Најпродавани книги за 2021 година од издавачката куќа „Арс Ламина”

- Advertisement -

Секоја година издавачката куќа „Арс Ламина“ ги избира десетте најпродавани книги што го предизвикале вниманието со нивните неверојатни пораки, интересни приказни и исклучителна важност за нашето живеење. Селекцијата ги опфаќа сите жанрови и возрасни групи, од инспиративни книги за самопомош до волшебни приказни за деца.
 
Марк Менсон втора година по ред е најпродаван автор во издавачката куќа „Арс ламина“. Минатата година со книгата „Е, баш ме заболе“, а во 2021-та со контраинтуитивниот водич за проблемите со надежта – „Сè е за*бано“.
„Зен – уметноста на едноставното живеење“ е на второто место најпродавани книги за возрасни. Во неа, познатиот будистички свештеник Шунмио Масуно евоцира мудрост стара со векови за да покаже како да ја применуваме суштината на зен-будизмот во модерното живеење. Следна е „Торонто експрес“ од Зоран Спасов-Ѕоф, авторот на „Тито, мојот претпоследен херој“, духовит литерарен прирачник за заминување, но и за враќање од Канада. Романот „Дамски гамбит“, на кој е базирана истоимената мегапопуларна серија на „Нетфликс“, е на четвртата позиција, а веднаш зад него е серијалот детективски романи од Агата Кристи.

„Мала книга за хиге“ и годинава е на листата најпродавани, а од истиот автор од печат неодамна излезе книгата „Уметноста на создавање спомени“ во која Мајк Викинг, повикувајќи се на научни истражувања на среќата, нè учи како да создаваме среќни спомени и како полесно да ги задржиме. На седмото и осмото место се два интернационални бестселери од жанрот историска фикција – „Париската библиотека“ и „Седумте мажи на Евелин Хуго“ – приказна за филмската икона Евелин во времето на златните години на Холивуд. Најпопуларната авторка за млади Колин Хувер е на деветтото место со серијалот „Безнадежно“ во кој од различна перспектива ги проследуваме љубовните приказни на Скај и Холдер и Даниел и Сикс. Монолозите на Васко Тодоров алијас Тошо Малерот ја затвораат топ-10 листата најпродавани книги за возрасни за 2021 година.
 
Листата за деца и млади годинава ја предводи романот за деца и лектирно издание „Збунети години“ од Велко Неделковски – топла приказна за тинејџерските години и првата љубов. Омилената лектира на генерации читатели „Пајажината на Шарлот“ е на второто место, а веднаш зад неа е најпродаваниот серијал во светот – „Хари Потер“. Авантурите на Исидора Мун – девојчето половина самовила, половина вампир и годинава е омилен избор на малите читатели, исто како и лектирата „Хотел за кучиња“. Серијалот „Дина и Додо“ во 2021 година беше збогатен со неколку нови изданија, од кои најпродаван беше насловот „Чорапот на Дедо Мраз“. Најмалите читатели уживаа во серијалот интерактивни (пиши-бриши) сликовници за животните во светот. На осмо место се детективските авантури на Агата Одли, а на деветто „Басни од Македонија“. Учењето на буквите не било никогаш позабавно благодарение на сликовницата „Другарска азбука“ од Снежана Петрова-Џамбазова – издание што се најде на десеттото место.
 
Најбарани во сегментот образование, што опфаќа дополнителна литература и дидактички материјали што се поддршка на наставно-образовниот процес, во 2021 година беа збирките задачи со активности и тестови од 1 до 9 одд. На второто место се прирачниците и вежбанките по природни науки од 4 до 6 одд., а веднаш зад нив – збирките задачи по физика за 8 и 9 одд. Особено корисни при усвојувањето на наставните содржини се покажаа и Збирката биологија од 7 до 9 одд.вежбанките по македонски јазик и музичките работилници од 6 до 9 одд. На седмото место е Вежбанка за почетно пишување од проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ – систем од графички и мануелни вежби за полесно воведување на децата во техниката на пишувањето. Процесот на усвојување на содржините по математикахемија и органска хемија за средно образование е олеснет со соодветните збирки задачи по секој предмет одделно. На десетто место најпродавани наслови од едицијата образование се практикумите по македонски јазик 1 и 2 од Билјана Маленко и Елизабета Бандиловска – наменет на студентите од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Сподели!
- Advertisement -