Накитот на Марта Пејоска инспириран од планктонот на Охридското езеро го носат светски ѕвезди!

- Advertisement -

Од дебелите книги на студиите по архитектура, преку непроспиените ноќи врз цртањето на проекти, од работата на професијата да создава архитектонски чуда….до целосно ново занимање кое исто така вришти од креативност и секој ден е поинаков.  

Ова e интервју со Марта Пејоска, охриѓанката која маѓепсана од стариот филигран, се впушта во авантура да создаде атеље за концептуален накит во родниот град, кој за инспирација има многу нешта, но и силикатните алги од езерото, камењата од крајбрежјето, конструктината визура на архитектурата…

- Advertisement -

Додека бев во нејзиното атеље, гледајќи ја како создава, размислував колку љубов и волја е потребно да се преточи во едно парче накит со безвременска убавина?

И тоа одново и одново со еднакво внимание.

- Advertisement -

Секој конец на филигранот добива свое место и така во стотици слоеви до вистинската форма на прстенот, белегзијата, огрлицата или брошот. Накит кој го носат познати личности во светот, а некои и тука кај нас дома. 

Марта е посебна жена, кај неа нема кратки патишта ниту пак заобиколувања. На таа дисциплина ја научиле планините, страствена алпинистка е….но и едрењето кое и е најголема љубов. Просто, кога зборува за тоа како да и тече ветерот охридски низ нејзините вени.

- Advertisement -

Ова интервју не е само слоевита приказна за шифтот од една во друга креативна професија, туку и цел процес како истражува, дури и хидробилогија, пред да ја појави пред јавноста секоја од нејзините колекции.

Новинарка: Љубица Ангелкова

Како се случи замената на архитектурата со дизајнирање на накит?

Дипломирав на Архитектонскиот факултет во Скопје. Патував доста низ светот, што заради професијата, што заради нови искуства. Но, во 2010 година ненадејно умира мојот татко, познат македонски архитект и ликовен уметник со бројни изложби на многу точки по светот, Живко Пејоски и мене неговото заминување многу ме погоди, едноставно морав да пораснам побргу. Во такви мигови, веројатно човек многу се преиспитува себеси. Имаме прекрасна стара куќа во Охрид, два деловни простори кои беа празни…и на едно возење од Охрид кон Скопје, непосредно по таа наша семејна загуба, јас едноставно одлучив дека сакам да започнам да правам накит. И тоа необичен накит.

Накитот е нешто што многумина го ставаат на себеси инстиктивно, но има и такви кои во накитот се гледаат себеси и својот свет. Таквиот накит е посебна приказна. Естетика која ве први единствен, накит кој нема да ги следи правилата. Така се роди моето ателје во кое создавам еден нов свет.  

Зошто го избра филигранот како техника?

Филигранската техника е древна уметност. Во Охрид е и занает кој бил исклучително негуван од познати семејства. Тој е репрезент на нашата култура и традиција. 

Но, како што можете да забележите, мојот накит има архитектонска естетика, јас му давам на филигранот еден современ контекст, во кој накитот кој го создавам е многу повеќе од украс за една жена. Во 2014 година го отварам своето ателје, кој е хибриден простор. Во него работам и во него го изложувам тоа што го работам. Практично тоа се два дела, мојот работен простор и галерискиот простор. Работниот простор е мошне атрактивен за моите клиенти, тие сакаат да гледаат како се создава накитот. А во галерискиот дел имам 7 витрини и само 15 парчиња накит. 

И тоа е е тоа. 

Да, има посетители кои ќе влезат и ќе речат “Многу ти е празно дуќанчето” и тоа се најчесто луѓе кои наместо филигран, велат “филиграм”. Не им се лутам ни за коментарите ни за незнаењето. Јас сметам дека тука сум и со мисија, да ги сменам правилата на игра, да докажам дека овој минимализам во ателјето е потребен со цел да дише бојата на старата охридска куќа која е бела, или пак “белото езеро” да го пренесам во енетриерот. Има многу малку кафеави потези низ просторот, доминира огромното огледало кое ми го направи мојот брат, исто по професија архитект, а напревно е од старите греди на нашата куќа, стари над двесте години и се од дрво на костен. 

Белата боја која ја употребивме за галеријата во трите димензии дава свеченост и волуминозност на просторот кој е релативно мал, а огледалото наспроти влезот,предизвикува визуелна екстензија. 

На тоа огледало се фотографирале безброј значајни луѓе, мои клиенти, така што во мојата приватна збирка на фотографии ги имам сите личности кои одлучиле да купат нешто со мој потпис. И е убав сведок на тоа кој се носи накит со мој потпис. 

Твојот накит е сê, само не е обичен. Како наједноставно би ја опишала својата работа?

Не знам како би ја опишала, најдобро  е тоа да го сторат другите. Она што со сигурност го знам е дека успеав да се спротиставам на клишеата и да побегнам во мојот свет, каде што се случува сé. Но, ако сакате да објаснам со појасен јазик за читателите, инспирациите ми се во природата. Или уште поконкретно, тоа е водата.

Два значајни проекти потпишуваш, а и на двата проекти соработуваш со колеги дизајнери кои исто како и тебе се едни од пионерите на македонската сцена на соврeмен накит. Може малку детали?

2013 излегува циклусот „Во синило те намамив”, во рамките на „Охридско лето“. А потоа следува „Скриеното, чудесно” една продлабочена студија за конкретното, за она што се крие во длабочините на езерото.  И овој циклус на накит е посебен зошто за него направивме и цел истражувачки процес  со Хидробиолошкиот завод од Охрид и проф. д-р Златко Левков, од институтот по биологија при Природно – математичкиот факултет во Скопје. 

Соработката и со проф. Левков и неговиот тим, како и со Охридскиот 
Хидробиолшки завод беше одлична. Од проф. Левков добивме купишта материјали и високо квалитетни фотографии без кои нашиот проект ќе беше невозможен. Бескрајно сме му со благодарни со дизајнерката Биби ж Клечкароска на неговиот тим и нему што без задршка и со голем ентузијазам нè поддржаа во овој проект и сè уште ни стојат на располагање.

Приближувањето на откриеното до публиката беше изведено на еден интересен и концептуален начин, преку современа форма на уметнички накит. 

Тоа е практично и мојата љубов за дијатомеите. Тоа се микроскопски организми, од суштинско значење за многу процеси во езерото и надвор од него. Нивните многубројни вариетети во структурите се полето на игра со која се раѓаат нови дизајни и цела една нова линија на изразување. 

Како дијатомеите станаа инспирација за вашите креации на накит? Зошто ве заинтересира токму овој вид?

Дијатомеите визуелно како форми и нивното присуство во Охридското Езеро ни беа познати од поодамна, меѓутоа се заинтересиравме да направиме нешто поконкретно со нив. Заинтригирани најпрво од нивниот изглед почнавме подетално да ги проучуваме и посакавме да ја раскажеме нивната приказна низ нашиот јазик, накитот.

Ја претставивме нивната форензичка “работа” на планетарно ниво, бидејќи тие се заслужни за барем четвртина од кислородот создаден со фотосинтеза. И секако воодушевувачки е фактот дека според нив може да се датира староста на водата, односно дека некои од нив постојат многу долго на овие простори. Преку дијатомеите езерото ни стана уште поблиско, уште посакано и уште повеќе ја разгори желбата за борба за неговата заштита. Но ова не беше ни лесен пат. Требаше да се одберат само неколку од скоро 800 различни видови на дијатомеи за понатамошна работа. Истовремено беше огромен предизвикот да се дизајнира според ликот на овие видови кои веќе така совршено ги создала природата, а да не се падне во замка на буквална репрезентација.

Ова е интердисплинарен проект во кој спојувате уметност со наука. Тоа е реткост. Како ја постигнавте рамнотежата помеѓу креативната експресија и научната автентичност?

Првенствено со многу истражување и читање за дијатомеите, а потоа секако со потпирање на нашите сетила и на она што ние најдобро знаеме да го правиме, а тоа е дизајнирањето. Концептот беше јасно дефиниран, да дизајнираме и изработиме наша 3Д претстава на избраните видови дијатомеи според микроскопските слики кои ги имавме како публиката полесно би ги перципирала и запамтила. Во процесот издвојувавме и употребувавме и детали, кои од дизајнерски аспект ни беа интересни, притоа истакнувајќи ги битните структурни аспекти на конкретниот дијатомеј. Нашата фантазија се базираше на морфолошките карактеристики на единката која ја обработувавме. Тоа што истовремено сме и дизајнери и реализатори, односно изработувачи ни даде поголема слобода во изразот и леснотија во целиот процес. Огромна беше помошта на науката, а особено фактот што тука кај нас на ПМФ, имаме професор од светски калибар, проф Д-р Левков кој со голема посветеност ни помогаше.

Вреди мигот во кој знаете дека и преку вашата високоуметничка работа имате значајна мисија за езерото, за ендемските видови меѓу кои е и нашата “Охриѓанка” дијатомеа.

Како се пласира накитот, кој се вашите купувачи?

Накитот припаѓа на интимната сфера на нашето битие. Тој е моќен, толку колку што вие сами ќе определите. Инаку тој по својата цел е непотребен од аспект на животна неопходност. Но има една голема цел, а тоа е целта да сиболизира. Мојата работа е на тој симбол да му дадам форма. Мислам дека е тоа сосем јасно во моите колекции, а верувам дека е и јасно дека е наменет за жени кои апсолутно немаат проблем со изразување. Впечатливи жени. Имам репрезентативна листа на клиенти, кои доаѓаат од различни точки на светот. 

Марта, ги сакаш планините, алпинистка си, но едрењето ти е голема страст. Некои тврдат дека е и твоја втора професија?

Со едрењето се запознав од најрана возраст. Не поради тоа што сум од Охрид и што живеам покрај езеро, туку поради присуството на едрилицата како пловен објект во мојот дом. Имено, мојата едриличарска приказна ми била судена, почнала неколку години пред да се родам, кога мојот татко, ја направи семејната едрилица, петметарски брод, класа Јола. Кога бев на возраст доволно голема, за да можам да разберам што е едрењето, не ми требаше многу време за да покажам желба и да научам да едрам. Така, постепено почнав со татко ми и брат ми да одам на едрење во различни временски услови и овој наутички спорт ми стана огромна љубов. 

Добро го паметам моментот, татко ми ја едреше едрилицата, само што не го поминавме Канео, дуваше северен ветер и ми рече: сакаш да научиш да едриш?! – Дојди. Ме седна на неговото место, ми ја даде крмата во едната рака, шкотата од едрото во другата рака и тоа беше тоа. Морав да се снајдам и да го фатам ветрот. Оттогаш неколку лета со ред, речиси секое попладне бевме во вода, до доцна во ноќта. Така се изгради мојот однос кон водата, кон природата, кон едрилицата и остави белег до денес. Или како што често умеам да кажам – се качувате на едрилица и животот веднаш добива смисла. 

Сподели!
- Advertisement -