Над 70 проценти од е-продавниците не продаваат на други пазари, покажува анализата изработена од страна на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), во соработка со Српската асоцијација за е-трговија.
Според анализата, најчести предизвици со кои се соочуваат е-трговците кои продаваат на други пазари се царинските давачки и процедури, административните потешкоти, проблемите со достава и различните регулативи и процедури на секој пазар. Постојат и други предизвици како што се ниските дигитални вештини кои се предуслови за е-трговија, недостатигот на разбирање за различните царински и административни процедури, техничките прашања, како што се повеќејазичните веб-страници и поддршката за корисници, различните валути, високите девизни курсеви од банките и платежните инструменти итн.
Анализата е направена со „Мистери шопинг” на репрезентативен примерок од 160 е-продавници од ЦЕФТА. Спроведени биле и 44 интервјуа со претставници на е-продавници со цел мапирање на причините, нивната природа и оправданост за рестрикциите односно практиките за гео-блокирање. Изработката на анализата е поддржана од Секретаријатот на ЦЕФТА.
Сознанијата од анализата беа презентирани на онлајн состанок организиран од Секретаријатот на ЦЕФТА, на кој присуствуваа близу стотина учесници од регионот меѓу кои претставници на владини институции, невладиниот и приватниот сектор.
Акциониот план за Заеднички регионален пазар 2021-2024 година на ЦЕФТА предвидува слободно движење на производи и услуги во ЦЕФТА регионот и доближување до веќе постоечкиот модел на т.н. Единствен пазар на ЕУ.
Реализирањето на активностите од Акциониот план, меѓу кои е и отстранувањето на неоправданите практики за гео-блокирање, треба да овозможат домашните купувачи да имаат поголем избор и да можат да нарачуваат онлајн од продавници од регионот, а домашните е-трговци да стигнат до поширока база на купувачи од регионот.