Компанијата „Акрон“ рециклира отпадно стакло и произведува филтри за базени и гранулат за пескарење за Америка!

- Advertisement -

Стаклото е материјал кој може да се рециклира неограничен број пати и да го задржи истиот квалитет. Секој стаклен предмет, штом му заврши употребниот век, автоматски станува секундарна суровина, од која може да се направи нов. Со рециклирање на еден тон отпадно стакло се спречува да бидат ослободени четири килограми штетни гасови во атмосферата.

Векот на разградување на стаклото е многу долг, над 4.000 години. Од друга страна, пак, еден тон рециклирано стакло заштедува и 42 киловат часови електрична енергија, 19 литри нафта, 2 кубни метри депониски простор, 603 килограми песок, 196 килограми Na2CO3, 196 килограми CaCO3 (варовник) и 70 килограми фелдспат. Сепак, и покрај тоа, се проценува дека околу 40.000 тони стаклена амбалажа кај нас завршува на депонија.

- Advertisement -

„Акрон стакло“ е првата компанија во земјава која се занимава со рециклирање на стакло. Александар Пенев, првиот човек на компанијата, вели дека во изминатите неколку години, не само што докажале дека рециклирањето стакло може да е добар бизинс, туку успеале да создадат и два нови брендови како финални продукти и да ги лансираат на светскиот пазар.

Новинар – Сања Наумовска

- Advertisement -

Г-н Пенев, кажете ни нешто повеќе за „Акрон стакло“. Која беше вашата идеја кога се одлучивте да започнете со ваков бизнис?

„АКРОН“ функционира од 2001 година како производител на мебел, препознатлив по вградените плакари со лизгачки врати, кои како тип на производ беа новитет на мекедонскиот пазар во тоа време. Нашите погони се во рамките на фабричкиот круг на старата Стакларница, која и ден денес е неофицијална дива депонија на стаклен отпад. И покрај тоа што во Македонија постоја мноштво фирми кои работеа со отпадни материјали, како отпадна хартија, пластика, лименки, отпадни метали од секаков вид, отпадни масла, дури и електронски отпад, работата со отпадно стакло се сметаше за економски неисплатлива и речиси целокупните количини кои се генерираа во државата завршуваа на депонии – легални или нелегални.

- Advertisement -

Проектот за третман на отпадно стакло го започнавме во 2016 година со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој. Идејата беше низ процес на преработката на отпадното стакло да добиеме производи со додадена вредност и на тој начин да ја направиме економски исплатлива.

Од каде ја набавувате суровината? Колку стакло се селектира годишно кај нас, а колку се претпоставува дека завршува на депонија?

Индустријата и домаќинствата во Македонија генерираат околу 50,000 тони стаклен отпад годишно. Околу 18 – 20,000 тона е амбалажно стакло (шишиња / тегли и сл), останатите количини се генерираат од т.н. индустриско стакло – рамно прозорско стакло, огледала, изолациони стакла како и стакло од  електронски отпад – телевизорски екрани, машини за перење, фрижидери (со стаклени врати) и сл.

Еколошките постапувачи како „Пакомак“ и другите го собираат исклучиво отпадот од пакување, односно амбалажното стакло. Тие имаат обврска да организираат и поддржуваат собирање на амбалажно стакло и дел од количините од нивните собирачки мрежи завршува во нашиот производствен капацитет.

Рамното стакло кое го преработуваме потекнува од поголемите фирми кои конфекционираат стакло и произведуваат прозори и други производи за ентериерни намени. Соработуваме и со еколошки постапувачи и фирми чија примарна дејност е електронскиот отпад. Со комбинирани напори вкупно околу 20 отсто од генерираните количини се рециклираат. Останатите завршуваат на легалните, но многу почесто на нелегалните депонии.

Објаснете ни го патот на рециклирање на стаклото?

Третманот на стаклото се врши во континуиран автоматизиран процес каде со различни сепаратори се отстрануваат сите нестаклени примеси. Со магнетни сепаратори се отстрануваат феритните (магнетизирачки) метали, со сепаратори со изменливо индукционо поле се отстрануваат немагнетизирачки метали (алуминиумски капачиња и сл.), потоа линијата е опремена со циклони, аспиратори и оптички сепаратори кои ги елиминираат другите нестаклени контаминати. Следи сушење во индустриска сушара, дополнително дробење и сеење на точна гранулација во зависност од потребите на нашите клиенти. Во зависност од степенот на контаминираност на влезниот материјал, капацитетот на линијата е до 30,000 тони годишно. 

Каква е свеста за рециклирање кај нас, што треба да се направи за повеќе да размислуваме за животната средина? Како Акрон може да придонесе во тој поглед?

Европската Унија јавно декларира дека во нашава држава има инвестирано над 80 милиони евра за чиста животна средина. Република Северна Македонија во своите предпристапни преговори, потпишани уште во минатата деценија, има преземено обврски дека до 2020, значи пред две години, 60% од генерираниот стаклен отпад ќе завршува во процесите на рециклажа. Ние сме се уште многу далеку од тој процент. Постои законска регулатива дека отпадно стакло не смее да се фрла на диви депонии, ниту во контејнерите за комунален смет, но имплементацијата на регулативата е слаба. Ако имаме предвид дека „Дрисла“, единствената депонија во државата која ги исполнува стандардите, наплаќа 50 евра по тон за депониран стаклен отпад, јасно ни е каде завршуваат најголемиот дел од количините на отпадното стакло. Се уште има големи фирми – создавачи на стаклен отпад кои не се ослободуваат од истиот на легален начин.

Свеста кај граѓаните и фирмите се создава со промотивни кампањи, но без соодветна имплементација и на законската регулатива резултатите ќе бидат незадоволителни. Се надеваме дека во наредниот период состојбите ќе се подобруваат. „АКРОН“ е една алка во синџирот, но без координирана активност на сите чинители во процесот, нема да ги имаме саканите резултати.

Во моментов, гранулатот го извезувате. За што се употребува понатаму? Имате ли ваше производство на финални производи?

Нашите производство е целосно извозно ориентирано, односно од отпад создаваме вредност и девизен прилив за нашата економија. Околу 90 отсто од пласманот е на северноамериканскиот пазар како репроматеријал во индустријата за вештачки мермери и гранити кои се користат во ентериерната индустрија.

Покрај извозот на гранулатот како репроматеријал, развиваме и финални производи под наши брендови. Кон крајот на минатата година го лансиравме брендот LEOBLAST® leoblast.com, стаклен абразив за индустријата за пескарење.


Сега сме во завршна фаза за лансирање на уште еден нов производ како интернационален бренд, AQUADEI, стаклен гранулат како медиум за филтрација на вода за базени и спа центри како и за филтрација течности во индустриски намени. Во соработка со Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје направивме испитувања на сорбентските карактеристики на нашиот производ при што добивме многу охрабрувачки резултати.

Покрај овие примени, нашите производи се употребуваат како репроматеријали во индустријата за производство на стаклени сфери, како и адитиви и филери во керамичката индустрија и во индустријата за производство на хигиенски средства.

Кои се вашите планови за иднина, како сакате да се развива компанијата?

Несомнено индустријата за третман на отпад има голема перспектива и ќе добива се повеќе на значење. Успехот на нашето работење како и остварувањето на веќе започнатите проекти во голема мера ќе зависи од општата состојба во нашата земја.

Сподели!
- Advertisement -