Манова: Дигиталниот идентитет овозможува без физичко присуство да се завршат важни бизнис операции!

- Advertisement -

Деновиве „Мастеркард“ и Владата потпишаа Меморандум за разбирање со што Македонија станува една од првите земји во светот, каде целото население добива можност за електронски идентитет. Што значи дигитална идентификација и какви услуги ќе добијат македонските граѓани и компании разговаравме со Вања Манова, менаџер во Mastercard за Бугарија, Македонија, Албанија и Косово.

Разговараше – Верица Јорданова

Г-ѓа Манова, најпрвин кажете ни каков проект започнувате заедно со Владата на Република Северна Македонија?

- Advertisement -

Денес најавивме дека ќе склучиме партнерство со Владата на Република Северна Македонија за развој на низа дигитални решенија кои на граѓаните ќе им обезбедат нови начини за потврдување на идентитетот кога ќе пристапуваат до услугите на владата и бизнисите. Ова е прв ваков договор и се надоврзува на неодамна воспоставените регулативи за дигитален идентитет во Северна Македонија и пошироките европски eIDAS стандарди (електронска идентификација, автентификација и услуги на доверба). Кога ќе бидат лансирани, ќе овозможат и олеснета дигитална интеракција помеѓу бизнисите и владините агенции во регионот и во светот.

Вашите планови се врзани за дизајнирање нови дигитални решенија. Какви решенија можеме да очекуваме во иднина и дали тие ќе се фокусираат на граѓаните или ќе бидат дигитални решенија ориентирани кон бизнисите?

И едното и другото. Дигиталниот идентитет се состои од воспоставување доверба во секоја интеракција. Секој учесник мора да е сигурен дека учесникот од другата страна се претставува точно. За сето тоа мора да се има доверба во системот кој е медијатор во таа интеракција. Дигитализацијата може да ја смени брзината со која фунцкионираат сите операции во економијата. Тоа ќе биде достапно за сите македонски граѓани и исто така ќе ги прошири бизнис можностите во земјата. Пристапот до дигитален идентитет ќе отвори нови и подобри искуства за луѓето кои комуницираат со бизнисите, провајдерите на услуги и нивните заедници онлајн така што ќе понуди поефикасно онлајн шопинг искуство, поедноставен процес за управување со банкарски сметки или плаќање даноци, како и олеснување на употребата на имејл, социјални медиуми и други платформи за забава. Исто така, ќе го намали ризикот од измама и кражба на идентитет.

Кои се главните цели кои сакате да ги постигнете преку овие активности заедно со Владата во поглед на дигитализацијата?

- Advertisement -

-Во суштината на нашиот модел лежат Десетте принципи на дигиталниот идентитет за права и сопственост на податоци, доверливост, согласност, транспарентност, безбедност и инклузивност. Тие сите се составен дел од основното индивидуално право: „Јас го поседувам мојот идентитет и ги контролирам моите податоци за идентификација“.Нашата главна цел е да го прошириме партнерството меѓу приватниот и јавниот сектор и да го претвориме дигиталниот идентитет во стандард во јавно-приватниот сектор.

Кои се првите апликации кои можеме да ги очекуваме и кога?

Меѓу првите апликации се електронските активности „Know Your Customer”. Граѓаните ќе можат да се идентификуваат преку своите мобилни уреди без да мора да бидат физички присутни пред државните органи, ќе можат да отворат банкарски сметки, да вршат плаќања, да се идентификуваат пред мобилните опeратори на истиот начин. Првичните планови кои ги договоривме со Владата на Република Северна Македонија е тој систем да профункционира во втората половина од 2020 година.

- Advertisement -

Kаква е вашата проценка за дигитализацијата во Македонија?

Одлично е да се види дека вашите политичари имаат амбиции да создаваат иднина базирана на иновации за безбедност и да направат вистински чекори кон остварување на тоа. Северна Македонија е пример како малите земји може да бидат меѓу првите кои ќе ги усвојат технолошките иновации со цел побезбедна употреба на личните податоци.

Од потпишување на Меморандумот за разборање

Кои се главните предизвици кои ги очекувате во тој процес?

Веројатно најголемите предизвици ќе бидат од аспект на меѓусекторската соработка помеѓу институциите и во поглед на знаењето и техничките капацитети на тие што ќе го имплементираат новиот модел. Главниот фокус треба да се стави на оспособување на професионалци кои ќе ја спроведуваат услугата.

Може ли да ни кажете неколку добри примери за слични активности во земјите од регионот?

Јас сум по потекло од Бугарија, па најпрвин ќе ви дадам примери од мојата земја. Услугите за дигитална идентификација успешно функционираат во Бугарија во партнерство со неколку водечки банки, телеком компании, Министерството за туризам, пензискиот фонд „Future” и Државната агенција за електронско управување.

На глобално ниво компанијата има склучено партнерство со француската влада за да се забрза дигитализацијата на француската економија, како и неколку други стратешки соработки со образовни и владини институции во Австралија. Другите партнерства и пилот програми ќе бидат претставени во текот на 2020 година.

Кажете ни нешто повеќе за соработката со Владата и можноста други македонски компании да се вклучат во процесот?

Владата обезбедува официјална целосна административна поддршка на највисоко ниво, пристап до националните податоци за граѓаните и електронски владин портал. Mastercard ја обезбедува технологијата и има амбиции примарно да се фокусира на тоа како луѓето управуваат со своите податоци во дигиталниот свет, како тие податоци се процесираат и се проверуваат, како и кој е најдобриот начин да се обезбедат услуги за провајдери на дигитални услуги кои се потпираат на лични податоци.

Секоја компанија која е подготвена може да се вклучи во процесот. Mastercard верува во овој нов модел и дека се започнува со посветеност на одговорното управување со личните податоци, давањето контрола на корисниците врз тоа кои податоци се користат и како се користат за потврда на личниот идентитет.

Сподели!
- Advertisement -