Роботот „Рикардо“ на Димитар Бежановски е open-source! Секој може да го добие кодот и да си направи свој!

- Advertisement -

Млад иноватор во ек на карантинот, кога многумина се досадуваа и не знаеа што со себеси, одлучи да реализира една точка од неговиот “bucket list”… Да направи робот. Ова е интервју со Димитар Бежановски, чиј робот по име Рикардо име повеќе функционалности од кои една од главните е детекција и следење на лица.

Новинарка | Љубица Ангелкова

За Ковид пандемијата луѓето тагуваа по слободата, а ти успеа да штиклираш една од твоите bucket list желби, да направиш робот…раскажи како се роди Рикардо?

- Advertisement -

Кога започна карантинот во првите неколку недели исто така и мене негативно ми влијаеше тоа ново нормално. Открив колку слободно време добивам и се одлучив да го искористам продуктивно и да посветам време на работи кои не сум можел да ги направам досега. Отсекогаш сум сакал да направам робот. Ми беше сон од детство. Па затоа одлучив дека периодот на карантин е идеалниот момент. Јас сум оптимист. па гледам како можам да го извлечам доброто од секоја ситуација. Така се роди Рикардо.

Твојот робот е 3Д печатен и има свое име, Зошто се одлучи за 3Д печатени компоненти и зошто баш Рикардо?

Кога го правев Рикардо, една од главните спецификации ми беше роботот да има делови кои можат да бидат брзо, евтино и лесно заменети или надоградени. Исто така да може ефективно да се дизајнира роботот со помош на 3Д софтвер. Кога ќе имате целосен 3Д модел од робот тогаш вие лесно може да го рекреирате. Можете и да го дадете моделот на луѓе кои се наоѓаат на другиот крај на светот и тие ќе можат лесно да направат идентична верзија на вашиот робот. 3Д печатење има многу придобивки. Го правите моделот во софтвер и оставате машина да го изработи физички на место вие рачно да го изработувате. Со ова се забрзува целиот процес и е доста скалабилно.

- Advertisement -

Која е специјалноста на Рикардо?

Рикардо има повеќе функционалности. Една од главните му е детекција и следење на лице. Ако ви го детектира лицето тој ќе се придвижи кон вас. Доколку вие одите кон него тој ќе се врати назад. Ако се поместите лево или десно тогаш тој ќе се ротира кон вас се дури вашето лице не му е во центар на погледот. Се дури ви го детектира лицето тој ќе биде свртен кон вас и ќе ви ги следи движењата. Рикардо исто така може рачно да го контролитате преку WiFi конекција со лаптоп или смартфон. Тој исто така има можност да емитува звуци на FM радио фреквенции. Вие одбирате која фреквенција и кој звук ќе го емитувате. Емитувањето работи на неколку стотици метри. Исто така Рикардо има вграден ласер кој достигнува далечина од 6 километри. Би рекол дека друга специјалност на Рикардо е тоа што е open-source и кој што сака може да го разгледа кодот па дури и комплетно да изработи сопствен Рикардо.

Освен оваа функционалност, твојот робот може и рачно да се контролира преку лаптоп каде имате поглед од камерата во живо. До кој периметар може да се следи мануелно?

Тоа се зависи од типот на конекцијата. Со Рикардо може да воспоставите конекција на два начини. Едниот е ако нема познат WiFi рутер во близина, тогаш Рикардо сам станува WiFi пристапна точка на која може да се поврзите. Ако тој е случајот тогаш периметарот е до 100м на отворено. Доколку има позната WiFi конекција во близија тогаш Рикардо се поврзува на неа. Ако таа WiFi конекција има повеќе пристапни точки, како пример кампус, тогаш теоретски вие можете да го контролирате Рикардо се дури тој се наоѓа на тој кампус.

- Advertisement -

Вештачката интелигенција секогаш е прва асоцијација кога станува збор за роботите. Како стоиме со Рикардо по ова прашање?

Рикардо имплементира детекција и следење на лице со Виола Џоунс алгоритамот. Овај алгоритам е доста брз и може да се користи на уреди со помала процесирачка моќ. Рикардо користи Raspberry Pi кој е уред кој нема посебна графичка картичка која е потребна за понапредна вештачка интелигенција. Рикардо има доволна способност за вештачка интелигенција но е сепак хардверски ограничен за процесирање.

Рикардо наскоро добива конкуренција, работиш на нов робот. Во што ќе биде разликата?

Бидејќи Рикардо е хардверски ограничен, новиот робот кој што го правам користи Jetson Nano од NVIDIA. Тоа е уред кој има вградена графичка картичка со CUDA јадра на која можете да правете понапредни пресметки. Новот робот е напредна верзија на Рикардо во секој поглед. Има понапредни сензори спрема Рикардо. Како на пример Лидар сензор кој скенира 360 степени и може да мапира препреки. Телото на новиот робот е два пати поголемо од на Рикардо и користи четири независни мотори што се со гасеници кои му даваат флексибилност при нерамен терен. Новиот робот е далеку по издржлив за секакви терени за разлика од Рикардо. Тој има метална шасија врз која се монтира 3Д печатеното тело кое го имам дизајнирано. На овој начин роботот е по издржлив на терен а исто така останува модуларен заради 3Д печатените делови. Ќе има функционалности како следење на објект и автономно движење низ простор со цел да се стигне до крајна точка. За новиот робот ќе направам подобра документација со цел секој лесно да може да научи или да помогне со проектот.

Што ти недостига тука при реализирање на идеите или може да се најде сѐ?

Главна препрека е тоа што во Македонија нема делови за ова што го правам. Ги порачувам од веб-страни од странство и најчесто треба до два месеци за да пристигнат. Тоа е голема препрека кога ќе ви треба ситно делче кое е е доста евтино а не можете да го најдете во државата. Мора да се има целосен план за сите делови што ќе се потребни за еден проект. Некои делови ги има во Македонија но нивната цена е минимум три пати повеќе од вистинската.

Ти си личност која несебично сака личното знаење да го сподели со други. Па така кодот за Рикардо е open-source и е достапен за сите да го видат и да го испробаат. Која ти е целта?

Споделување на знаење е една од најбитните работи ако сакате да се само-надоградите. Ако го споделите знањето добивате можност да запознаете луѓе кои имаат слични интереси како вас. Така може да добиете повратна информација за што може да подобрете и да научите нешто ново. Сакам да се развие заедница во нашата држава каде студенти ќе можат да иновираат со роботика. Единствен начин преку кој го гледам тоа да се реализира е ако ваквите проекти се јавно достапни со цел секој да може да го види кодот и да проба да направи сопствен робот. Или пак да се приклучи на некој постоечки проект за изработка на робот. Со ова студенти и ентузијасти ќе имаат директен начин да научат и да придонесат кон развој на таква заедница.

Работиш како developer во Sample Solutions. И паралелно студираш на ФИНКИ. Каква ти е екипата во компанијата и дали ФИНКИ е толерантен за студенти кои работат, иновираат и саката паралелно освен на студиите да де посветат и на своите соништа?

Во Sample Solutions сум скоро една година. Имам работено за неколку компании, но досега не сум сретнал тим од супер-кул личности и позитивна работна атмосфера. Секој ден е одлично искуство. Навистина дум среќен во тоа опкружение и сакам еве тука да ги поздравам сите мои колеги.
Студент сум на ФИНКИ и се дека наставата се одвива онлајн, тогаш е доста изводливо да се работи паралелно. ФИНКИ како институција има уште долг пат за напредок, да стават проактивни за поддршка на студенти кои иновираат и сакаат паралелно да започнуваат кариера, но има и доста професори и асистенти кои ги поддржуваат вашите идеи и цели и можете да имате супер соработка со нив. Благодарение на нив, можам.

Сподели!
- Advertisement -