуги на локално ниво.
Ивајло Цонев, проектен координатор, Фондација „Фридрих Науман“ посочи дека целосна транспарентност и отчетност за работата на секоја општина, онлајн можности граѓаните да контактираат со сите свои градоначалници и советници на брз начин, како и лесно електронско пријавување на иницијативи и проблеми до локалната администрација – се основните промени кои граѓаните ги очекуваат од работата на единиците на локалната самоуправа во следниот мандат.
„Дигитализацијата е важна како за граѓаните и бизнисот, така и за институциите, бидејќи овозможува поефикасна соработка и поефективна и поефикасна комуникација. Дигитализацијата е ефикасен инструмент за справување со корупцијата, што значи е инструмент за брз економски раст. Иднината е во дигитализацијата и колку побрзо се зафаќаме со конкретни чекори напред толку побрзо ќе стасаме до светските трендови за побрз раст“, рече Цонев на тркалезната маса.
Министерот за локална самоуправа Горан Милевски посочи дека дигитализацијата на локално ниво е меѓу приоритетите на централната власт за што се усвоени неколку стратегии и законски решенија. Тој истакна дека е потребно надминување на нееднаквиот степен на дигитализација на општините кој настанува од објективни причини.
„Само преку системски приод и координација може сериозно да се влезе во процесот на дигитализација. Ковид пандемијата покажа дека општините кои се понапред во овој процес обезбедија подобра наплата за нивните услуги. Сите граѓани имаат право на квалитетни и воедначени услуги. Централната власт треба да го осмисли и води процесот кој ќе ги опфати сите општини, а при тоа треба да се земат предвид капацитетите на сите општини,“ нагласи министерот Милевски.
Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС, смета дека во овој процес најважна е политичката волја и поддршката од централната власт.
„Според моето искуство од долгогодишната работа со општините е дека проектите реализирани во пилот општини никогаш не заживуваат, бидејќи додека ги решавате проблемите кои се појавуваат при имплементација нема време да се спроведат и во други општини. Клучна е релацијата централна – локална власт. Тоа значи дека процесот треба да се спроведе одеднаш кај сите општини со голема поддршка од централната власт. Тоа бара голема промена на законски решенија, а во спротивно може да значи пари фрлени за џабе,“ рече Перишиќ.
И Бардил Јашари, извршен директор на Фондација „Метаморфозис“ смета дека без план и стратегија нема остварување на целите и дигитализација на услугите.
„Дигитализацијата не е и не треба да биде цел сама за себе туку само алатка или процес од стратешки дефинирана визија која предвидува да се подобрат услугите кои институциите им ги испорачува на граѓаните. Само така дигиталните технологии најефикасно ќе се интегрираат во работењето на општинската администрација и што е поважно само така граѓаните навистина ќе ги почувствуваат придобивките од дигитализацијата. Неопходна е стратегија, план, човечки и финансиски ресурси, но и квалитетен тим со одговорност да се фокусира кон интегрирана стратегија за дигитална трансформација“, истачна Јашари.
Тој посочи дека анализата која ја спровела фондацијата „Метаморфозис“ заедно со фондацијата „Фридрих Науман“ покажува дека е потребно да се направи приоретизација на дигиталните услуги според потребите на граѓаните, да се воведе систем на мерливост на ефикасноста на овие услуги, дали се спроведуваат ефикасно и колку граѓаните се задоволни, како и да се работи на зголемување на стручноста на вработените во општините за овие услуги, но и на зголемување на дигиталната писменост на граѓаните за да може да го користат овие услуги.
Меѓународните донатори се клучна алатка во спроведувањето на дигитализацијата на локално ниви поддржувајќи ги општините преку конкретни проекти. УНДП е еден од главните меѓународни организации кои ја поддржуваат дигитализацијата на општините. Емили Јовановиќ Локвенец – бизнис аналитичар/специјалист за информациски системи во УНДП Македонија посочи повеќе проекти на кои во моментов работи УНДП со над 50 општини во земјава, но според неа најважен аспект е одржливоста на овие услуги.
„Акцентот треба да се стави на одржлива и безбедна, а не на брза дигитализација на услугите. Првиот момент кога граѓанинот започнува да користи дигитална услуга, веќе очекува неговите податоци да бидат заштитени, а целиот процес да биде безбеден“ посочи Јовановиќ – Локвенец.
Таа додаде и дека малите општини не би можеле да го гарантираат ова, но дека со централен пристап може да се очекува добар резултат.
Бојан Кордалов, комуниколог и координатор на Програма на ИДУЕП, нагласи дека “Постојат само стратегии, а малку засукани ракави односно конкретно спроведени проекти“. Тој посочи дека е многу важен инклузивниот пристап, но и предностите кои ги носи дигитализацијата.
“Дигитализацијата не значи губење на досегашните услуги. Хартија и шалтер ќе има се додека тоа го бара и последниот граѓанин. Но, веќе има процент на граѓани, чиј број е сѐ поголем, кои сакаат дигитално да ги завршат работите и да добијат јавни услуги по дигитален пат. Токму затоа тие треба да имаат можност за користење на таква опција. Тоа е држава која се стреми кон инклузивност. Од друга страна постои мит дека дигитализацијата затвора работни места – напротив отвора нови работни места и првенствено добро платени работни места. ДЗС за минатата 2021 година објави јавен податок дека просечната плата во ИТ и сродните индустрии достигнала висина од 74.000 денари. Ако ова не е поттик да вложуваме во дигитализацијата, а со тоа и во младите, не знам што преостанува“, посочи Кордалов.
Според Кордалов, граѓаните на последните два изборни циклуса решија да направат политички баланс на локалната и извршната власт, односно решија тие да бидат водени од различни политички опции. Ваквата поделена одговорност е финална порака од граѓаните до партиите и политичарите да почнат да испорачуваат резултати, да бидат ефикасни, а тоа најдобро може да се направи доколку се стават во функција дигиталните алатки.
Во онлајн дебатата се вклучија и огромен број на граѓани и претставници на различни организации и јавни институции од целата земја, кои дадоа свои предлози и поддршка на целокупниот процес на дигитална трансформација. Тие, меѓу другото, предложија формирање на Комисија за дигитална трансформација на локално и централно ниво, потоа, едукација и подобрување на вештините и за вработените на локално ниво, но и за граѓаните, како и поголема вклученост на граѓаните и граѓанските организации во изготвување на стратегиите и постојано изнаоѓање и воведување на подобри алатки за комуникација со јавноста на целиот процес што ќе доведе до поголема транспарентност.