„Светот на Биби“ потпиша договор со британскиот дистрибутер „Видеоплагер“

- Advertisement -

„Светот на Биби“ почнува да ги освојува надворешните пазари. Од оваа недела и официјално, британскиот дистрибутер „Видеоплагер“ го стави македонскиот анимиран серијал во своето портфолио. „Видеоплагер“ го има ексклузивното право за дистрибуција на анимираната серија на европските и светски пазари. Листата на клиенти со кои соработува оваа британска компанија е голема, дел од нивните содржини се емитуваат на најголемите национални европски телевизии (РТЛ, БиБиСи, РАИ, СВТ, ЦБС…) како и на најпознатите стриминг платформи „Нетфликс“ и „Ејчбио“.

– „Светот на Биби“ е најновото дополнување на нашето портфолио од Македонската аудиовизуелна индустрија која континуирано расте. Забавната 2Д анимирана серија секогаш, меѓу редови, испраќа интелигентни и едукативни пораки. „Светот на Биби“ со сигурност ќе ги привлече и радиодифузерите (телевизиските куќи) и стриминг платформите со својата едукативна и забавна вредност. “ – изјави Емануел Галони, директорот на „Видеоплагер“.

- Advertisement -

Откако продукцијата излезе на регионалните пазари во Албанија и Србија, со потпишувањето на овој договор, од продукцијата очекуваат и пошироката јавност да го запознае овој македонски анимиран серијал.

– „Светот на Биби“ е анимиран серијал кој се работи според светски стандарди, иако е целосно македонски производ. Едукативниот карактер и вредностите кои се промовираат во овој серијал ги исполнуваат барањата на европските телевизиски куќи. Децата од регионот веќе ги запознаваат ликовите преку содржините на српски и албански јазик. Се надеваме дека и европските гледачи ќе се вљубат во Биби, Боби и нивната дружина. „Видеоплагер“ се вистинските партнери во овој процес, особено со оглед на нивниот досегашен успех во дистрибуцијата на содржини за деца од регионот и од Македонија. По македонската, време е и европската и светска публика да се придружи во најпрекрасниот свет – Светот на Биби!“ – велат од продукцијата.

- Advertisement -

„Светот на Биби“ досега успешно се претставија на неколку фестивали и саеми во Франција и Финска каде добија највисоки оценки како за анимираната серија, така и за сеопфатноста на проектот преку понуда на едукативни изданија, книги и играчки.

Сподели!
- Advertisement -