Пар од Њујорк е уапсен и обвинет за кражба на 4,5 милијарди долари во криптовалути. Полицијата запленила 3,6 милијарди долари од овие средства во акција која според обвинителот Лиса Монако е „најголемата финансиска заплена во историјата на службата“.
34-годишниот Иља Лихтенштајн и неговата сопруга, 31-годишната Хедер Морган, се обвинети за перење пари одземени по големо хакирање на берзата за криптовалути Битфинекс во 2016 година. Брачниот пар се соочува со казна од максимални 25 години затвор.
Запленети биле повеќе од 94.000 биткоини, украдени во 2016 година, кои денес вредат 3,6 милијарди долари.
Според судските документи, хакерот кој навлегол во системите на Битфинекс направил 2.000 трансакции и испратил 119.754 украдени биткоини на дигиталниот паричник кој бил во сопственост на Лихтенштајн. Потоа, во последниве пет години, околу 25.000 од овие биткоини биле префрлени од „паричникот“ на Лихтенштајн преку серија на комплицирани трансакции кои требало да ја скријат трагата дека овие средства биле украдени од берзата.
Сепак истражувачите успеале да го следат движењето на криптовалутите на блокчејнот, што претставува постојан електронски запис на секоја активност кога криптовалутата се префрла од еден во друг дигитален паричник. Овие средства најпосле биле ставани на сметки кои биле во сопственост на Лихтенштајн и Морган, кои потоа ги користеле за купување на злато, уникатни токени и купони од Валмарт супермаркетите.
Откако сајбер-нападите во кои се бараат криптовалути се во пораст, безбедносните служби се поагресивни во следењето и заплената на криптовалути кои често ги користат криминалците-хакери.
„Ова покажува дека дури и при софистицираните шеми на перење пари, трагата која се остава на блокчејнот овозможува полицијата да направи поврзување меѓу криминалниот чин и сторителите“, објаснува за Си-Ен-Ен Том Робинсон, еден од основачите на фирмата за анализа на криптовалути, Елиптик.
Извор – Радио МОФ