Џинот е популарен алкохолен пијалок кој својот специфичен вкус го добива од бобинки од смрека. Првичноо направен како медицински пијалак од монасите и алхемичарите во јужна Франција, Фландрија и Холандија, денес е популарен пијалок со голем број на варијанти и производители. Она што малкумина го знаат е дека смреката од Галичица е искористена во производството на првиот македонски џин! „Виновникот“ за ова е Иван Скендеровски кој за Иновативност раскажа како настана првиот македонски џин.
Новинар – Верица Јорданова
Кој е Smidgin?
Смидџин е македонски крафт џин направен по традиционалната London Dry технологија. Во неговото производство покрај смреката и планински чај од Галичица учествуваат и 12 други билки од различни делови од Македонија. Од самиот почеток рековме дека за квалитетот ќе бидеме најстроги, па некои од поегзотичните билки кои вообичаено се неизоставен дел на секој добар џин како биберот, семки од коријанедер и кората од циметово дрво ги купувавме директно од Индија и Шри Ланка. Од таму доаѓаат најквалитетните билки од овој вид.
Идејата беше да направиме крафт џин кој што ќе биде во самиот врв на она што значи квалитет за овој тип на пијалок, но со препознатлив локален печат. И мислам дека го постигнавме тоа.
Раскажете ни како започна се? Како дојде воопшто до идејата да произведувате џин, пијалокк кој нема традиција на производство во Македонија?
Првичната идеја за крафт џин дестилерија ја добивме пред околу 4 години. Со мојот бизнис партнер, Греам, отсекогаш сме биле љубители на добар џин и целокупното искуство што оди со него- дегустација на добар џин, послужување, коктелите… Исто така доста читавме и се едуциравме, а спонтано, пред четири години, почнавме и со некои наши пионерски дестилации. Вистинскиот “wow” момент се случи кога, случајно, во еден од најдобрите онлајн списанија за џин, barcelonagin.com, прочитавме дека “the best stuff comes from Macedonia”. Ова се однесуваше за смреката, една од главните суровини за произвдство на џин.
Почнавме да истражуваме околу ова и дознавме дека не само што ја имаме една од најдобрите смреки, туку голем број на познати светски брендови ја користат нашата смрека за нивните џинови. И така падна финалната одлука да почнеме со производство.
Каде, како и кој го реализира производството на SMIDGIN?
Од самиот почеток фокусот ни беше на мала крафт џинотека. Голем број на светски познати крафт производители на џин се наоѓаат на уникатни локации, најчесто во центарот на градот, каде привлекуваат посетители и се дел од имиџот на компанијата. Затоа решивме нашиот џин да го произведуваме на уникатна локација во центарот на Скопје, во сутеренот на МЦМ-историската куќа на фамилијата Рубен, во Дебар Маало.
После посета на голем број дестилерии и дегустации во Англија и Шкотска, заедно со нашиот мастер дестилер Милица Плетварска го креиравме рецептот на SMIDGIN.
Брендингот на компаниајта е изработен од Bellweather Brands, позната брендинг агенција од Дубаи која направи истражување на пазарот за наоѓање на соодветно име и позиционирање на нашиот џин како на домашниот така и на меѓународните пазари.
Во што се состои уникатноста на македонскиот џини по што се разликува од другите веќе етаблирани брендови?
SMIDGIN има уникатен вкус кој произлегува од свежата рачно набрана смрека, која отстапува од стандардните суви смреки кои се продаваат на пазарот. Нашите бобинки ги собираме од смреки кои растат диво, во својата природна средина, на планините. Неспоредлив е вкусот што го даваат овие бобинки со вкусот што се добива од бобинките кои доаѓаат од големите индустриски фарми на смрека. Многу посвеж, поинтензивен и неспоредливо многу побогат со есенцијлни масла. Планинскиот чај извонредно ја надополнува оваа свежина и заедно со аромите и вкусовите на останатите цитрусни и егзотични растенија, џинот добива навистина посебен карактер.
Амбалажата и форматот на шишето се уникатни, а пакувањето е од материјали кои се рециклираат и не ја загадуваат околината.
Џинот може да се пие “чист”, но исто така има одличен вкус во комбинација со тоник (наша препорака е микс во сооднос 2:1). Исто така имаме уникатни коктели составени од најдобриот коктел мајстор Кристијан Ристески.
Во моментов работиме и на наш коктел па веруваме дека наскоро и тоа ќе го пласираме на јавноста.
Kaде во моментов се продава Smidgin? Може ли да се најде во Македонија?
SMIDGIN го пласиравме на кон крајот на декември 2021 и може да се купи onlinе преку нашата веб страна www.smidgin.mk, со избор да се подигне од дестилерија или достава до адреса. Исто така може да се купи и во најголем дел од специјализираните продавници за пијалоци. Во моментов се работи и на дистрибуција по баровите така да веќе од следната недела ќе може да се ужива и таму.
Со оглед на уникатноста на приказната како во иднина планирате да ја развивате бизнис приказната за Smidgin?
Нашата цел е SMIDGIN да биде успешна македонска приказна од светски размери. Веќе аплициравме за учество во неколку престижни светски селекции за џин и се надеваме дека освојувањето награди ќе придонесе за подобрување на пласманот на SMIDGIN.
Во преговори сме за дистрибуција на ЕУ пазарот, но и за проширување на продажбата во соседните земји. Паралелно работиме на маркетинг кампања за промоција на џинот, како и на нов рецепт за летен џин кој ќе биде достапен на пазарот на почетокот на летната сезона.
Се надеваме дека до крајот на годината SMIDGIN ќе биде препознатлив производ со кој сите ќе се гордееме и се разбира, ќе стане прв избор за сите љубители на овој пијалок.