Со апликацијата „Листа“, која ја развива македонската компанија Brander, компаниите кои продаваат на Амазон, квалитетно и брзо можат да дизајнираат брендирани слики и своите продукти и полесно да ги претстават пред купувачите. Мисијата на „Листа“, според Славе Ангелов првиот човек на Brander, е да стане најдостапната и најупотребуваната алатка за креирање на брендирани слики за производи и со тоа да им помогне на многу продавачи кои немаат можност да инвестираат во дизајн и се осудени на пропаст на Амазон пазарот.
Тимот кој работи на „Листа“, освен Ангелов како Product Owner, го сочинуваат и Сашо Стојковски како проект менаџер, Иво Дамјановски како UI/UX дизајнер, како и дизајнерите за Амазон темплејти Ирена Филипова, Александра Софрониеска, Коста Пановски и Ивана Софрониеска и Амазон маркетинг експертот Марко Димитријев кои работат за потребите на Brander и Fliprise повеќе од пет години. Зад развојот на апликацијата стојат компанијата за софтверски решенија Codechem, како и компанија со големо искуство во софтверско претприемништво – Веником.
Новинар – Сања Наумовска
Славе, кажете ни нешто повеќе за вашата апликација „Листа“?
„Листа“ е веб апликација која е наменета за продавачи на Амазон. Таа се фокусира на дизајн на слики од производи, при што комбинира дизајн темплејти дизајнирани од искусни Амазон дизајнери, со информации и фотографии од производот прикачени од клиентот. На основа на овие две работи, „Листа“ автоматски генерира продукт слики кои се дизајнирани и оптимизирани за конверзија. Овие слики можат понатаму да се симнат од платформата, или да се интегрираат директно на Амазон страната на самиот производ.
Што ве мотивираше да создадете токму ваква алатка? Како сметате дека „Листа“ ќе им помогне на компаниите подобро да ги понудат своите производи?
Веќе шест години работиме со клиенти кои продаваат производи на Амазон. Постепено, со цел да им заштедиме пари, а да постигнеме брендираност помеѓу сите производи во нивниот каталог на Амазон, почнавме да дизајнираме темплејти, кои ги користевме за сите производи, со мали измени од производ до производ. Со воведувањето на дизајн темплејти, можевме за побрзо време да креираме слики за поголем број на производи. Брзината помогна повеќе производи да имаат инстантно готови нови слики и да заработуваат од нив, а на купувачите им беше полесно да ги забележаат производите на клиентите бидејќи сите беа на ист начин брендирани.
Секој темплејт на „Листа“ содржи низа од слики со стратешки распоредени содржини. Па така, во еден дизајн темплејт, имаме предвидено како ќе изгледа слика за опишување на бенефити, карактеристики, имаме слика со споредба со конкуренција, имаме слика со оценки на производот, слика за истакнување на најглавната уникатна вредност на производот и “lifestyle” слика. Ова е тестиран распоред на информации, кој ние го создадовме како формула за зголемување на конверзија, од нашето искуство.
Која е предноста за компаниите кои ќе користат апликацијата за развој на еден бренд што сака да е присутен на пазарот?
Главниот бенефит од „Листа“ е зголемена конверзија, односно зголемена продажба на производите. Работејќи со апликацијата, корисниците можат да генерираат слики брзо и без способности за професионален дизајн. Исто така, користењето на оваа веб апликација е бесплатно. Така корисниците значително штедат на ангажирање на дизајнери, а имаат шанса да си ја зголемат продажбата.
Колку време ја развивате апликацијата?
На „Листа“ започнавме со работа во вториот квартал од минатата година. Првично, со помош на дизајн спринт направивме прототип во само една недела и истиот го тестиравме на една од целните групи. Во тестирањето четири од пет тестери побараа годишна претплата, што ни беше сигнал дека треба да почнеме на развој на апликацијата уште веднаш. Почнавме со дизајнирање на целата апликација, а набргу потоа и со девелопмент на истата. Во моментот, „Листа“ е во финална фаза на дизајнирање на MVP (minimum viable product) пред да биде тестирана пред целна група.
За апликацијата добивте инвестиција од Акцелераторот УКИМ. За што ќе се употребат овие финансии?
Досега целата инвестиција во дизајн и развој на „Листа“ беше од нашата компанија. Инвестицијата од Акцелераторот БАУ УКИМ од 25,000 евра ќе се искористи за изработка на сеопфатна маркетинг стратегија и почеток со продажба.
Паралелно со БАУ, ќе инвестираме и ние во работа на дизајн и девелопмент, како би постигнале почетен успех и продажба, кој е потребен за „ослободување“ на вториот поголем дел од нивната инвестиција, кој изнесува 75,000 евра. Подобар мотив од тоа не сме имале!
Кои се вашите планови за во иднина?
Ни преостанува да ја тестираме веб апликацијата со целната група и да правиме измени на основа на нивниот фидбек. Сакаме да дознаеме што најмногу а што најмалку им се допаѓа како и за што би платиле. „Листа“ ќе се развива во насока на нивните желби и очекувања, со цел да се користи во континуитет.
Мисијата на „Листа“ е да стане најдостапната и најупотребуваната алатка за креирање на брендирани слики за производи и со тоа да им помогне на многу продавачи кои немаат можност да инвестираат во дизајн заради што се осудени на пропаст на Амазон и пошироко.
Ја создадовме „Листа“ за да нè „замени“ како дизајн агенција. Така покажуваме благодарност кон индустријата во која работиме за целиот успех што го имаме постигнато до сега, на сметка на продавачите на Амазон.