Во некои делови од Средоземјето тлото брзо пропаѓа, а земјата се претвора во пустина побрзо отколку каде било во Европската унија, покажа нова анализа. Експертите предупредуваат дека комбинацијата од неодржливи начини на третирање на земјиштето и климатските промени ги исцрпела ресурсите до критична точка.
Неодамната публикација на Европската комисија покажа дека до 70% од тлото во земјите од ЕУ ја губи способноста за вршење на клучните еколошки функции, пишува порталот ScienceAlert.
Плитките тла на Средоземјето се особено осетливи на продорот на морската вода, ерозија, суша и пожари. Всушност, во тој регион веќе е забележана највисоката стапка на ерозија во ЕУ и истовремено најниското ниво на органски материи во почвата.
Во меѓувреме, густата населеност во регионот резултира со изградба на нови големи бетонски и асфалтни улици и загадување со тешки метали и пестициди. Кога тлото е здраво, тоа ја складира и ја продира водата. На него се одгледуваат 95% од храната која ја консумираат луѓето, а кога ќе се случи деградација на тлото, основните животни процеси кои се случуваат во него не можат да функционираат нормално.
Деградацијата на тлото значи влошување на некои или на сите својства на тлото, со што тоа станува помалку погодно или е целосно неупотребливо за производство на храна. Деградацијата се јавува и како последица на влошувањето на физикалните, хемиските и биолошките својства на тлото, а резултира со салинизација, ацидификација, загадување на тлото, губење на тлото поради ерозија, губење на органски материи, намалување на биолошката разноликост или дезертификација.
Промените во земјоделските системи, заедно со останатите промени во користењето на земјиштето резултираат со критични нивоа на губење на тлото. Овие сознанија се особено загрижувачки затоа што медитеранскиот регион се карактеризира со извонредна биолошка разноликост со голeм број на ендемски видови.
Во оваа студија, која е првата што ги проучила и ги сумирала сите податоци за состојбата на тлото во европскиот дел од Средоземјето, се истакнува дека уште не постои посебно законодавство во ЕУ кое го штити руралното земјиште од урбанизација. Со проблемот со засолувањето на тлото не се занимаваат ни посебните политики во ЕУ, и покрај тоа што со студијата е утврдено дека тоа е голема закана.
Студијата е објавена во научното списание Science of the Total Environment.
(Zimo)