Apple конечно пронајде решение за проблемот кој ги мачеше многу од нивните корисници. Имено, со пандемијата на корона вирусот една од работите кои станаа дел од секојдневнието е носењето заштитна маска. Иако со тек на време се навикнавме на нив, еден од проблемите кои ги предизвикаа маските е неможноста да го отклучиме телефонот со препознавање лице.
Повеќето паметни телефони денес имаат таква опција, но кога носиме маска телефоните не можат да го препознаат нашето лице, па мора да ја спуштиме маската или да користиме отпечаток од прст за октлучување.
Apple најпрвин пронајде решение кое вклучува користење на нивниот паметен часовник за отклучување, но изгледа дека наскоро iPhone ќе може да се отклучува со препознавање лице дури и кога носите маска. Имено, таа опција беше претставена во склоп на бета верзијата на iOS 15.4, која е наменета за девелоперите, а за некој месец ќе биде достапна за сите корисници на телефоните на Apple.
Кога ќе излезе новата верзија на iOS, корисниците прво ќе мора да го скенираат своето лице додека носат маска, а она што е битно е дека освен отклучување на телефонот, Face ID кога носите маска ќе може да се користи и за потврда за мобилно плаќање, како и за активација на апликациите кои бараат таква опција.
Опцијата за користење Face ID кога носите маска сепак нема да биде достапна за сите, туку за корисниците кои имаат од последните две генерациите телефони на Apple – iPhone 12 и iPhone 13. Официјалното лансирање на надградената верзија на мобилниот оперативен систем на Apple се очекува во текот на оваа пролет, објавија на страницата 9to5Mac.
(9to5Mac)
(фото: Wallpaper Flare)